Продолжуваат да се трошат државни средства за WizzAir

Игра со формата и избегнување на суштината на прашањата и критиката беше тоа што денес се обидуваше да го направи Сугаревски, министер за транспорт и врски, на промоцијата на јавниот повик за финансиска поддршка на нискобуџетни авиокомпании. Авиокомпанијата WizzAir досега од македонската влада како субвенции добила 8,9 милиони евра или 584,7 милиони денари.

„Не станува збор за државна помош, туку за субвенции. Министерството за транспорт и врски се обрати до Комисијата за заштита на конкуренција и оттаму добивме многу јасен и прецизен одговор, кој е пратен и во Европската комисија дека станува збор за субвенции“, вели Сугаревски, без притоа подлабоко да елаборира за потребата од трошење државни средства за унгарската авиокомпанија WizzAir.

На прашањата околу неговата критика за овие субвенции во времето кога бил дел од опозицијата, министерот Сугаревски вели дека тој ја критикувал мерката само во поглед на транспарентноста.

Министерството за транспорт и врски, како што кажа Сугарески, денес распиша нов јавен повик за финансиска помош на нискобуџетни авиокомпании. Од нив се очекува да понудат нови дестинации од Скопскиот и Охридскиот аеродром. Сугаревски додаде дека со програмата на Владата предвидено е од буџетот на Министерството за транспорт и врски за субвенции за нискобуџетни авиокомпании да се дадат 5 милиони евра, кои ќе се исплаќаат од 2018 до 2021 година.

Со ваквата најава, Владата ја продолжува својата веќе најавена пракса на флерт со бизнис заедницата, од кои граѓаните на државата ќе имаат поголема штета од корист, губејќи државни пари кои можат да се искористат во есенцијалните сектори кои се од корист на мнозинството (здравство, образование и сл.).