Рударска индустрија – за компаниите богатство, за граѓаните отров

И покрај засилената пропаганда на корпорацијата Еуромакс Ресорсис, за чија лиценца Владата пред неколку месеци објави дека постојат повеќе правни основи да биде одземена, истражувањата кои се достапни во медиумите сериозно ги демантираат тврдењата на оваа контроверзна компанија за економскиот бум кој би го реализирала со минимални последици врз животната средина. Покрај тоа што во јавноста се шпекулира дека имињата на еколошките експерти ангажирани од оваа компанија претходно се среќаваат и во други контроверзни проекти, како магистралниот пат и комплексот хотели во националниот парк „Галичица”, податоците кои беа објавени деновиве покажуваат дека рударската индустрија има незначителен импакт врз развојот на економијата во државава.

Од анализата на бројките произлегува заклучокот дека сите 12 концесионери кои експлоатираат метални руди во државава во 2017 година  уплатиле само 4,95 милиони евра или 2,74% во државната каса како надоместок за концесијата, додека пак, дури 38% им останале како профит, односно 68,9 милиони евра. Односно за компаниите богатство, а за државата трошки.

Овие 12 концесионери, пак, вработуваат вкупно 2.175 луѓе, што е далеку помалку од бројките со коишто рударските здруженија лицитираа во јавноста и достигнуваа и до 13.500 вработени. Додадената вредност што ја создаваат изнесува 108 милиони евра и тоа значи дека уделот на активните рудници за метални суровини во вкупниот бруто домашен производ (БДП) е само 1,3%. За споредба, додадената вредност на секторот земјоделство, шумарство и рибарство, според податоците од Државниот завод за статистика, изнесува 923,9 милиони евра, што е осум и пол пати повеќе отколку додадената вредност во секторот вадење на метална руда и учествува во БДП со 10,9%

Токму непоправливото загадување со опасни материи и уништување на почвата и водата е една од главните пречки локалното население да го прифати најавениот рударски проект во овој крај, чија животна егзистенција директно зависи од земјоделието, со оглед на фактот дека една третина од земјоделските производи во државава доаѓаат токму од овој регион. За контроверзноста и штетите кои ги предизвикува работењето на приватните рударски компании говори и фактот дека државата се уште нема усвоено Закон за максимум дозволено загадување на почвата поради силното рударско лоби, со што рударските компании можат непречено, неконтролирано и неказнето да загадуваат. Податоците за почвата во околината на Пробиштип, каде има рудници од затворен коп, покажува  дека таму се наоѓа најзагадената почва во Европа. Иако секоја стопанска активност е поврзана со одредено нарушување на квалитетот на животната средина, експертите предупредуваат дека рударството и металургијата се при врвот на списокот на активности кои имаат негативно влијание.

Иако актуелната влада на СДСМ стекна политички капитал со својата бомбастична предизборна кампања и гласните ветувања дека рудници во Југоистокот нема да има, сѐ  уште не е на повидок затворање на рудникот Иловица – Штука. И после една година од локалните избори, силниот отпор и протести од локалното население и најавената радикализација од иницијативата „Здрава котлина”, оваа Влада сѐ  уште калкулира со инвеститорот Еуромакс со најави за формирање независно тело (изјава која беше демантирана и отфлена од „Здрава Котлина”) и потфрли да ги изгласа измените за Законот за минерални суровини со кои се забранува употреба на опасни материи при експлоатација на нови рудници.