Национално помирување или СДСМ-ДПМНЕ

Суштинскиот раздор во интересите никогаш не бил и никогаш нема да биде пресликан во раздорот кој постои помеѓу СДСМ и ДПМНЕ. Стратешкиот интерес на овие две партии е стратешкиот интерес на една цела класа, на буржоазијата, што се наоѓа во криза, чија што тридецениска политика на „раздели па владеј“ што ја спроведуваше врз работничката класа во Републиката сега неа и се враќа, попречувајќи ја да го спроведе Преспанскиот договор.

Целта на буржоазијата, во Македонија и надвор, е Македонија да влезе во НАТО. За да ни стане тоа јасно за македонската буржоазија, доволно е само да се фрли еден поглед на програмите на бизнис партиите. Сите се согласуваат на една точка, „евроатлантските интеграции“, а ретко за што друго ќе се најде толку јасно поклопување кај нив (како што е примерот со приватизацијата). А за да ни стане тоа јасно и за буржоазијата надвор од Македонија, доволно е и да се потсетиме колку надворешни политичари, претставници на бизнис партии, ја посетија Македонија баш пред референдумот.

СДСМ се спремни да ги амнестираат ДПМНЕ, само за да ги остварат интересите на буржоазијата. Националното помирување го гледаат како помирување помеѓу своите партии. Заев е спремен да го прости и 27-ми април, нешто што на верен поддржувач на СДСМ му звучи нереално. ДПМНЕ и ќе се нафати да ги спроведе уставните промени, за да не заврши во затвор. А пред своите финансиери, двете партии ќе останат чисти, спроведувајќи го нивниот интерес.

Но, тоа што претставува пречка е јавноста. Работничката јавност, бидејќи мнозинството секогаш е работничко, е против Преспанскиот договор, против влез во НАТО и против Уставните промени. Спроведување на НАТО-агендата во една ваква политичка констелација може да биде погубна за рејтингот на Владата и на ДПМНЕ – единствената друга варијабла, настрана интересот на своите финансиери, што фигурира во нивните пресметки. Да не беше рејтингот во прашање, Уставот веќе ќе беше променет, Преспанскиот договор ќе беше спроведен, а Македонија ќе беше на сигурен пат да стане членка на НАТО.

За работничката јавност, НАТО е поим за воен сојуз кој ги спроведува интервенирачките (читај: империјалистички) политики на Западот. ЕУ, пак, е апстрактен концепт: единствен пазар, кој олеснувајќи го животот на нивните газди, некако магично ќе го олесни и нашиот (попознато како митот за trickle-down економија). Затоа и никој не верува дека ситуацијата може да се подобри доколку Македонија влезе во НАТО или во ЕУ, туку се верува дека полесно ќе можеме да се иселиме од Републиката. Кампањата „За“ ќе беше поефикасна ако ветуваше дека со влезот во ЕУ, ќе можеме да работиме во странство.

Впрочем, работничкиот интерес е многу едноставен. Непосредно, ние сакаме можност за работа, повисоки плати, пократко работно време, поголемо учество и право на одлука во процесот на производство, поголемо достоинство. И тој интерес, се повеќе станува јасно, дека бизнис партиите како СДСМ и ДПМНЕ нема да го остварат.

Затоа, јасно е дека националното помирување во име на националниот интерес е фарса. Напротив, станува збор за помирување помеѓу двете најголеми бизнис партии во име на бизнис интересот на буржоазијата, додека на работничкото население повторно му се негира заслужениот дел од колачот. Затоа, оваа пленарна седница е ништо повеќе од обид за обединување на бизнис партиите против работничката класа и кој мора да биде спречен од работничката класа.