Класни Војни епизода MMXVIII
Со поскапувањето на водата е зададен уште еден, и тоа којзнае кој по ред, удар врз работничката класа. Удар на кој нема сериозен контраудар, впрочем како што и за жал на повеќето до сега нема соодветен одговор од страна на работниците. Овие 27 години континуирано трпиме удари од владеачката класа, удари кои ретко сме ги спречувале а уште помалку сме возвраќале на истите.
Водата ќе поскапи за 2,04 денари за кубик. Според пресметките на Коце Шилегов, тоа би значело во просек зголемување на сметките за вода на едно четворочлено семејство за отприлика 22 денари месечно. Но, според Катедрата за хидраулика, хидрологија и уредување на водотеците при Градежниот факултет – Скопје, во големите и индустриски развиени градови просечно се троши повеќе од 500 литри дневно по глава на жител. Тоа се 60 кубици месечно за едно четворочлено семејство, во просек, или поскапување од 122,4 денари месечно. Годишно, тоа изнесува поскапување од 1468,8 денари. Споредбено, социјалната помош за четворочлено семејство, по првите 3 години, е 2987 денари месечно. Ваквите семества, значи, поскапувањето во просек по една година би ги чинело половина од месечната помош!
Како и во секој политички момент во едно класно општество, класниот елемент е присутен и во оваа мерка. Водата е, како што учат дури и децата во основно училиште, неопходна за живот. Уште повеќе, водата е неопходна за достоинствен живот. Ова поскапување на водата е само едно од долгата низа на удари врз финансиите на најсиромашните. Потрошувачката на вода на едно работничко семејство од потрошувачката на вода на едно семејство газди не е драстично помала. Сите мораме да користиме едно минимално количество вода за, пред се, здравствени причини. И освен намерно расипништво, количината нема претерано да ја надмине таа количина. Но истото не важи и за разликите во примањата. Што значи дека работничката класа ќе издвојува поголем дел од својот буџет за СЕКОЕ вакво поскапување.
Дури и да го занемариме ова поскапување и да замислиме дека е безначајно мало, тоа не е изолирано. Сите вакви намалувања на паричните средства кои им остануваат на работниците на крајот на месецот се собираат и прават значителна разлика. Овие удари по џебот на обичниот човек се континуирани. И, што е мошне важно, не секогаш во форма на поскпување на издатоците кон локалната/централната власт. Секое кратење на политичко-економската моќ на работникот, дали преку зголемување на давачки дали преку породолжување на можноста да бидат вработени со договор на дело дали преку намалување на бројот на трудови инспектори или било што слично, е чекор во насока на зајакнување на превласта на газдите во општеството.
Трикот лежи во тоа што дури и со јавен притисок и слично да успееме да ја преиначиме конкретно оваа одлука, таа нема да е последна. Бидејќи е резултат на свесна и организирана полиичка волја. единствениот лек е работниците да се организираат свесно политички. Затоа, изолираните протести или организациите кои се организирани околу еден проблем, изолирајќи го од другите, се на долг рок неуспешни секогаш. Ваквите политички моменти можат да послужат како каписла за нешто поорганизирано но ако остане „борбата“ на само тоа таа е во старт осудена на пропаст, како што покажала историјата.