Избришаната македонска историја

Два историски наративи се пропагираат за формирањето на македонската нација од почетокот на тридеценискиот спор за името со јужниот сосед Грција до денес. Два наративи прифатени од два спротивставени табори на граѓаните на оваа држава чиј конфликт се засилува во секој момент кога спорот навидум се приближува на својата финална и „историска“, како што милуваат да кажат Западните и прозападните медиуми, разрешница.

Едниот наратив, засилен во периодот на интензивна антиквизација на македонската култура спроведена во единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ (иронично, проект кој стихијно беше започнат уште во далечната 1993 година од страна на Васил Тупурковски), стреми да даде антички карактер на македонската нација и да ја постави на етнички темели. Во трката помеѓу тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и владата на Грција да се изгради монопол врз античката историја и култура, двете нации во своите држави беа претставувани како постари од 2000 години. Наративот брзо ја мистифицира македонската нација и нејзината концепција, вади заклучок дека таа е вечна и света и поставувајќи ја задачата таа да се сочува по секој цена, го инструментализира гневот на граѓаните на државата против политичките опоненти на ВМРО-ДПМНЕ и во корист на буржоазијата која се зајакнува во тој период.

Другиот наратив не само што ја гледа македонската нација како млада и конституирана во 1944 година со Првото заседание на АСНОМ, тој истата ја гледа како застарена. Периодот кој пред нас постои, тој наратив го гледа како државотворен, поставувајќи задача пред граѓаните на државата да оформат нација на европски, Западни, граѓански (буржоаски) темели која што ќе биде спремна да го отфрли АСНОМ-скиот карактер на веќе постоечката нација. СДСМ, во својот обид да ги напушти комунистичките корени и да се етаблира како социјалдемократска партија која ги штити бизнис интересите, наивно го отпочна и потпомогна создавањето на првичниот наратив, без да ја увиди заканата од десните партии врз самата себе кои многу поприродно можат да се носат со таквите идеи. Денес, таа е силен застапник на вториот наратив и стреми да го засили слугувањето на граѓаните на оваа држава кон Западниот империјализам.

Навидум различни, двата наративи во својата суштина се комплетно исти. Во својот конфликт, првите ги нарекуваат вторите „прогресивци“, „Западњаци“, „предавници“ и сл., додека вториве возвратуваат со „антички“, „конзервативни“, „ретроградни“ итн. Но, и двата се стремат да го избришат вистинскиот карактер на нацијата, оној кој пречи на претставниците на денешната владеачка класа, на македонската, соседната, Западната и светската буржоазија – работничкиот карактер.

Зачетокот на македонската нација

Самата конструкција на македонската нација е левичарски концепт, поточно доктрина на Ленин која во меѓувоениот и воениот период ја применува и КПЈ. Во отсуство на значајна работничка класа се оди на борба за национална еманципација. Во тие моменти, важно е угнетените елементи да се мобилизираат за борба бидејќи она што нив им изгледа само како идентитетско угнетување всушност е и класно угнетување. Во македонскиот случај, состојбата е уште полоша.

Имено кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, македонскиот селанец е во конфликт со други македонски селани, селата се во конфликт со соседните села, и сето тоа во интерес на владеачките соседни буржоазии. Она што е познато како „бугараши“, „србомани“, „гркомани“ итн. всушност е навистина првиот национален идентитет на православното население претходно познато како раја, базирано на буржоазијата кон која тоа поданички се поставува. Кон крајот на 19 век на овој мал простор има Бугари, Грци, Срби, Власи но и православни Албанци. Без разлика што го говореле истиот јазик па и дијалект (и во Црна Гора луѓето го говорат истиот дијалект, но едните национално се Срби, кои се себенарекуваат Црногорци само географски, како Бугарите од Македонија, а другите Црногорци), луѓето се борат во име на новоусвоените национални идентитети. Сета таа ужасна ситуација правилно ја согледале одредени социјалисти во Организацијата, а потоа и комунистите во Југославија, и сфатиле дека формирање на македонска нација која би била пресек и компромис помеѓу овие различни припадности ќе биде еволуциски скок напред за сите кои тука живеат.

Идеата за македонска нација е навистина постара и навистина буржоаска. Тоа е идеја на Мисирков, Чуповски и останатите која не успеала, идеја на неколкумина побегнати од балканските пропаганди во Русија која немала апсолутно никаков импакт врз македонското селанство, врз масите. Тие направиле дури и научно списание на македонски јазик „Вардар“ уште 1905 година. Претходно, во 1903 година комплетниот тираж на „За македонцките работи“ е запленет уште во печатницата во Софија. Но ваквите изданија немаат влијание бидејќи не го зборуваат јазикот на угнетениот селанец а и не ни стигнале до него.

