Фронт против економските моќници во Кавадарци

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во изминативе денови во Кавадарци кулминира незадоволството од изградбата нови приватни објекти во површината на градскиот парк. Во таа насока се појави и иницијатива за стопирање на урбанизацијата и приватизацијата на тој дел од градот. Оваа иницијатива наидува на масовна подршка помеѓу граѓаните на социјалните мрежи (од каде што и започна), но деновиве забрзано расте и подршката помеѓу граѓаните во градот. За што се работи?

Познато е дека Кавадарци во изминативе години, споредбено со останатите градови во Македонија, бележи значителен стопански развој. Во градот се концентрираа значителни индустриски капацитети (ФЕНИ, Дрекселмаер, ИГМ и др.) кои придружени со развојот на локалните услужни дејности создадоа видлив економски развој на целиот регион. Но ваквиот развој во услови на пазарна економија и придружен од разнишаниот политички и правен поредок во државата почна да го наплаќа својот данок. Кавадарчани почнаа да се соочуваат со масовна трансформација на економијата, од земјоделско производство во идустриско производство, што доведе до пролетeризација на трудот, кратење на работничките права, влошување на работните услови и зголеување на синдикалната незаштитеност на работниците. Притоа класните разлики во градот значително се зголемија, богатството се повеќе и повеќе се редистрибуира во полза на малкумината економски моќници. Имајќи доволно економска моќ и соочувајќи се со корумпиран политичко-правен систем, тие во минатото редовно успеваа да ги контролираат локалните политички и судски власти. Па оттука општината стана сервис на нивниот интерес. Со години се запоставуваше јавниот сектор, јавните површина беа оставени на милост и немилост, не се инвестираше во градска инфраструктура и во проекти што ќе му служат на јавниот интерес (на пример гасификација – која ќе го намали загадувањето на градот), напротив политиките на градската власт го преферираа приватниот интерес на економски помоќните граѓани.

Со индустријализирањето на градот се појави и еден проблем кој имаше општа разорна дејност – загадувањето. Кавадарци и пошироко (Тиквешкиот регион) традиционално ја развиваше својата економија во рамки на земјоделското производството кое покрај тоа што беше во одредена мера истиснато од индустријализацијата, стана жртва на големото загадување од страна на тешката металургија, како таа на ФЕНИ. Овде треба да се спомне дека поголемиот дел од сиромашното население во градот и регионот економски зависи од приходите на своите мали земјоделски капацитети чија почва во последните години се уништува, што придонесува до нивна уште поголема дискриминација. Дополнително овој проблем се почувствува и внатре урбаната средина на градот. Кавадарци последните години го дели местото со Скопје, Тетово и Битола како еден од најзагадените градови во Европа. Несовесното урбанистичко планирање водено од профитот, неинвестирањето во еколошки извори на енергија, немањето на заштитни механизми од загадување (на пр. соодветни филтри на индустриските капацитети) и немањето долгорочна еколошка политика воопшто се дирекните причини за лошата еколошка состојба во која се наоѓа градот.

Токму горенаведениве работи се причината зошто деновиве Кавадарчани бурно реагираат на узурпирањето на градскиот парк. Градскиот парк ги претставува белите дробови на градот и е стратешки позициониран на положбата на која што е, се со цел да обезбедува проток на чист воздух кон градот. Оваа негова функција беше укината со изградбата на приватни објекти на завршетокот на улицата Дисанска, а денес и со објектите во самиот градски парк со кој се затвара протокот на чист воздух кон самиот град.

Но, покрај еколошките импликации на ваквите урбанистички решенија стојат и оние од културно – рекреативен карактер. Овие објекти ја нарушуваат целината на убавиот градски парк и ја изменуваат неговата природна кохезија, со тоа што ги урбанизираат оние делови кои се предвидени за рекреативно уживање на сите граѓани на градот. Повикана на реакција од страна на инцијативата за спас на градскиот парк, новата општинска управа предводена од страна на градоначалникот Митко Јанчев даде до знаење дека таа не е вмешана во уништвањето на градскиот парк и дека промената на ГУП (Генералниот урбанистички план) со која е направена пренамена на овие парцели во градежно земјиште се случила во 2003 кога градоначалник на градот беше сегашниот пратеник во собранието на Р.М., Панчо Минов. Дополнително беше објавено дека овие парцели се влезени во ДУП (Детален урбанистички план) при седница на општинскиот совет во 2007 година, додека во 2013 е започната постапка за урбанизирање на овој дел од градот. Градоначалникот Митко Јанчев даде до знаење и тоа дека горе наведените одлуки во овој момент се иреверзибилни и дека тој не може ништо да стори околу нив. Сепак, граѓанската иницијатива за спас на градскиот парк, но и мнозинството граѓани, сметаат дека узурпирањето на градскиот парк може да се спречи и да запре барем за оние објекти за кои не се почнати значајни градежни зафати. Токму поради таа причина на 3.4.2018, вторник, е закажан протестен марш кој ќе почне пред општинската зграда на градскиот плоштад, а ќе заврши во градскиот парк пред објектите кои се во изградба. Оваа битка на кавадарчани е особено значајна поради фактот што е прва посериозна борба која се спротивставува на интересот на економските моќници кои се во положба спротивставена на интересот на мнозинството во градот.