Работниците во фабриките на странските инвестиции се’ уште без синдикати

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Поминаа неколку години од првиот бран на директни странски инвестиции на економските зони во Македонија. Лошата економска состојба во државава и големата стапка на невработеност, беше оправдување за водачите на власт да се наслонат на моделот на директните странски инвестиции како единствена економска развојна опција.

Царините, даноците и инфраструктурата за овие инвестиции, се на сметка на буџетот на Република Македонија. Концесијата за земјиштето е на 99 години, приклучокот кон комуналната и гасоводна инфраструктура, исто така е бесплатно. Ова е моделот, којшто го искористи владата, а уште повеќе инвеститорите, чиишто давачки се сведени на минимум, додека го цедат максимумот од работниците.

Даночното ослободување, значи и неплаќање на данок на добивка и персонален данок на доход за период од 10 години. Неплаќањето на данок за платите една декада, создава своевидна дупка во буџетот на Република Македонија, којшто граѓаните во секој случај преку други даноци ќе го пополнуваат, односно ќе се лишат од некоја од правата кои им следуваат.

Тука влегуваат и привилегиите во однос на увоз на суровини и опрема, за што овие инвеститори се ослободени од плаќање на царина за истите. Ова е една од мерките, коишто им обезбедуваат шанса за поголем профит на инвеститорите, а кои се сепак на товар на буџетот на Република Македонија, односно на граѓаните на државата.

Бројните истражувања поврзани со директните странски инвестиции покажуваат дека, околу 11 илјади евра ја чини државата секое вработување во овие економски зони. Според анализата на владата, 225 милиони евра ја чинеле Македонија од 2007 до 2017 година. Додека пак, поради даночните и царинските олеснувања, државата изгубила околу 69 милиони евра.

И покрај сето тоа, политиките на привлекување на нови странски инвестиции и понатаму продолжуваат. Новата власт, како и старата не ги ревидира и не го превреднува овој модел на економско закрепнување на државата. Државата продолжува со политиките на привлекување на странски инвеститори под исти услови. Од друга страна, иако извозот е зголемен, репроматеријалите не се купуваат од внатрешни производители туку се увезуваат, а увозот не се оданочува.

Процентот на невработеност се намалува, меѓутоа, доколку се погледне големата слика, работниците примаат само нето плати. Придонесите и останатите давачки поврзани со работните места, ги субвенционира државата. Опортуните добивки кои недостасуваат, а тоа се тие средства кои би се генерирале во пензискиот фонд, негативно влијаат врз истиот и врз целокупниот државен буџет. Негативните ефекти од ова се очекува да се забележат во некое среднорочно определено време.

Работниците во овие зони не се синдикално организирани

Граѓаните на Република Македонија се принудени да работат и под стандардот на третманот на работницните во западноевропските држави. Долгогодишната сиромаштија низ којашто поминуваат граѓаните и неажурноста, како и незаинтересираноста на државата и институциите за интервенции во приватниот сектор при кршењето на работничките права, се едни од главните фактори за нискиот стандард на почитување на работничките права.

Тука влегуваат и начините на едукација на работниците за своите должности и одговорности како производители и алки во системот на продукција на добра, кои се многу ниски, односно незадоволителни. Од оваа перспектива, работниците во приватниот сектор се често лишени од правото на синдикално здружување, а доколку истото им е дозволено од страна на работодавците, сомнежите се дека лидерите на тие синдикати се само привезоци на работодавците. Тоа е и една од причините зошто работниците ретко штрајкуваат и протестираат кога се соочуваат со одредени проблеми, но и  работничките совети исто така ги нема, идејата за работничкото вмрежување е папсана од разочарувања.

Фабриката „Кромберг и Шуберт“, е една од странските инвестиции во битолскиот регион.  На нивната официјална страница на социјалните мрежи често може да се забележат и различни културни манифестации организирани за работниците. Меѓутоа, песните и ората кои често можат да се видат на рекламните клипови кои треба да промовираат почитување на работниците, не значат подобрување на работничките права.

Општо е познато дека, работниците во фабриките во т.н. „слободни економски зони“, не се синдикално организирани и дека секој потег во таа насока значи отпуштање на работникот од неговото работно место. Работниците се организирани во тимови, додека т.н. тим лидери се одговорни за процесот на работа и многу често стануваат и своевидни деспоти врз останатите колеги.

Фабриките (о)стануваат единствените културни и економски центри за животот на вработените, додека економскиот добробит и не е така висок, работниците на истите фирми во западна европа добиваат далеку повисоки плати.

Редакцијата на Гласник два пати се обиде да контактира со раководството во „Кромберг и Шуберт“. На прашањето, „дали во „Кромберг и Шуберт“ работниците имаат синдикат“, два пати контакт лицето одговори дека менаџерот за човечки ресурси е на состанок и дека ќе бидеме контактирани подоцна. До објавувањето на оваа вест, од таму не добивме повратен одговор.

 

текстот е преземен од Гласник