АктуелноЛокално

Краткотрајноста на политичките ветувања

Планот за отворање на рудници во Валандово, како дел од мегаломанскиот проект на „Казандол“ за исцедување на секое можно природно добро во име на „светиот“ профит, ја разбуди свеста на жителите на ова мало место. Како резултат на ова „будење“ се роди иницијативата „Спас на Валандово“ која од петни жили се избори за референдум за кој имаше сериозни обиди да биде спречен. Имено во јули тогашниот градоначалник Чурлиновски го забрани референдумот за рудници во Валандово. Референдумот, по тримесесечни обиди за закажување, сепак се одржа на 20 август, но не успеа бидејќи немаше доволна излезност.

Како жариште каде во судир се најде доброто на граѓаните спроти профитот, со пропаднат референдум, Валандово како по обичај беше кокетиран од политичките партии со сите можни ветувања како дел од кампањата за локалните избори. Дури и еден од кандидатите, сега актуелниот градоначалник Перо Костадинов, беше од самата иницијатива „Спас на Валандово“. Кампањата исполнета со реторика против рудниците кулуминираше со изјавата на премиерот Зоран Заев: “Подгответе се за затворање на рудникот!”

Премиерот со директна порака до менаџментот на рудникот Казандол: "Подгответе се за затворање на рудникот!"

Публикувахте от Спас за Валандово – Spas za Valandovo – SOS в 1 октомври 2017 г.

Во политичката битка сè е дозволено за да се дојде до неколку гласа плус и евентуално со тоа да се стигне на власт. Преслатка е власта и преудобна фотељата за да се одлолее. Ова се покажа како точно во Валандово.

Како резултат на кампањата во Валандово, после 16 години власт на ВМРО-ДПМНЕ, избран беше градоначалник од СДСМ. Но, како што е вообичаено во секој либерално-демократски систем, ставови и мислења се менуваат зависно од тоа од која страна на оградата т.е. власта си, па од тука и не треба да биде изненадување одговорот на премиерот Заев кој го даде во интервју за магазинот „Капитал“:

– Што е со рудниците на југот? Многу ветувавте, но нема конкретни потези?
– За нас нема дилема – здравјето на граѓаните секогаш е пред каква било економска придобивка. Силно сме посветени на овие случаи.
– Ако е така, зошто изградбата на рудниците не се стопира?
– За да не платиме како држава над 70 милиони евра отштета. Државата е дел од договорот и пеналите се тука. Тим веќе работи на правно – формалните аспекти и убеден сум дека ќе се најде најпогодното решение, како да се извлечеме од ситуацијата. Македонија сигурно нема да биде единствената земја што има рудник, но тоа мора, значи мора да биде во една еколошка рамка. Тука е многу јасно што е спорно. Прво, еколошките дозволи не се валидни, а второ, преминато е од арсен на цијанид. Поради алчност. Јас ги видов документите. Не се лутам на инвеститорите, тие “бркаат” профит, се лутам на државата, на претходната власт што ги склучила овие штетни договори. Оваа Влада тоа нема да го дозволи, бараме најсоодветно решение и од ова ветување не бегаме – се испитуваат сите правно-формални аспекти.

Од тука произлегуваат многу прашања Што се случи со предизборните ветувања? Дали нешто се промени во фактичката ситуација поврзана со рудниците или тие беа само искористени во кампања? И каква судбина ги чека останатите градови, во кои референдумите против рундиците на смртта беа успешни, но вољата на граѓаните не се почитува?