Тортијади, туризми и останати „домаќински“ проекти

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, изјави дека општината Карпош не е во завидна финансиска состојба. Со долг од 15 милиони евра, скопската општина е една од најзадолжените општини во Македонија.

Причината за ваквата состојба на општината, Богоев ја лоцира во неодговорниот пристап во работењето на општината во минатото, чии неисплатени проекти денес паѓаат на грбот на новата локална власт. „Што се однесува од кадровски аспект, се соочуваме со преобемна општинска администрација. Затоа, во изминатиот период, со цел да се зголеми ефикасноста и професионалноста на администрацијата, општината не ги продолжи договорите на дел од лицата кои беа работно ангажирани, но не станува збор за некритичен прекин на договорите, туку лицата или не доаѓаа на работа или не ги извршуваа работните задачи“, изјави Богоев, притоа ветувајќи „домаќински пристап“ во работата на општината во иднина.

Но, фактичката ситуација покажува дека Богоев или не е искрен во својата изјава, или не е способен да го реализира тоа што го ветува. Отпуштањето на вработените во администрацијата нема никаква врска со наводното креирање на поефективна администрација, ниту пак со штедење на, народски наречените, „клати врата-земи плата“ работници. Станува збор за, нажалост, стандарден процес кој секоја нова власт го прави – расчистување со претходната администрација и отворање простор за потенцијално вработување на нова, сочинета од „свои луѓе“.

Впрчоем, неискреноста (или неспособноста) на Богоев се забележува со краток поглед врз „Програмата активностите на Општина Карпош во областа на развојот за 2018 година“. Имено, во „домаќинскиот пристап“ кој Богоев го ветува, содржани се гломазни проекти чија цел е далеку од приоритетна. 50,000 денари ќе потроши општината за организирање на „Традиционалната скопска и интернационална тортијада“. Уште 100,000 денари ќе отидат за процесот наречен „Ревидирање на Профилот на Општина Карпош и Ревидирање на брошура со ЦД за туристичките локалитети и атракции во Општина Карпош и нејзино реиздавање“. Неверојатни 1,000,000 денари ќе бидат потрошени на манифестацијата „Ем умеам, ем можам“, каде што граѓаните на општина Карпош ќе можат да се забавуваат и запознаваат со различни македонски производители од млечната и месната индустрија. Од вкупно 1,490,000 денари кои се одвоени во оваа програма, на прв поглед е очигледно дека овие 1,150,000 денари можат да се скратат и пренаменат за други цели.

Секако дека не може да се заборави и целото фијаско со предвидените телефонски сметки кое се обелодени пред некој месец. Но, сега карпошани можат мирно да спијат: за советниците во општината ќе се плаќа телефонска претплата од „само“ 2,500 денари месечно по човек, или, 690,000 денари на годишно ниво за сите 23 советника заедно. А како и секоја секуларна општина, така и Карпош ќе двои 340,000 денари за помош на месните заедници за прослава на религиозни празници.

Доколку Богоев е навистина загрижен за финансиската состојба на општината, тогаш слободно може да започне да ги намалува горенаведените расходи, кои се за проекти кои повеќе носат ПиАр поени, отколку суштински промени за општината. Се друго е само една обична политичка игра.