Груевистичкото поистоветување – евтин ескапизам на критизерите

Врз „слободната“ и „независна“ мисла има монопол. Таа припаѓа на група самопрогласени интелигентни, интелектуални, слободоумни луѓе, кои навидум гаат љубов кон критичката мисла, кои гласно ги фалат работите кои чинат, а уште погласно им пркосат на нештата кои не чинат, кои стојат против секој криминал и против секоја неправда, без разлика на контекстот и сериозноста. Тие се критизерите, вечните коректори на власта, секогаш „објективни“, секогаш „непристрасни“ и секогаш „независни“.

Нивната критизерска мисла (секако дека не е критичка) функционира на следниов начин. За нив, ние единаесет години живеевме во „режимот“ на ДПМНЕ, олицетворен во Груевски и Мијалков. Живеевме во заробена држава, држава на партиски вработувања, уцени, криминал, цензура, авторитарност, полициска бруталност, сиромаштија. Денес, магично, сето ова го снема, се разбира со нивна помош, но не е исчезнато. Демне зад аголот, чека да направиме грешка и да се врати.

Затоа, мораме да бидеме многу претпазливи. Мораме секој чекор на Владата кој не е „погрешен“ (они ќе ни кажат што е погрешно, а што не е!), да го пофалиме. Ако не сме благодарни на тоа што сега го имаме, можеби ДПМНЕ ќе се врати.

А имаме и слобода да се побуниме и таа треба да ја користиме, за да не се врати „режимот“. Ако случајно Владата погреши, смееме гласно да потенцираме дека СДСМ се служи со ГРУЕВИСТИЧКИ тактики и да побараме да престане тоа да го прави. Отворање рудници на смртта, градење гасовод низ Водно, давање дозволи на приватњаци да градат згради кај сакаат, апсење на канабис-активистки и анти-нато демонстратори – тоа се ГРУЕВИСТИЧКИ методи на владеење и сите заедно мораме да викнеме дека, да, навистина се ГРУЕВИСТИЧКИ и мораат да запрат.

И овие критизери немаат намера да одат подалеку од ова. Безбедно е, во комфорт зоната е, да наречеш некој Груевист. Но, ако претендираш да бидеш „прогресивен“ граѓанин, не е лесно да кажеш, јасно и гласно, дека таквите политики немаат врска со Груевски. Не е лесно да кажеш дека СДСМ истите политики ги водеше многу пред Груевски да дојде на власт (впрочем, баш поради тоа и дојде Груевски на власт!) и ќе продолжи да ги води и понатаму. А најтешко е да кажеш дека никаков камшикар од страна нема да ја промени оваа 27 годишна фарса.

„Слободата“ и „животот“, ако веќе нивната суштина не стана доволно јасна, ако сарказмот остана несфатен и ако термините бараат допрецизирање, се новите еуфемизми за една крајно ефикасна диктатура. Таа диктатура е ефикасна бидејќи константно репродуцира два навидум контрастни поларитети: власта која сега не води напред, кон светлата иднина, кон прогресот, и власта од минатото која е ретроградна, која не кочи, и која што во секој момент може да се врати.

Така Груевски владееше единаесет години, така и сега Заев се труди да си го задржи оној мал рејтинг кој не му се изгуби неповратно со целиот референдумски циркус – ширејќи ваква заканувачка реторика. А овие критизери сакаат да го игнорираат тоа. Тие би да не убедат дека, ако само се замени криминалецот на власт со некој „чесен“, „морален“, „домаќински“ лидер, дека се ќе биде во ред. Се додека Заев не е Груевски, се ќе биде во ред и сите ние заедно имаме должност да му помогнеме да не стане тој зол диктатор, како оној што единаесет години не владеше.

И тука станува јасна целта на овие ликови. Тие немаат никаква намера да го отстранат од општеството она што го нарекуваат Груевизам. Тие никогаш нема да застанат против Заев, онака како што застанаа против Груевски. Тие нема да направат нова шарена „револуција“, нема да викаат „нема правда, нема мир“, нема повторно да протестираат, нема да не убедуваат да гласаме за ДПМНЕ само за да падне СДСМ, како што не убедуваа да гласаме за СДСМ само за да падне ДПМНЕ.

Не, тие си имаат свој интерес кој стремат да го отстварат, интерес кој го кријат зад некаква си политичка заинтересираност. Без разлика дали добиле вработување, позиција или тендер од новата власт, или едноставно сакаат да си ја оддржат личната популарност и репутација во јавноста, тие немаат никаква намера да градат подобар свет, туку да ги злоупотребуваат недостатоците на постоечкиот. Таквите најмалку се „независни“ и „непристрасни“, туку се на страната на оние против кои навидум се борат и прават илузија дека имаме демократија, имаме слобода, имаме права, криејќи се зад „груевистичкото“ етикетирање. А во меѓувреме, на нашите протести и борба, оваа „демократска“ и „слободарска“ власт останува глува.

Автор: Јован Крајевски, член на Централниот Комитет на Левица