„Празнична честитка“

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

За време на Божиќните празници, на социјалните мрежи е актуелна шегата „паричката повторно се падна кај богатите“. Оваа година има силен пример каде што шегата се реализира во малку поинаква форма – „паричката повторно не се падна кај работникот“.

ВЕРО еклатантно ги погази и оние малку работнички права кои работниците во Македонија ги уживаат. Преку својот ФБ профил, Здравко Савески од Левица пренесува за случај во кој ВЕРО усно дава отказ на мајка работничка која што е на боледување, дур чека операција за своето дете.

Давањето отказ за време на боледување е законски забрането, па затоа и ВЕРО овој отказ усно го соопштил на работничката. Следствено на тоа, отказот се уште не е формализиран (веројатно се чека да истече боледувањето, за да се завршат сите административни и бирократски процедури за истиот). Ваквата ситуација остава доволно голем простор да се изврши притисок над ВЕРО за отказот да биде повлечен.

Мнозинството од нас се работници (над 99%) и секој од нас може да биде третиран на ваков начин. Ние мораме да изградиме работничка солидарност и заедно да застанеме против немилосрдноста на газдите. Нивниот единствен мотив е профитот, а благосостојбата на работникот е важна само доколку е таа исплатлива за компанијата.

Против ВЕРО е важно да се бориме паметно. Нашите акции не смеат да нанесат штета на остатанатите работници, па затоа не смеат да бидат во форма на тивок бојкот. Таквото делување е долготрајно и не го решава проблемот, туку се стреми да го казни супер маркетот. Со бојкот, работничката која ја изгуби работата ќе остане невработена, а постепениот пад на бројот на муштерии ќе се одрази лошо по платите на вработените (или со повеќе отпуштања).

Против ВЕРО е потребно да организираме протест и да ги повикаме и другите вработени да ни се придружат, како би нанеле брза штета по џебовите на газдите (што е единственото нешто што ги боли) и би ги приморале да попуштат и да ја вратат оваа работничка на работа. Па нека ова биде почеток на една работничка струја против газдите насекаде, за преземање на она што им следува на работниците за вложениот труд на работното место.