Читај, учи, работи и плати ако ти се јаде

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Јавните библиотеки и читални во земјава имаат еден клучен недостаток во својата просторна уреденост или, поточно, имаат инфраструктурна пречка: безмалку ниедна од нив нема маси и столици за јадење. Доколку некој сака да ја задоволи оваа елементарна човечка потреба со храна понесена оддома, тогаш тоа треба да го прави „на нога“ и најчесто надвор, каде што (особено во текот на студените месеци) е сосема непријатно да се јаде. Градските, општинските, универзитетските и други библиотеки – во коишто секојдневно учат и читаат илјадници студенти, но и многу млади луѓе (без фиксно место на работа) работат – немаат основни услови за минување на паузата за оброк. Да не зборуваме за „научнофантастичните“ визии во кои во читалната имате оддел со прибор за јадење, апарати за затоплување храна или варење чај и кафе – тоа се, сепак, футуристички бладања. Не, ние зборуваме за базичното: маси и столици за јадење.

Насловната слика е надворешноста на читалната „1000 книги“, која се наоѓа во строгиот центар на Скопје: ГТЦ. Не, тие маси не припаѓаат на читалната, туку на „Мини кафе“ – кафуле во кое, како и во повеќето локали, е забрането да се консумира храна донесена однадвор (домашна, на пример). Се наметнуваат следниве две прашања:

1) Кој тоа ѝ дозволува на фирмата која го управува „Мини кафе“ да узурпира дел од внатрешноста на ГТЦ за да профитира од инфраструктурните недостатоци на библиотеката и да забранува користење на јавниот простор за задоволување на елементарните човечки потреби?

2) Што ја спречува библиотеката (надлежните институции) да организираат сосема мал простор (од неколку маси и столици) за студентите да можат да се хранат поевтино и поздраво со домашно приготвена храна?

Ќе се најде ли јунак да одговори на овие прашања или, како и обично, ќе ги баталиме гладните и сиромашни студенти, читатели и работници кои „живеат“ во библиотеките?!