Уште еден „одличен“ проект на Шилегов

После отворањето на старата автобуска станица под ГТЦ, организирањето на свечена прослава (а.к.а. митинг) за истото, реконструкцијата на тревните површини на повеќе делови низ Градски Парк, на дневен ред дојде екологијата. Господинот Петре Шилегов собра храброст и започна со реализирање на „радикалната“ мерка во неговата изборна програма: „Дрво за секое дете“.

„Како што ветив во предизборната кампања пред неколку месеци, ja почнуваме реализацијатa на проектот ‘Дрво за секое дете‘. Заедно со ЈП ‘Паркови и зеленило‘ и гинеколошко – акушерските болници, преку овој проект, им овозможуваме на нашите сограѓани да засадат дрво во чест на раѓањето на нивното бебе. Низ годините, секој што засадил дрво ќе може да го следи растот на дрвото заедно со неговото дете“, истакна Шилегов.

Секој родител што ќе посака да засади дрво за своето дете, ќе треба по напуштање на родилиштето да се пријави на 071/395-395 за да добие дополнителни информации за проектот.

Три работи нас не мачат. Прво, зошто градоначалникот не ги посади веднаш овие дрва? Мора ли да се чека на новородени деца? Второ, зошто потребата од таква бирократизација на процесот? Зарем родителот, откако ќе му се роди дете, ќе има желба дрва да сади и да собира информации од градската администрација? Трето, што е со актуелниот проблем со аерозагадувањето? За поздравување е тоа што градоначалникот „размислува на иднината“, но скопјани би сакале проблемот со аерозагадување да се реши поскоро, а не за 20 години. Каде се мерките за намалување на цените на парно греењето и бесплатно приклучување на истото, регулација на сообраќајот, овозможување поквалитетен и поредовен јавен превоз, запирање на многубројните градби низ градот (дел од нив и нелегални)?

Но, не се овие работи доволно важни и Шилегов тоа добро го знае. Браво градоначалниче, одличен проект!