Дупка во буџетот на ПИОМ

Нестабилноста на македонскиот пензиски фонд загрижувачки расте. Периодов, премиерот Зоран Заев го адресираше проблемот со пензискиот фонд. „Jавноста треба да знае некои работи за дупката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ), некои првпат ќе ги соопштам… Секоја година државата ја покрива дупката во ПИОМ и оваа година таа е приближно 500 милиони евра. Тоа се пари што државата мора да ги внесува во Фондот и ако не е тоа, тие пари би се користеле за изградба на патишта, школи, болници“, рече тој.

На прашањата на Фросина Ташевска-Ременски од СДСМ тој кажа дека прашањето за пензискиот фонд е важно прашање и дека иако невработеноста се намалувала, пензискиот фонд е во дефицит, што според него не било логично. Но, доколку се земе предвид историјата на Македонската администрација со корупција и најновиот скандал на ДУИ со буџетски средства за партијата донирани од страна на државни претпријатија, воопшто не би било изненадувачки доколку парите од фондот се излеваат на нелегален начин.

Дополнително, премиерот предупреди дека доколку економијата во Македонија не се стабилизира во наредниот периодот, Владата ќе посегне по непопуларни мерки, на тој начин обидувајќи се да го оправда најавеното покачување на старосната граница за пензија, која периодов беше остро критикувана од страна на јавноста.

На крајот, премиерот побара поддршка и од опозицијата, во духот на новата владина стратегија на барање молк од политичките противници и од критизерите.