Работниците од „Еурокомпозит“ ги блокираа улиците во Прилеп

Работниците во државната фирма „Еурокомпозит“ почнаа со, како што велат, порадикални мерки да се борат за да им бидат исплатени заостанатите плати и придонеси. Доколку владата нема слух тие најавуваат порадикални мерки како блокирање на регионални патишта и протести пред влада. Тие бараат фирмата да започне со исплата на бруто плата и заостанатите придонеси од јуни 2012!

Според работниците, тие не биле исконтактирани околу нивните најави дека ќе штрајкуваат и директорот не е присутен во фабриката, иако очекувале реакција. Тие инсистираат на средба со премиерот Заев бидејќи им ветил дека ќе се реши состојбата во фирмата или пак со вицепреиерот Анѓушев. Тие повикаа на солидарност и поддршка од сограѓаните.

Еден од работниците се пожали дека иако триесетина години работел и на снег и на мраз, поради неисплаќањето на придонеси, тој ќе зема 10 место 13 илјади пензија. До тој степен на очај стигна ситуацијата со работникот во Македонија!

Друг работник ја обвини оваа и сите предходни влади дека само ги манипулираат работниците и им ветуваат дека придонесите ќе им се исплатени доколку не прекинат со работа. Ваквото ветување е еквивалентно на уцена! Тој запраша дали се тие единствените работници што работат без здравствено осигурување и како е можно тие што земат социјална помош да имаат здравствено а тој не.

Вработените рекоа дека од понеделник најверојатно ќе започнат со блокирање на регионалните патишта во Прилеп.