Протест за нелегално отпуштената работничка во ВЕРО

На 11 јануари се оддржа протест пред ВЕРО Центар поради нелегалното отпуштање на работничкатa Кети Лешко. Таа била отпуштена додека била на боледување со цел да се грижи за своето дете кое чекало операција. Протестот беше организиран од пoлитичката партија Левица и на него присуствуваа стотина граѓани во знак на солидарност. На протестот ставовите на Левица беа изразени преку неколку обраќања на нивните членови и преку следниов леток:

Додека Кети Лешко беше на боледување, чекајќи ја операцијата на своето дете, ВЕРО се дрзна да ја отпушти од работа. Работничките права не се наменети да постојат само на хартија, туку да го штитат работникот. Но, во Македонија, газдите се чувствуваа премоќни за да се плашат од законите, а државните институции се преслаби за да се спротистават на нивното прекршување, покажувајќи што навистина е нашата ценета „демократија“ – диктатура на капиталот!
Очигледно е дека, без разлика која партија е на власт, нема воља да се спротистави на моќта на крупниот капитал. Работникот е шутиран веќе 26 години, додека политичките елити остануваат сервилни и ја шминкаат реалноста со реформи од кои мнозинството не гледа некаква корист. Во недостаток на силен политички субјект кој стои во одбрана на работникот, сега е време да ја искористиме најголемата спротиставеност на модерното време во наша корист: трудот наспроти капиталот!
Само ние, работниците, можеме да ставиме крај на ова наемно ропство што полека го прифативме како наше секојдневие! Да покажеме работничка солидарност и да застанеме заедно со Кети Лешко, бидејќи тоа што и се случува неа, му се случува и ќе му се случува на секој еден работник. На секој еден од нас и на секој што ни е драг. Да покажеме дека ние можеме без нашите газди, но не и тие без нас!
Нека овој протест биде само почеток на едно големо и силно работничко преродување кое конечно ќе исплоди со таа слобода што ни ја ветуваат, а никој не ни ја дава!