Заевизмот како највисок стадиум на Груевизмот

А за „молбите“ на тираните, знаеме дека често се замешани и со принуди.
Платон: Писмо до Дион од Сиракуза (IV век пр.н.е.)

Македонските граѓани, како никогаш досега во историјата, ја имаат најлошата Влада досега. Системски коруптивна Влада направена од лузери на парламентарни избори, не може да продуцира ништо друго освен пораз. Пораз до пораз на секој чекор. Први сме само по загадување, класна раслоеност и сиромаштија! Нашиве домашни властодршци одбиваат дури и да им се спомене некакво праведно државно уредување или добро владеење, со закони кои ќе важат подеднакво за сите „од колибата до престолот“ – а коешто Платон го означуваше со терминот изономија. Оти, ситни и неслободни души кои, заслепени од своите профити, не познаваат ништо што е добро и праведно за иднината или за сегашноста, милуваат да се грабаат до таква незаслужена добивка или јавна функција, притоа станувајќи алчни и груби.

Еден народ станува славен и ценет тогаш кога Законот, а не премиерот, ќе стане главен владетел над луѓето! Баналните владини начини на комуникација со јавноста, особено кога станува збор за јавниот интерес, дека „сè е согласно Уставот и законите“, извршија еден истоштувачки кружен тек низ сите пропагандни машинерии и портпаролски кокодакања кај старо-новава владејачка гарнитура (бидејќи со ДУИ + Амди и компанија + Началникот + пребеганите вмровски пратеници и други пониски ешалонски пацови, легитимно станува прашањето дали е ова нова или стара клапа на властодршци зачинета со конвертити)!?

Кафезот на социјал-демократскиот шаблонизиран начин на механицистичко мислење ни вели дека тие донеле „историски договор“, алудирајќи на илегалниот и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Република Грција и „Втората страна“, со која сакаат – за вјек и вјеков – да го забранат името Македонија, но само во Република Северна Македонија (а не и во Грција)!? Овие испервертирани умови, кои после испорачаниот резултат за прекрстување, веќе си имаат обезбедено угледни интернационални службенички кариери низ разно-разните меѓународни организиции по белиов свет – а за кои ви тврдам дека, по некоја година, ќе ги бараме со потерници за сторениот антидржавен криминалитет од најсериозни размери – никако да сфатат дека „историјата“ на која тие алудираат не е некоја апартна персона која се служи со Човекот како со средство за да ги оствари своите повисоки (натовски/европски) цели, туку дека Историјата не е ништо друго освен човекова активна дејност што стреми кон своите прогресивни цели. А нема ништо прогресивно во самоукинувањето! Напротив. Тоа е највисок облик на регресија.

 

Уште од Антиката до денес – Сократ, Платон, Аристотел и другите мудреци, го дефинирале обликот на политичко владеење кое не ферма ни устав, ни закони, ни процедури, ни морал, ни етика, ни обичаи – само со еден единствен збор: Т и р а н и ј а!!! Значи, таа е таков изопачен и дегенеративен облик на државно уредување којшто многумина антички и средновековни автори, како и плејада познати философи, правници и политиколози го сметале за најлош облик на владеење. Не ни требаат научни методи да забележиме дека нашиве властодршци немаат никаква мерка во раскалашеноста, подмитливоста и тендерашењето, па овие скандал-мајстори повеќе ги перцепираме како вљубеници во парите, фејк-гламурот и страстите, отколку во доблестите.

А политиката, драги мои, е вештина на можното! Тиранијата, како политичка форма, во целокупната човекова историја од дедо Ное до денес, ги има следниве четири универзални одлики – кои се апликативни и за последново двегодишно владеење на СДС(С)М. Притоа, сите политолошки сличности наведени подолу не се воопшто случајни, туку застрашувачки и истите можат да имаат драматично отрезнувачки ефект по „граџанството“:

1) доминација на приватните и бизнис-интереси – тиранинот управува исклучиво за свој профит и според личната волја, ќеиф и табиет, а не според општиот интерес на заедницата или пошироките државни интереси. Тој владее спротивно на народната волја (пр. форсирање на противправни уставни измени и покрај неуспешен референдум без остварен цензус); или владее тотално „надвор од законите“ – непочитувајќи ги ниту пишаните, ниту непишаните правила на цивилизирано однесување при постапувањето на јавните власти. Ова отсуство на секаква контрола и баланс во владеењето, кога-тогаш, неминовно резултира со негово карактерно расипување и склоност кон организиран криминал и енормно висока корупција која, пак, доведува до прекумерно богатење, ирационално луксузирање и неказнивост на неговата расипана олигархиска свита, и тоа во ситуации кога мнозинството од народот тоне во беда, апатичност и сиромаштија.

