Преку УСТАВ ни е!

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Државата има еден мал документ со неколку законски одредби врз кој се градат сите други закони во неа и самата се конституира. Тој документ, наречен Устав, држи статус на светост во државата. Без разлика колку нештата тонат и се влошуваат, ужасен престап е Уставот да се смени или прекрши.

Политичките партии константно ветуваат дека нема да го менуваат. На пример, на предвремените парламентарни избори, половина од кампањата на СДСМ се состоеше од ветувањето дека Уставот нема да се промени, додека половина од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ се состоеше од обвинувања дека СДСМ во најмала рака ќе го прекрши ако дојде на власт.

Но, зошто толкава фама околу еден толку мал документ? Што толку добро има излезено од него кај нас?

Па нели гледаме дека надвор спијат луѓе, кои немаат сопствен дом? Нели гледаме дека работнци се отпуштани и им доцнат плати, заглавени во кредити, додека газди земаат по стотици илјади евра месечна плата во Македонија? Нели гледаме дека деца умираат при пораѓање? Зарем на гладниот и бедниот му е полесно кога му студи, а знае дека Уставот не е прекршен ниту сменет? А секој еден од нас може да стане гладен и беден, бидејќи да си гладен, беден и сиромашен воопшто не е противуставно.

Уставот не е свет. Тој е напишан од луѓе, исти како нас, кои не се и не биле безгрешни. Уште повеќе, Уставот во повеќето држави е напишан од луѓе кои што не го застапувале интересот на мнозинството, на работничката класа. И Уставот не е неотуѓив правилник, туку обичен документ, кој како и сите други документи, уште утре можеме да го искинеме и замениме со нов, доколку така посакаме. Устави се менувале и Устави ќе се менуваат. Затоа, редно време е политичарите да го извадат од уста, бидејќи преку Устав ни е дојдено.