Економски конзули – новите економски промотори на работничкиот пекол Македонија

Иако сличностите помеѓу сите досегашни владеачки партии и коалиции во независна Македонија се многубројни, сепак може да се најде и по некоја воочлива разлика, освен, нели, во партиските бои. Но, една сличност, поточно истоветност, кај сите е сигурна, а тоа е дека сите досегашни влади имат иста економска филозофија и тоа со само еден економски адут – фамозните странски инвестиции. Притоа, мора да се забележи дека ова не е случај само со нашава држава, туку дека е карактеристика за сите економии од овој регион.

Балканските земји буквално се во меѓусебна борба за тоа кој ќе понуди подобри услови за размножување на странски капитал. Во тој процес имаме вртоглава трка на уривање на социјалната заштита на работниците како и пропратно кратење и грубо непочитување на работничките права, а неретко и алармантно загрозување на еко средината. Напросто, во овој натпревар за подобро место во рангот од листата на „Дуинг бизнис“, работната клима во која егзистира македонскиот работник се претвори во пекол. За експлоатацијата на работната сила и нејзиното исцрпување и психолошко пореметување на генерациите пак тука и не доаѓа на ред да се зборува, мислам дека тек допрва ке следат разорните последици од овој процес. Ваквата состојба едноставно се смета како обично светско лудило од кое нема што сега тука ние да се пазиме, туку целосно му се пропуштаме; па нели кој во една ваква околност не полудел сигурно ќе да не е баш нормален.

Накратко, империјализмот во балканските држави има квалитативно својство на странски инвестиции. Воедно, ваквиот тип на империјализам е најперверзен бидејќи се јавува како спасител. Исто како и претходната влада на Груевски така и оваа на Заев, како главен и единствен адут за подобрување на реалната состојба на економијата ги има странските инвестиции. Па ете сега, на местото на поранешните „економски промотори“, странските инвестиции ќе ги бараат „економски аташеа“ во рамките на амбасадите. Овие аташеа ќе бидат избрани и ќе полагаат сметки за сработеното пред тазе измислената институција во политичкиот систем на Македонија, „вице премиер“, на чие чело е токму Господинот Анѓушев.

ДПМНЕ/ДУИ владата на овие активности за промоција трошеше огромни буџетски средства. Без исклучок, сите овие „промотори“ беа пополнувани од партиски кадри и искористувани за купување на послушност од разни структури. А пак некои си ги искористија и за развивање на свој бизнис со искористување на остварените контакти како субјекти извршувачи на оваа функција како економски промотори. Имено, во време на СФРЈ во 80-тите, некои од денес најпознатите претприемачи и богаташи како што се Минчо Јорданов, Ристо Гуштеров, Трифун Костовски, Камчев, и слични ја извршуваа токму оваа функција во тогашните акредитирани трговски аташеа.

Така да, навистина владата пред да почне со реформите, особено со ваквите тотално излитени и трули – реформи само заради самите реформи – треба прво добро самата на себе, а и нам, да ни го објасни ова слепо јурење по странските инвеситции. Па зарем тоа е стратегијата на власта за подобрување на економијата, да чека некој друг од надвор да инвестира во економијата?! Зарем владата нема и не треба да има никаков долгорочен план за стабилен и реално одржлив економски процес за репродукција на материјалната состојба на државата?! Имено, чуму држава тогаш ако нема база (материјална стварност/економија) на која ќе стои нејзината надградба (устав, закони, култура, и слично)?! Или пак можеби државата им е неопходна токму за оджување на статус квото кое е во прилог на малкутемина кои ја владеат, со дебело платени патни трошоци се разбира…па не е лесно да се стигне до работното место „држава“.