Зоран Василевски од Левица: „Многу исклучоци господине Пендаровски, ова е хаос“

На 16 јануари на „Отворено“ на телевизијата 24 Вести се оддржа дебата на темата „За или Против НАТО“. На дебатата присуствуваа националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, аналитичарот Ризван Сулејмани, универзитетската професорка Ана Чупеска и Зоран Василевски од партијата Левица.

Од присутните единствено Зоран Василевски беше против членството во НАТО воениот сојуз и последиците од членувањето. Тој истакна дека НАТО не е гаранција за ништо од работите кои, до сега, ни биле ветувани со влезот во НАТО.

Околу економијата, тој посочи на примерот со Бугарија која, иако е членка на НАТО, има огромна сиромаштија па дури и протести против сиромаштијата на кои луѓе се имаат самозапалено од очај.

Од аспект на внатрешната безбедност, тој посочи на примерот со Шпанија, каде што НАТО се прогласи за ненадлежен за сепаратистичкото движење за отцепување на Каталонија. Дополнително, тој напоена декаНАТО се нема вклучено во вооружените судири со припадниците на ослободителната организацја ЕТА.

Околу надворешната безбедност тој укажа на примерот со Турција и Грција, каде двете членки на НАТО војуваа, но бидејќи не стануваше збор за членка на НАТО нападната од земја која не е дел од воениот сојуз, реакција немаше. Исто така, бидејќи од нашите соседи само Србија не е членка на НАТО, тој посочи дека овој воен сојуз евентуално би не штител само од нашиот северен сосед, иако владата тврди дека гради пријателски односи со сите.

Пендаровски тврдеше дека членството во НАТО бара слобoда на медиуми, дека носи со себе имиџ и дека е прашање по кое има кохезија во Македонија меѓу етникумите.Членот на редакцијата на Антропол, Гораст Муратовски, кој заедно со уште 3ца беше приведен на мирниот анти-НАТО протест претходното лето, постави прашање од публика во врска со овие тврдења. Тој посочи дека цивилните жртви во судирите на НАТО членките не виделе никаква корист од новостекнатиот имиџ на земјата, дека е тешко да се верува на кохезија определена на анкети, после искуството кое го имавме со анкетите на Павел Шатев институтот, кои не испитуваа туку креираа мислење и дека Турција, како член на НАТО, апсејќи новинари и забранувајќи социјални мрежи е далеку бастион на слободата на медиумите која ја бара НАТО.

Одговорот на Пендаровски дека набројаните примери се исклучоци не беше доволен да и гарантира на публиката дека Македонија нема да е следниот исклучок. Тој самиот посочи дека со или без НАТО, на нас останува да си ги решиме проблемите и дека НАТО нема да ни помогне.

Сериозната противречност во аргументацијата на Пендаровски, кој прво тврдеше дека НАТО ќе ни помогне да ги разрешиме нашите проблеми, а потоа дека истото ќе мораме да го сториме сами, го наведе Зоран Василевски да додаде „многу исклучоци господине Пендаровски, ова е хаос“.

Останатите двајца гости не кажаа нешто посебно ниту пак разбирливо околу прашањето, туку само празно теоретизираа.