За главните загадувачи во Скопје

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Пред некое време, Австриско-Финска студија, која ги наведува главните загадувачи во Скопје, беше објавена на порталот Радио Слободна Европа. Приота, редакцијата на Антропол, согледувајќи ја опасноста од манипулација со интерпретациите на овие податоци, апелира истите внимателно да се читаат и да не се користат за апологии на мерки на новата Влада кои само формално делуваат како да се во насока на намалување на аерозагадувањето.

Пред се, важно е да се напомене дека градежните активности (градежната индустрија) е одвоена од индустријата. Причините за тоа се нејасни, но заедно, тие се главниот причинител на загадувањето на Скопје, со учинок од 37%.

Иако домаќинствата се наведени со 32% учинок во аерозагадувањето, тоа не смее да се употреби за апологија на акцијата „Пријави загадувач“ која се одвива во Карпош и Аеродром. Домаќинствата кои се греат на дрва и на материјали кои загадуваат при согорување, истото го прават бидејќи најчесто не можат да си го дозволат поскапото греење на парно. Сметките се големи, приклучоците прескапи, а се најавуваат и калориметри, па потребно е, при решавање на проблемот за загадувањето од домаќинствата, да се изнуди поефтинување на еколошкото греење, а не да се казнуваат оние кои не можат истото да си го дозволат.

Сообраќајот е наведен со 20% учинок, но притоа не е наведено колкав дел од ова загадување е направено поради потребите на индустријата. Повторно, ваквиот процент не може да се користи за апологија на зголемувањето на акцизата за дизелот. Падот на сообраќајот (ако воопшто има пад) поради ваква мерка би бил минимален, и најверојатно од најсиромашните слоеви на граѓани, кои нема да можат да си го дозволат поскапиот дизел. За намалување на сообраќајот е потребно инвестирање во подобар и поредовен градски превоз во комбинација мерки кои ќе направат возењето автомобил да ги кошта многу повеќе тие со поголеми примања и имот. На пример, со прогресивно (во зависност од имотната состојба на сопственикот) утврдени цени по сите основи од Ценовникот за регистрација на патнички моторни возила.  

Останува да заклучиме е дека ваквите анализи се потребни и можат да помогнат во разрешување на проблемите со загадување кои ги имаме, но истите не смеат да се искористат за репресирање и казнување на индивидуата и гледање на неа како најголем загадувач. Таквиот пристап е далеку од ефективен и само дополнително го отежнува животот на граѓаните.

Inline
Inline