Министре, задржете си ги тие 5% за патни трошоци!

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Отворено писмо до Министерот за финансии и Владата на Република Македонија

Почитуван господине Mинистер,

Повод за моето обраќање е Вашата објава на плановите за Буџетот  за 2018 година. Морам да Ви кажам дека многу ме изненадивте. И не само мене, туку и останатите вработени во образованието. Трпеливо, како и секогаш, чекавме да поминат 100 дена, да поминат локалните избори и други важни работи и да дојде времето на распределба на средства за да видиме колку новата власт ќе ја процени работата во еден од најважните сегменти на државата – образованието.

И дочекавме – 5% од следниот септември.

Господине Министер, нѐ навредивте, повредивте и згазнавте по нашето достоинство.

Не треба некој да биде голем математичар или економист за да пресмета дека тие 1.050 (и со зборови – илјада и педесет) денари месечно до септември ќе бидат изедени од поскапувањата што следат (вода, нафта,… и така натаму низ доминото). Ние, просветните работници, сме навикнати на мали плати и потценување на нашата работа. Но, сепак, треба да бидете доблесни и да не газите врз нас како луѓе и врз нашето достоинство. Сепак, ние ги образуваме и заедно со вас ги воспитуваме вашите деца. Исто како што ве образувавме и воспитувавме и Вас и вашите колеги од Владата.

Почитуван Министре, многу од нас очекуваме вистински промени во управувањето со државата. Пред сѐ, очекуваме почитување на правото, како што ветивте како Влада.

Затоа, Ви препорачувам да го прочитате Колективниот договор за средно образование како правен акт со кој се уредува плаќањето во средните училишта (член 35.). Доволно е да го почитувате потпишаното, на што со години чекаме како фела. Ако не ви е јасно за што зборувам, вработените во образованието треба да се исплаќаат со определен коефициент според сложеноста на работата.

Не е сложено. На ист начин се исплаќаат и платите на пратениците, функционерите и други избрани лица. Само што, нивниот коефициент е врзан со просечната, а нашиот со минималната плата. Инаку математичката операција е иста – множење со коефициентот кој е законски определен. Значи, она што треба да е приоритет на Владата е почитување на законите и исплаќање според важечките прописи. Тоа нека биде еден мал чекор кон создавањето на одамна изгубената правна држава која ветивте дека ќе ја вратите. Правна држава со еднакво почитување на правото за сите. Откако тоа ќе се направи и испочитува ќе нема потреба од паушални покачувања. Тие автоматски ќе се добиваат со покачувањето на минималната плата.

Исто така, очекувам исполнување на ветувањето за чесно и транспарентно владеење. Ако сме во тешка финансиска криза, тогаш е чесно тоа и да се објави. Би ценела кога би дале предлог сите вработени во буџетските установи (од оние без квалификации, па до министрите и премиерот) да примаат минимален личен доход една или две или колку што е потребно години, за да ја спасиме државата од банкрот. Од патриотизам. Ова јас така, лаички. Можеби Вие, како економист, Универзитетски професор и Министер ќе имате подобро и побезболно решение. Само – објавете го. Чесно и транспарентно.

Она што особено ме радува последнава годинава е будењето на граѓаните на Македoнија. Можеби на многу тежок начин, но тие научија да размислуваат и да разликуваат популистички потези од вистински реформски промени.

Затоа, Ве молам да им се извините на вработените во образованието за овој ваш непромислен потег, да го повлечете предлогот за покачување на платите од 5%  и да размислите добро, пред да дадете друг предлог. Или, задржете си ги тие 5% за вашите патни трошоци.

Знам дека можете подобро. И другите членови на Владата можат да Ви помогнат во овие тешки времиња. Вие не сте влада на единичари. Вие сте образовани низ овој систем и очекувам да покажете почит кон оние кои ви помогнале да го стекнете вашето образование и да го постигнете во животот она што сте го постигнале.

Пишува: Фросина Митрушева

(Авторката е професорка во средно училиште и граѓанска активистка)

текстот е преземен од Цивил