2) арбитрарност и стаховлада – тиранијата е владеење без согласност на владеаните, односно тиранинот владее „спротивно на волјата на потчинетите“, најчесто применувајќи отворена физичка сила или прикриено структурно насилство (инспекции/полиција/апсење/притвори/судења/затвори/тајни служби /конц-логори и сл.) врз своите политички противници и опоненти. Ова придонесува за постоење на една општа клима на страв и правна несигурност на граѓаните, дека било кој од нив може да биде следниот во низата малтретирани неистомисленици. Од една страна, тиранинот е присилен од ден на ден да ја зголемува строгоста на своето владеење – за да опстане што подолго на власт; a, од друга страна, токму со таквото силеџиско владеење само го зголемува револтот и придонесува да расте движењето на Отпорот, правопропорционално со бројот на своите потенцијални политички непријатели, кои би сакале да го видат соборен од власт поради претрпените неправди.

3) напната завереничка атмосфера – тиранинот има параноичен страв од тоа да не ја загуби власта, оти тогаш ќе му се суди за направените злодела, па несекаде измислува внатрешни или надворешни непријатели (странски замешателства, велеиздајници, државни непријатели, агенти, пучисти, руски шпиуни, терористи и сл.). Тој поседува ирационален страв од евентуална насилна смрт – па, плашејќи се од можен атентат или државен удар, во сите и во сè гледа закана и потенцијална опасност или заговор. Поради тоа, тој е опкружен со многубројна вооружена стража, гардисти и телохранители, но за сметка на тоа – кај него нема никаква животна радост и душевна среќа, а неговата внатрешна психолошка состојба хеленскиот автор Ксенофон, во своето дело За тиранинот, ја опишува како мошне „очајна“.

4) некадарна администрација од потемкиновци – тиранинот, конечно, е опкружен со чиновници-подлизурковци (очајна пи-ар служба, неспособни твитерџии-советници, кариеристички контрапленумци, фотељашка ен-џи-о-вштина и сл.). Нивните усти се полни со ласкања, додворувања, лажни пофалби, хвалоспеви и панегирици. Тие секојдневно и без услул го величаат „ликот и делото“ на владетелот, а најстрашното е тоа што и тој самиот знае дека она што му го благоглаголат овие недоквакани бирократи, едноставно не е точно и нема допирни точки со реалноста – што, пак, го прави уште понепресметлив во своите идни политички потези, кои не ретко ја шокираат јавноста.

***

После вака дадената политиколошка кроки-скица на сите тирании во светот, меѓу кои ја вбројуваме и нашата, со жалење мораме да констатираме дека идеалите на испарената Шарена револуција, во која надежно скандиравме #НемаПравдаНемаМир, беа реална општествена промена, а не замена на еден Режим со друг, десетпати позабеган од претходниот. Затоа, немојте нам да ни ги продавате овие старудии препакувани во нов целофан! Тој филм веќе го имаме гледано. Репризно, еве веќе трета деценија. И, искрено, веќе ни е пукнат.

Впрочем, перфидноста на заевизмот, како ендемична форма на западно-балканско јенки-вазалство, е тоа што тој е само навидум погалантен и поелегантен од груевизмот – кој беше погруб, посилеџиски и повулгарен – но, позади сцената, е далеку поодмаздољубив и пореваншистички. За разлика од груевизмот, заевизмот – појачан со молкот на купените салонски „интелектуалци“ и провладино „невладините“ сороспии – не ве фаќа за гуша и не ве исфрла од врата, туку порадо ви создава такви животни непријатности, што вие самите, божем доброволно, ќе си излезете низ покажаната капија. Оти, во спротивно, рекетарски ќе треба да ве изнесат низ прозорецот.

Затоа, апологетот на Власта е принуден да ја фалсификува хронологијата на сегашниов живот. Кога тој, улижувајќи му се на Премиерот, вели дека тој „ѝ се предава на државничката политика“, всушност заборава да ни каже дека тој, секогаш одново и одново, ја заробува политиката во својата нова граѓанска религија – натофундаментализмот. Дека Државата, кај него, служи како извршител на општествената милитаризација, за сметка на бавното распаѓање на здравството, школството и социјалата.

Проѕирноста на оваа неолиберална феудална властелинска шема се егзалтира од чудотворната моќ на „перото“ на неколкумина купени уредници, водители, новинари и колумнисти, кои како наводно независни опинион-мејкери – кркајќи си државни парички за божемна иновативност – го убедуваат народот дека заевизмот vis-à-vis груевизмот е, всушност, едно еволутивно скалило понапред, а не поназад во општествениот напредок!? Но, на овој веќе виден и приземен начин, овие медиумски корумпирани ликови си ги штитат сопствените привилегии и го зачувуваат привидот дека политизираат, а во суштина клиентелизираат.

Тие, на еден приземен и подземен сапрофитски начин, само го репродуцираат прочуениот и масовно распространет начин на бандитско преживување во оваа „разбојничка дружина“ (Св. Августин) која глуми дека е држава, а во која владеењето на законите е замнето со владеењето на министрите, генералните секретари и нивните партиски пајташи. Затоа, речено во еден рациновистички дух, ми се чини дека работата насочена кон политичко рушење на овие неподносливи општествено-економски услови е многу попродуктивна, отколку работата под нив. Тоа ми е последниот Резултат!

 

Авторот е универзитетски професор по право