Македонија – одново посетена (III дел)

3. Нејзиниот интелектуален живот

Универзитетот во Македонија е стар 3 години. Започнувајќи без традиции, универзитетот се соочил со потешкотии што ќе ги обесхрабриле помалку упорните луѓе. Привремените простории во кој е сместен се распространети на двата брега на брзиот, сив Вардар во Скопје. Постојаните згради, кои се речиси готови, стојат на високо тло помеѓу извонредна панорама на планини и минариња. Сиромашна колку што е, Републиката никогаш не ги ограничува динарите за ова или за било која друга културна цел, иако недостигот на странска размена е голем хендикеп. Постојат големи празнини на универзитетските полици за книги. Еден англиски или француски класик треба да им служи на потребите на целиот клас додека малиот Оксфордски речник претставува бесценетост. Задолжен за библиотеката на Медицинскиот факултет е еден поранешен германски воен затвореник кој се бори да собере копии од втора рака на главните медицински периодични списанија објавени за време на воените години на двата континенти. За среќа македонските емигранти во Соединетите Држави доставиле најмодерни инструменти. Овој енергичен Факултет започнал вреден истражувачки проект, главно во превентивната медицина. Првите резултати од неговата студија за здравјето и исхраната на децата во селата од околината на Скопје се алармантни. Благодарение главно на ригидните пости што ги наметнува православната црква, од декември до мај, нивните тестови на крв воопшто не покажуваат траги на витамини. Групирани во околината на универзитетот се училиштата за уметност и музика, како и за шумарство, земјоделство и инженерство. Шумарите водат долга кампања против ерозијата на почвата поради ветрот и водата; инженерите соработуваат со нив со шемите за иригација и електрична енергија; додека земјоделските експерти одгледуваат растенија и животни што одговараат на ова тешка клима.

Денеска постојат 1 900 студенти во Скопскиот универзитет и иста бројка на студенти студираат на останатите универзитети во Југославија. Скопје очекува за неколку години да има 6 000 студенти кога родот на учениците од новите средни училишта ќе созрее. Монархијата претходно го занемаруваше образованието и под нејзината управа не постоеја повеќе од 350 студенти што посетуваа универзитети било каде. За време на Турците ривалските цркви обезбедуваа единствено неколку секундарни училишта.

Креативна работа

Револуцијата го ферментирала интелектуалниот живот во Македонија. Во првите години постоеше доминација на рускиот модел, но се што беше изгубено на овој начин, беше избалансирано од стимулирањето и одушевувањето од новата ера. По раскинот со Москва, повеќето писатели и артисти што ги сретнавме не уверуваа дека не постои партиска линија врз креативната работа. Постоеше можност дури еден католички социјалистички поет да објави книга со сеќавања што вклучува храбро излагање на неговиот идеалистички поглед на светот и неговите причини за отфрлањето на материјализмот. Претставува карактеристика за Македонија статуите и бистите на улиците и парковите во Скопје, сите од нив нови и сите добри, да ги претставуваат сопствените поети или пак лидерите на востаничкото движење против Турците. Еден споменик во бронза ги комеморира партизаните, жени како и мажи. Артистичкиот гениј на Југословените изгледа како да сјае најсветло на сцена и преку скулптура.  За Македонците нивната војна за ослободување што извојува автономија заврши во 1944 година, но започна со крвавиот бунт што избувна на Илинден, денот на Св. Илија. Тие уште го слават сеќавањето на тој скап напор, и неколкуте преживеани се горди на медалите што Тито им ги додели. Споменикот што ме трогна не беше ниту една од тие статуи. Беше тоа една могила поставена од сиромашното планинско село Смилево во чест на Дамјан Груев и на уште еден човек од тоа село што загинал заедно со него.  Таа пирамида од голи камења го рефлектира духот на неговото движење на кое што јас се сеќавам. Груев ги инспирираше селските момчиња, вооружени единствено со стари пушки, да се соочат со големите турски армии што ја користеа најдобрата артилерија што Круп може да ја снабди. Бунтовниците имаа, со сигурност, само еден топ. Топот беше направен со издлабено дрво од црешна.

