Светот и Македонија пред вратите на фашизмот

Додека буржоаските економисти не’ убедуваат дека светската економија се опоравува после економска криза од 2008- та година, сепак, финансиската криза се продлабочува т.е рапидно се задолжуваат земјите од вториот и третиот свет, а земјите на првиот свет повторно се вртат кон економскиот протекционизам на царините и звечкањето на оружјето.  Монетарниот систем има темпирана бомба во своите темели која на секои неколку децении експлодира. Но, секоја експлозија е фатална за постоечкиот систем, затоа што води кон конечна, последна експлозија. Империјализмот е последен стадиум на капитализмот. Следи социјализам, или варварство…

Капитализмот, длабоко навлезен во фазата на империјализам,  џокерите за свое себеобнувување ги троши забрзано. Некои цокери се веќе искористени:

  • Тешко дека ќе има сеопшта војна како Првата и Втората светска војна. Центалните сили и Антантата, Оската Берлин-Рим-Токио и Сојузниците не располагаа со разорното оружје кое денес може да го уништи светот во рок од само неколку денови.
  • Државна интервенција на задолжените земји од првиот свет, не може да направи пресврт како што направи New Deal-от од средината на минатиот век во САД или државата на благосостојба во Западна Европа во првите 3 децении после втората светска војна.
  • Капитализмот својот опстанок го обезбедува преку тоа што постојано трага по нови простори за пласирање на своите производи и нови простори од кои ќе црпи ресурси и евтина работна сила. Сега, капитализмот нема нови простори кадешто ќе може да се шири ( како што беше случај во 90-тите години на минатиот век во  Источниот блок, Неврзаните, Земјите од Третиот свет и Кина).

Од она што досега го прави капиталистичката класа во разните држави, видливо е само тоа дека работниците го плаќаат цехот. Единствено врз грбот на работничката класа  ги товарат  „фискалната дисциплина“, „мерките на штедење“ и нужноста од сѐ поголема „флексибилност на пазарот на труд“ – фино спакувани еуфемизми кои грубо ќе го погодат народот, ќе го осиромашат и заглават во сѐ поголема беда, мачнина и невработеност. Притоа, дали со сегашната буржоаска пропаганда ќе се протуркаат реформите, или со примена на гола сила, сето тоа зависи од силата на отпорот т.е. зависи од организираноста на работничката класа.

Фашизмот може да се појави и превентивно, со цел навремено гаснење на секакво револуционерно жарче. Но, доколку се исполни втората варијанта, т.е. доколку работничката класа покаже знаци на вистинско заживување и направи реални чекори кон обединување и омасовување во големи генерални штрајкови и во големи работнички партии, тогаш на сцена ќе стапи голата сила, единствена надеж на капитализмот за негово опоравување, а тоа е вистинскиот, разголениот, без никаква шминка – фашизам!

Не мора да се оди назад во периодот меѓу двете светски војни, за да се увиди дека фашизмот до скоро беше и се’ уште е актуелен на меѓународна сцена. После Втората светска војна, секаде кадешто имаше изгледи за успешни пролетерски револуции, или секаде кадешто на власт имаше просоветски влади, западниот капитализам, предводен од САД, вршеше воени интервенции, организираше пучови и извршување егзекуции, а онаму каде беа успешни упадите – по правило ставаше диктатури со антикомунистички, профашистички, ултранационалистички и религозно-фундаменталистички режими од втората половина на 20-тиот век (пр: Индонезија, Аргентина, Чиле, Боливија, Шпанија, Грција, Иран, Ирак, Авганистан  и.т.н.). Во 21 век, револуционерниот вриеж на Арапската пролет западна во реакционерен ислам и брутално насилство. Судбината на Сирија е се’ уште неизвесна. ИСИС до скоро владееше значајна територија на Блискиот исток.

 

Македонија на прагот на фашизмот

Последните две децении, македонската транзиција продолжи да се одвива во отсуство на масовни работнички протести.  На секој можен начин, уште пред да пркнат во некој друг вид, власта ги задушува или презема автентичните граѓански, или народни, како и идеолошки недефинираните социјални протести. За политичките елити тоа е корисна вежба за во иднина спремни да ги пречекуваат и експресно сузбиваат и евентуалните масовни работнички протести.

