Со лубеници во ЕУ

„ГраЏаните“, оние самопрогласени припадници на измислената „средна“ класа и високата класа, не жителите на државата, се во транс. Наводно сме добиле датум за отпочнување на преговорите со ЕУ (да, да, „граЏаниве“ стварно така го толкуваат извештајот од ЕУ), па кај и да е ќе дојде оној „живот“ во Македонија.

Во меѓувреме, секојдевиево нејќе ни да чуе дека сме пред портите на ЕУ. Си тече се по старо – животот кој го живееме денес и тука, а не тој што го чекаме година и кусур да дојде, си врви парараелно со славењето на „граЏаните“. Изгледа ние другите не сме ги чуле добрите вести, не сме се израдувале доволно, па за нас онаа стара, 27 години транзициска Македонија уште е тука, неволна да се промени, па дури и во полоша социјална состојба.

За нас кои не сме „граЏани“, вчерашниот ден започна како и секој друг. Вистинските криминалци се уште ги гледаме на слобода. Груевски се уште се спрема да си го брани докторатот, наместо да се спрема да пројде некој ден зад решетки. За Камчев, Јорданов, Анѓушев и комапнија се уште не важат никакви закони и правила. Се уште власта слугува на нивниот капитал и се уште „граЏаните“ навиваат за ваквото подаништво на либералната демократија.

После дивите продавачи од Бит Пазар, власта продолжи приоритетно да ги решава криминалите и одлучи се справи со вториот најголем криминал во државата – дивото продавање на лубеници. Како и секој ден, така и вчера, се вежбаше правна држава на сметка на нас, мнозинството, кои мака мачиме да скрпиме крај со крај. Денес бостанџиите, утре некој друг од нас ќе ја искуси оваа слепа правда. А кој ни е крив што 27 години капитализам не направи криминален елемент во државата, па таа удира по нас? Да продаваш лубеници е криминал, ама да си најбогата партија во Европа, да крадеш од луѓето кои те донеле на власт или да експлоатираш труд – тоа не е криминал. И да, секој работник е експлоатиран, без разлика колкава плата зема и секој кој што не вложува капитал вработувајќи луѓе е работник, без разлика дали професијата му е програмер, административец, теслар.

И дедото на Тамара не остана покус. Си доби една година затвор, откако извади пиштол на луѓето кои ја убија неговата внука. Да, ја убија, бидејќи ако возиш милионски мерцедес дур си на власт, а мало девојче не може да си плати операција од десетина илјади евра, не станува збор за несреќен случај, туку за убиство со недостаток од драматичниот ефект на испукување куршум. А во меѓувреме, оној градоначалникот кој местеше избори, си доби 300 евра казна. Нема врска што ради таквите како него, деца како Тамара умираат и луѓе посегнуваат по оружје во својот гнев.

На патот кон ЕУ, денес поништуваме и референдуми. Од оние за рудниците, не тој за името, бидејќи приоритетите се тие во државата – да се влезе во НАТО, да циркулира странскиот капитал и да се труе природата и луѓето. Тој за името можеби ќе има и намален цензус, само за да успее, бидејќи зошто би го прашале мнозинството да одлучи па уште и баш за ова прашање?

Епа другари, честито МОЖНО отпочнување на преговорите за ЕУ. Па за 10-15 години, кој преживее, може и ќе го дочека тој „живот“ и ќе се порадува заедно со „граЏаниве“ кои очигледно не живеат во истата држава и на истото место со нас, па не го гледаат тоа што ние го гледаме и трпиме секој ден.

Јован Крајевски