Македонија – одново посетена (I дел)

1. Револуцијата во Косово

Помина скоро половина век откако Ц.П. Скот ме испрати во Македонија. Во две последователни посети јас можев да ја споредам бунтовничката мизерија на нејзините луѓе под Абдул Хамид[1] со нивната пасивна стагнација под српските кралеви. Но јас никогаш до сега немав пристапено од запад или со автомобил. Во старите денови патиштата беа толку непроодни што човек преку нив можеше да патува единствено на коњ. Сега, извонредните патишта, изградени за време на двете светски војни од страна на окупаторите, ме носеа од Јадранот преку Црна Гора до Пеќ, кон провалии и преку клисури колку застрашувачки во нивниот раскош толку и убави. Карактеристичен беше натписот на карпа покрај Вардар кој му зборуваше на патникот на германски јазик дека: „Вилијам II, Императорот на Германија, ги заповедал своите војници да го изградат овој пат.“

Малиот град Пеќ, недостапен во оние денови како Лхаса[2] отсекогаш романтично ме примамувал, бидејќи не успеав да стигнам до него во 1903 година. Албанските племиња, под управата на главатарите што еволуираа од бандити во аристократи, беа во хроничен револт, и Турците не дозволуваа ниту еден Европеец да влезе во градот. Со безопасен трик јас тогаш стигнав до еден ден пат од него, до Призрен , и таму ги видов намуртените кули на најистакнатите фамилии, кои што немаа прозорци што гледаат кон напред, освен тесните отвори за пушки на горниот кат. Како што пешачев низ тие улици, овде и таму по некој Албанец свечено плукаше на земјата во протест против присуството на Европеец. Во овој прекрасен стар град, со импозантни тврдини и елегантни џамии јас го воочив најдлабокиот абис на сиромаштијата што го имав сретнато во Европа. Имав зборувано со српска жена што пешачеше 10 милји до пазарот, и уште толку до дома повторно, само за да продаде неколку јајца за три пени.

Млади луѓе

И сега јас конечно бев во Пеќ. На прв поглед изгледаше како вообичаено место. Неговите заканувачки кули беа исчезнале. Некои мали планинци уште ги носеа нивните албански костуми, но ниту нож ниту револвер немаше на нивните појаси. Но она што го видов беа некои бедни кооперативни продавници, патокази на албански како и на српски, и конечно големо албанско средно школо. Тие нешта беа предзнак. Српската монархија не ни замислувала да овозможи албанско училиште, ниту пак ни Османлиската Империја. Но она што уште подлабоко ме импресионира беа групите на млади луѓе што парадираа на главната улица за време на стемнувањето. Ова е омилената релаксација во сите југословенски градови, но до сега не беше видена под „Месечината“[3].

Уште почудно, млади момчиња и девојки шетаа рамо до рамо или рака за рака, не многу од нив секако, но сепак доволно за да биде значајно. Пред Револуцијата, во Косово и Македонија, не постоеше ниту додворување ниту дружење помеѓу момчиња и девојки. Браковите беа договорни, и ниту една почитувана млада девојка не наоѓаше за сходно да ризикува да шета отворено со млад маж.

Ние сме склони да размислуваме дека социјализацијата на индустријата беше најважната иновација претставена од комунистите. Јас сум наклонет да го рангирам на прво место новиот однос помеѓу мажите и жените што тие го охрабруваа. Во Индија јас открив дека една од главните причини за популарноста на комунистичката партија беше фактот што ги охрабруваше младите мажи и жени да се состануваат на среќен и природен начин. Истиот мотив важеше и за Балканот. На почвата на Македонија сега се печатат антологии, на некогаш забранетиот нејзин јазик, и стиховите од нив датираат од партизанската борба, кога за прв пат во нејзината историја, поетот ја адресира својата сакана како другар со која ги дели животните опасности и неговите радости.

Пеќ и Призрен се на работ на пространата рамнина Косово, каде што последниот од српските цареви бил победен и заклан од Турците.[4] Кога првпат слушнав за неа, албанските феудални големци владееја со српските селани. По освојувањето од страна на Српското кралство, властодршците од Белград ги скршија Албанците, но направија малку да ги подобрат судбините на селаните. По Револуцијата на овој регион, општо познат како Космет, му била доделена домашна управа и расите што меѓусебно се опресирале низ историјата сега живеат во пријателство и хармонија. Албанците, со нивната популација од 700 000, бројно ги надминуваат Србите со три спрема еден; официјалните позиции се разделени помеѓу нив приближно во тој однос. Не само што албанскиот е официјален јазик во училиштата и судските сали; туку сега постои драмска литература и постојат албански театри во Космет и Македонија.

