Како се дели колачот?

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

При крајот на изминатата година, УЈП ја објави анализата „Годишна даночна пријава – највисоки приходи во 2016 година“. Според неа, 4,33% од даночните обврзници оствариле годишен бруто приход над 1,000,000 денари (83,333 денари месечно), од кои десетмината кои рангираат највисоко на оваа листа имаат остварено годишен бруто приход над 89,000,000 денари (7,416,666 денари месечно). Овие 4,33% од даночните обврзници помеѓу себе оствариле над 28% од годишниот бруто приход на државата, додека 12,55% од даночните обврзници со најмали бруто приходи помеѓу себе (под 100,000 годишно т.е. под 8,333 денари месечно) оствариле под 1,15% од годишниот бруто приход на државата.

Состојбата со платите не е многу поразлична. Иако недостасуваат подетални податоци на ова поле, наведено е дека десетмината со највисока плата во 2016 година примале плата од над 3,500,000 денари месечно. За споредба, највисоката плата во 2016 година изнесувала речиси 14,000,000 денари месечно, или, околу 1515 минимални плати.

Високата нееднаквост не е нова за Република Македонија, за што укажува и анализата „Годишна даночна пријава за 2012 година“. Таа година, 5,88% од даночните обврзници оствариле годишен бруто приход над 1,000,000 денари (83,333 денари месечно), или, помеѓу себе оствариле над 33,5% од годишниот бруто приход на државата.

Но, кај највисоките исплатени плати се забележува пораст низ годините. Споредувајќи со анализата „Годишна даночна пријава за остварени приходи во 2008 година“, највисоката исплатена плата бележи раст од над 420% во 2012 во однос на 2008 и раст од над 266% во 2016 во однос на 2012, или вкупно, раст од над 1100% во последните осум години. Во овој период, минималната плата останува иста, што конечно во 2017 скромно се промени за 3,000 денари, проследено со ставка за нормиран учинок во самиот закон.

Апологиите на системот кој создава вакви разлики се најчесто во таква насока, да примените плати се земат како мерка за вложениот труд. Но, работничката во текстилна индустрија која во 2016 година заработувала околу 9,000 денари, што е 1515 пати помалце од човекот со највисока плата, сигурно не вложила 1515 пати помалку труд од него. Впрочем, тој човек сигурно нема вложено ни 505 пати повеќе труд од човекот кој заработува 30,000 денари месечно, па таквите апологии се комплетно неосновани.

Економските политики во државава (и надвор од неа) и релациите кои работникот и газдата ги имаат кон средствата за производство, каде што работникот им е потчинет, а газдата ги поседува, се главни причинители за високата нееднаквост и нејзиниот пораст. Највисоките приходи и највисоките плати во државата, со можеби неколку исклучоци, ги добиваат газдите, на сметка на трудот на своите вработени кои добиваат смешно помал дел од колачот.

Новата Влада, предводена од социјалдемократите, најавуваше мерки за прераспределба на богатсвото, што генерално се состоеја од прогресивни даноци на приход. Истите се оддложени за 2019 година, користејќи го периодот измеѓу за да се направат анализи за оддржливоста на економијата со новите даночни реформи. Сосема е можно да е оддложувањето поради притисок на бизнис лобито, посебно доколку се земе предвид дека вицепремиерот за финансиски прашања е Кочо Анѓушев, еден од најбогатите газди во државата.

Останува да видиме дали најавените политики на распределба на богатството на новата Влада ќе бидат спроведени и дали ќе успеат да ја реформираат економијата која ги генерира ваквите разлики, или пак, ќе биде неопходно да се ревидираат релациите на работник и газда кон приватната сопственост, нивното значење и неизбежните последици од нив.