Секој облик на назаден капитализам блиску соработува со религиските институции, со цел држење на народот во уште посигурна покорност. Ако служи за утеха дека не сме исти со балканските земји кои во 90-тите со благослов од поп или оџа праќаа луѓе на бојните полиња, тогаш не е воопшто наивно или спремно за заборав тоа што за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ  бевме сведоци на примена на брутална сила на паравоени структури водени од верски фанатизам на Плоштадот Македонија и Скопското Кале, зад кои повторно се криеше борба за превласт на внатре во домашната владејачката класа.

СДСМ сега промовира нова религија – задолжителни и неодложни „северно-атланските интеграции“ во воениот сојуз – НАТО. Денес слушаме отворени закани по основните услови за живот доколку не влеземе по секоја цена (онака како што налага Преспанскиот договор) во НАТО пактот. Македонскиот работник повеќе од две децении преживува без основни услови за живот благодарение на транзицијата. Имајќи ја предвид оваа негова жилавост, про-НАТО пропагандата не застанува со заканите само на ниво на економскиот опстанок, туку застрашува и понатаму, тврдејќи дека спречувањето на влезот на Македонија во НАТО по секоја цена, ќе го стави под знак прашалник и физичкиот опстанок на државата и народот. Затоа застрашувањата со меѓуетничка, граѓанска војна, изолација и некакво си замислено „руско влијание“ се засилуваат. Бруталноста која полицијата ја покажа апсејќи ги левичарите кои излегоа на протест „против војните за профит“ на денот на демонстрација на оружје на америчката војска минатата година, како и бруталноста на полицијата која употреби солзавец и гумени куршуми врз протестирачите кои минатиот месец (Јуни 2018г.) излегоа на протест против Преспанскиот договор, е само предупредување на што се’ е спремна квислиншката влада да направи кога треба да се брани марионетската влада на НАТО.

На оваа пропаганда дури и’ одговара јакнењето на радикалната десница во условно речено, македонскиот и албанскиот политички табор. „Раздели, па владеј“ е максимата по која се води секоја анти-работничка и прото-фашистичка влада. Поделбата е направена. На нејзе се работеше 30 години. Во 90-тите години СДСМ тепаше по Гостивар и Тетово, за да се ојача албанскиот национализам. Истовремено ВМРО создаде протести во Скопје водени од македонски студенти националисти. После исценираната војна во 2001 година, ПДП згасна, на власт беше промовиран ДУИ. ДУИ почна со преименување на школи и поставување на бисти кои величаа балистички водачи. ВМРО – ДПМНЕ го заврши ревидирањето на историјата. Направи музеј на жртвите на комунизмот, рехабилитира врховисти и соработници на бугарскиот фашистички окупатор, за кои и во процесот на антиквизација, најде простор да им направи споменици. Последниот чин на претставата треба да го спроведе партијата која се појави во првиот чин- СДСМ. Последниот чин се спрема да биде референдумот за промена на името. Од Братство-единство камен на камен не остана, загубена е солидарноста меѓу Македонците и Албанците кога Македонија се соочува со национал-шовинизам од трета страна. Сцената за последниот чин на претставата е поставена. Сонцето на Асномска Македонија “демократски“ самоиницијативно, со пенкало ќе треба да се заокружи дека мора и формално да зајде, за да не’ огрее ново северноатланско „сонце“…

Од сета таа очајна состојба, за работничката класа можат да се предвидат два вида на однесување. Или ќе се осознае себе си како класа, па водена од својата авангарда, ќе се стави под раководство на масовна работничка и револуционерна партија која одлучно ќе се исправи пред фаталните налети на домашниот и меѓународниот пакт на капиталистите, или ќе потпадне под вулгарната и насилна пропаганда на национализмот, меѓуетничката омраза и религискиот фундаментализам.

За тоа кој вид на однесување ќе заземе работничката класа во Македонија, многу ќе зависи и од тоа какви ќе бидат успесите или поразите на работничката класа во регионот и пошироко. Добро сработена задача дома од страна на револуционерните партии, како и нивното вмрежување и координирано делување кое ги преминува државните граници, е единствена гаранција за пружање значаен отпор против фашизмот кој демнее зад аголот.

 

Автор: Зоран Василески, адвокат и член на Президиумот на Левица

Преземено од Гласник.