Зошто Организацијата (БМОРК, ТМОРО, ВМОРО) имала најголем успех меѓу народот? Дали бидејќи „бугарштината“ му се допаѓала на неписмениот македонски селанец повеќе од „српството“ или од грчката приказна? Напротив, народов немал митови за Цар Борис или Филип Македонски, туку за ликови како Крале Марко. Кога во Организацијата влегуваат левичари како Гоце Делчев, Јане Сандански, Никола Карев, Димо Хаџи-Димов и др., таа се спушта меѓу народот ветувајќи му рамноправна република, а не поданство кон некој соседен увезен крал или неписмен кнез и сл. Тоа ги интересирало експлоатираните маси, а не тоа што Мисирков го зборувал во Русија.

И претходни идеи кои биле буржујски, или дури и монархистички, како таа на Македонскиот полк во Царска Русија во 1759 година каде стои дека припадниците се од „македонска нација“, не успеваат. Србија уште 1871 година печати учебник по географија за средни училишта во кој стои дека Македонците се посебен словенски народ. Потоа и Пулевски излегува со Славомакедонскиот речник а малку подоцна во 1886 година во Цариград е формирано друштвото на Србо-Македонци итн., но ништо од тоа не фатило корен заради факторите кои се погоре наведени. Која е разликата меѓу Мисирков и Рацин? Мисирков се обраќа до писмената елита/буржоазијата и ја критикува зашто нема македонски идентитет, терајќи ја на национален сепаратизам од бугарското себеидентификување наметнато од Бугарската егзархија, додека Рацин се обраќа до угнетениот, до тутуноберачот. Рацин не објаснува истории (само ги зема Богомилите како пример за социјално движење) и затоа комунистот Рацин и неговата генерација успеваат, а не тие претходно.

Македонската нација немала своја буржоазија, не е настаната како класичните нации од буржоазијата, туку директно за време на Втората Светска Војна од најугентените, од оние кои немале што да изгубат. Претходно секој кој малку ќе пркнел накај буржоазија (ќе станел чорбаџија), веднаш станувал Бугарин, Србин, Грк (се приклучувал кон некоја соседна буржоазија) бидејќи во услови на непостоење на сопствена држава, евентуална македонска буржоазија би била беспредметна. Кого таа би експлоатирала кога веќе тоа го прави Османлиската буржоазија, а подоцна и другите власти на она малку кутар и беден народ тука?

Македонец не е просто национална или народносна припадност, туку и класна припадност (интересен осврт за ова има во „Земља земљорадницима, Македонија Македонцима!“ од комунистот Коста Новаковиќ пишувана уште во 1924 година). Македонската нација е левичарска придобивка, таа е конституирана од елементи кои претходно биле смртно спротиставени: Бугари, Срби, Грци, Власи, православни Албанци и православни Роми, па дури и некои православни Турци (раритет но сепак симболиката е важна). Може да се каже дека тоа е своевидно мини-југословенство на овој простор. Дури и името не е словенско и можат оние кои не се Словени да се чувствуваат комотно со него.

Последиците од бришењето на историјата

Уништување на македонската нација, или поточно, на работничкиот карактер на македонската нација, неминовно води до регрес кон состојбата од 19 и 20 век. Веќе едните се сеќаваат дека прадедо им бил бугарски ВМРО-вски војвода, другите дека прадедо им бил српски четник, трети се навраќаат на влашките корени, четврти накај грчки. Многумина почнаа да се изјаснуваат и како православни Албанци насилно словенизирани.

Губењето на работничкиот карактер ја дели нацијата, бидејќи тој карактер е тоа што неа ја формирало, држело заедно и овозможило да опстои до денес. Секако дека постоеле и етнички основи (заедничкиот јазик, културата и сл.), но работничкиот карактер ја има прогресивната и еманципаторска улога во нацијата. Патот по кој денес чекори владата евентуално ќе создаде од еден национализам куп луто спротиставени национализми на штета на работниците.

Сето ова се случува додека буржоазијата си тера бизнис. Неа не ѝ е битен наративот, се додека се брише работничкиот карактер. Приказната е иста: класниот конфликт е тој што е во сржта на овие навидум идентитетски прашања. И од ваков аспект и треба да се адресираат овие прашања, доколку желбата е да има суштинско подобрување за работниците во државата. Сите останати наративи, колку и да звучат примамливо, мистично или прогресивно, не се од никаква корист за мнозинството кое живее не само во Македонија, туку и на целиот Балкан.