Државата како заштитник на шовинизмот
Денес е покрената постапка за кривично гонење на Миленко Неделковски за говор на омраза. Ова е како резултат на неговото грозоморно ликување за пожарите во Атина летово. „Лицето се товари преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Имено, осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години“,- наведуваат од обвинителството.
Говорот на омраза како кривично дело единствено мора да се гледа преку релацијата на моќ, а не само како изразување на омраза како што беше заклучено во колумната на Гораст Муратовски. Имено таму беше искористен цитат од Стукли Кармајкл кој е релевантен секогаш кога се разгледува ова прашање “Ако белецот сака да ме линчува, тоа е негов проблем. Ако тој има моќ да ме линчува, тоа е веќе мој проблем. Расизмот не е прашање на став, туку прашање на моќ”.
Ако се разгледа „кариерата“ на Миленко, или како и да се нарекува плукањето по се што не е православен конзервативен Македонец маж, тој со години го врши ова кривично дело т.е. говор на омраза. Низ годините тој се ситеше на нападот на кафулето „Дамар“ кое беше познато како збирно место на ЛГБТ заедницата за што Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ поднесе кривична пријава, пишуваше расистички ставови према Ромите до степен што сегашниот пратеник Самка Ибраимоски организираше протест повикувајќи Миленко кривично да биде гонет по истата основа за која денес е покрената постапка, изјавуваше крајно шовинистички ставови према Албанците, жените и се што е маргинализирано по било кој основ во нашата заедница. Досега, државата нема мрднато со мал прст да го санкционира ваквото однесување.
Од одлуката да изреагираат вака државните институции, имајќи ја во предвид актуелната политичка ситуација, може да се заклучи дека ова е дипломатски чекор кој само го ескалира вазалскиот имиџ на власта. Од друга страна, гонењето на Миленко за шовинизам према грчкиот народ, а не за целиот шовинизам, омраза и повици за насилство што ги има искажано низ годините, претставува шамар за сите останати кои се нашле на удар од страна на Миленко низ годините. Овој акт денес на државата претставува легитимизирање, валоризирање и поддршка на се што претставува Миленко Неделковски.