За мене, со моите сеќавања на судирите што беснееја на оваа со крв натопена земја, мирот што владее помеѓу муслиманите и христијаните, католици и православни, беше најсреќното и изненадувачко од моите откритија. Во земјата каде што ги имав видено албанските селани како ораат со пушки на рамењата, убиствата беа пречести за броење. И сега, јас дознав дека во Скопје, град со 120 000 жители, во последните пет години се случиле само две убиства. Македонците, кои што ги вклучиле заедно Турците и Албанците во нивната Влада, не се задоволни единствено со прокламираната еднаквост на малцинствата; тие одат кон овие назадни луѓе со отворени раце и им обезбедуваат не само училишта туку и културни центри за нивните жени и мажи.

Дабови и кози

На долгиот пат од Призрен до Скопје ние возевме низ шума од бујни и ситни дабови кои го облекуваат ридјето и се распространети колку што очите можат да здогледаат во брановидната рамнина. Тие дрвја се бескорисни, освен што даваат дрвен ќумур. Јас се сеќавам на стадата кози што се хранеа од нив последниот пат кога поминував на овој пат. Но на некои места јас воочив дека проретчувањето на старите дрвјата започнало и малите задници започнале да растат. Пред две години во сите републики на Југославија од селаните било побарано до одреден датум да се ослободат од нивните кози – 400 000 само во Македонија. Иако добиле извесна компензација, селаните биле бесни, бидејќи им било потребно млекото што тие уништувачки животни го обезбедувале. Југословените морале да бираат помеѓу козите и дрвјата. Еден ден нивните запуштени планини ќе произведуваат значаен приход и, што е уште повеќе значајно, тие ќе бидат поспособни да се борат со ерозијата на почвата и сушата. Пред педесет години јас слушнав за дискусијата за забрана на козите. Сите признаваа дека е неопходна, но никој не се осудуваше да ја предложи. За далечна добивка комунистите пристапија на привремена оскудица на народот. Дабовата шума и козите се карактеристика на оваа револуција. Делувајќи на истиот принцип, револуцијата гради тешка индустрија и го одложува производството на потрошувачки стоки. Турбините и трансформаторите имаат приоритет над чевлите и чорапите. Потомците можеби ќе ги благословуваат Тито и неговите другари за нивната далекувидна храброст, но сегашната генерација мора цврсто да го стегне каишот.


Македонија – одново посетена (II дел)

Македонија – одново посетена (III дел)

Хенри Ноел Брејлсфорд (1873 – 1958) бил истакнат лево-ориентиран британски новинар и публицист. Својата слава ја стекнал како надворешен дописник на Manchester Guardian од Франција, Балканот и Египет во 90-тите години на XIX-от век. По задушувањето на Илинденското востание, Брејлсфорд кон крајот на 1903 година пристигнал во османлиска Македонија и од сопствените истражувања ја објавил книгата Македонија: нејзините раси и нивната иднина која што изобилува со податоци за политичката и социо-економската ситуација во областа во тој период. Авторот и книгата стекнале голема репутација меѓу тогашните прогресивни политички струења во Европа поради позитивниот став што го имале кон македонското револуционерно движење. Во 1907 година тој се приклучил на Независната лабуристичка партија во Велика Британија, а во 1913-1914 година како експерт станал член на Карнегиевата комисија задолжена за истражување на злосторствата за време на Балканските војни. Во меѓувоениот период Брејлсфорд во неколку наврати го посетил Советскиот Сојуз и објавувал дела за социјализмот. Во 1951 година Хенри Ноел Брејлсфорд повторно ја посетил Македонија за што објавил текст во Manchester Guardian составен од три дела. Во текстот, преку примена на компаративниот метод, се анализира процесот на модернизација што започнал со победата на НОВ и воспоставувањето на социјалистичка Југославија и целата повоена атмосфера во стопанството и културата на НРМ.

Превод: Стефан Илиевски