Поетите, што Македонија еднакво ги чествува како и нејзините востанички војводи, денес имаат наследници, кои се вртат кон нови субјекти и нови форми – за прв пат тие користат рима. Оваа нација обожава стихови и истите ги памети. Ние често слушавме мажи што пеат во групи, балади за двете борби со бесконечен број на строфи. Јас бев затекнат од живото интересирање на младите генерации за историските студии. Најпосле долгата борба за македонската национална егзистенција е добиена, и сега тие го пронаоѓаат животот на Македонија назад во средните векови.  Во старите цркви се откриваат фрески, од деветтиот до  тринаесеттиот век, толку витални и сочувани како било кое современо дело што е гордост на Франција. Се што било потребно да се стори во некои од тие цркви било да се исчисти чадот од безбројните црковни свеќи што се акумулирал со вековите. Фреските што највеќе ме воодушевија беа оние во една преубава стара византиска црква, што беше џамија последниот пат кога јас го посетив Охрид. Турците, откако ги извадиле очите на некои светци, ги прекриле идолатриските ѕидни цртежи со слој на малтер што ги сочувал нивните живи бои.

Неписменост

Образованото малцинство има други нешта за работа освен да се бави со истражување. Во вечерните училишта, екипирани со неплатени волонтери, мачно се работи на искоренување на неписменоста, што во времето на монархијата изнесувала повеќе од 80% од популацијата на Македонија. Жените се неуморни во нивните напори да го подигнат стандардот на нивните сестри, муслиманки како и христијанки, преку учењето на основите на модерната хигиена исто како и на АБВ (азбуката). На интелектуалниот живот на земјата за време на монархијата јас можам да се присетам само малку. Тој беше тром, бидејќи националниот јазик беше забранет и прогресивната елита го поминуваше поголемиот дел од животот во затвор или егзил. Мојата најјасна меморија е работничкиот клуб диригиран од Димитар Влахов, ветеранот што сега ја претставува Македонија во федералниот Президиум.  Влахов се залагаше Грците и Евреите, исто како и македонските Словени, да ги заборават нивните национални разлики за доброто на социјалистичката идеја. Во времето на Турците учителите од неколку средни училишта се обидуваа да одржат искрата на интелектуалниот живот. Се сеќавам нa жарта со која некои од нив го читаа и дискутираа Толстој кога последните негови книги излегоа од печат. Постоеше книжарница во Битола (Монастир) каде што јас пронајдов евтини џебни изданија на француските класици. Јас го носев Кандид заедно со мене кога направив тура во 120-те запалени и девастираните села од страна на Турците. Волтеровата слика за „најдобриот од сите можни светови“ сеуште не е надмината во реалноста, како што оваа генерација можеше да види во Хирошима и Белсен.

Сега, благодарение на контролата на валутата, јас не успеав да пронајдам евтини француски класици во големите нови книжарници. Но книги на сите јазици на Југославија се слеваат од печатниците и помеѓу нив се преводи на Гиде, Сартр, Веркорс, Хемигвеј и Одлос Хаксли. Претстави од Бен Џонсон и Присли беа одиграни за време на нашиот престој. Но највпечатливиот театарски настан за мене беше чудесната изведба во Скопје, што порано го познавав како Ушкуб, на една моцартова опера испеана на македонски јазик. Операта што беше прикладно изведена носеше наслов „Il Seraglio“. Најдоброто што некогаш Ушкуб можеше да го понуди беше едeн цигански свирач во кафе спроти турските бараки.


Македонија – одново посетена (I дел)

Македонија – одново посетена (II дел)

Хенри Ноел Брејлсфорд (1873 – 1958) бил истакнат лево-ориентиран британски новинар и публицист. Својата слава ја стекнал како надворешен дописник на Manchester Guardian од Франција, Балканот и Египет во 90-тите години на XIX-от век. По задушувањето на Илинденското востание, Брејлсфорд кон крајот на 1903 година пристигнал во османлиска Македонија и од сопствените истражувања ја објавил книгата Македонија: нејзините раси и нивната иднина која што изобилува со податоци за политичката и социо-економската ситуација во областа во тој период. Авторот и книгата стекнале голема репутација меѓу тогашните прогресивни политички струења во Европа поради позитивниот став што го имале кон македонското револуционерно движење. Во 1907 година тој се приклучил на Независната лабуристичка партија во Велика Британија, а во 1913-1914 година како експерт станал член на Карнегиевата комисија задолжена за истражување на злосторствата за време на Балканските војни. Во меѓувоениот период Брејлсфорд во неколку наврати го посетил Советскиот Сојуз и објавувал дела за социјализмот. Во 1951 година Хенри Ноел Брејлсфорд повторно ја посетил Македонија за што објавил текст во Manchester Guardian составен од три дела. Во текстот, преку примена на компаративниот метод, се анализира процесот на модернизација што започнал со победата на НОВ и воспоставувањето на социјалистичка Југославија и целата повоена атмосфера во стопанството и културата на НРМ.

Превод: Стефан Илиевски