Одбрана Соколова

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Медиумите огласија  дека е приведен поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров, Сокол Митровски, заедно со уште 8 индивидуи кој се вработени во општинската администрација. Сокол Митровски заедно со останатите приведени се осомничени за вршење на незаконско приватизирање на земјиште, со што е овозможено земјиштето да биде откупено од 1 евро за метар квадратен, за разлика од редовната пазарна цена која е драстично повисока, а со тоа и легализирање на објектите. Додека штета од сето тоа е проценета околу 66,600 евра.

Опозициската ДПМНЕ излезе со прес апелирајќи да не се вознемирува поранешниот градоначалник заедно со неговото семејство, бидејќи тој бил угледен генерал кој ја бранел татковината. Логичкото следство, кое што го посочи и изнесе ДПМНЕ, е дека апсењето на Сокол е  напад врз ДПМНЕ, а со тоа напад врз Македонија.

Кога Дпмне бива критикувано за фактичка состојба на нивните криминални дејствија, вообичаено, избегнувањето на конкретната ситуација,  се одвива преку универзалната небулозна реторика, каде што, наеднаш, поединечното упатено обвинение, се пренасочува како напад врз Дпмне, а со тоа и изедначен напад врз Македонија. Бидејќи  12 години работеа  Дпмне да  стане синоним на Македонија , со планскиот ефект на заборавање дека Дпмне е политичка партија која треба да служи на граѓаните, а не партија која е израмнета со својство на држава,а со тоа со секоја критика кон неа, да се потенцира замислениот напад  и кон Македонија. Во таквата ситуација, безобразната медиумската пропаганда од ДПМНЕ не им дозволуваше ниту имагинативно на граѓаните да ја надминат подредената догматска улога. Истите граѓани, кој просто и робуваа, од слојот на преработените работници и работнички кој недоволно платениот труд го поднесуваа за нивен луксуз, како и сите оние високо интелектуални работници кој ‘’заборавија’’ на директната интелектуална општествена критика која треба да е коректор и двигател на едно општество.

Таквата, граѓанска подредена улога, му овозможи на Сокол буквално 12 години да ги изигрува граѓаните со (сега) нецелосно реализираната фекална канализација, на која што, напоменувам, граѓаните сами учествуваат со  придонес од 500 евра од приклучок. На еден од првите состанотци со месната заедница, истиот тој споменува дека, во суштина, тие 500 евра ке бидат како индиректно финансиско средство кое ке овозможи забрзано да се одвива процесот и ќе бидат дополнително економско забрзување за последователно асфалтирање на самите улици каде што е спроведена канилизацијата. Нужноста од деталната ревизија која треба да следи за овој проект потекнува од дополнителните неповратни странски донациски средства кои се пренаменети за изградба на оваа фекална канализација за кој слевањето на тие пари, паралелно со 500 евра од куќа, како и делот од општинскиот буџет кој учествувал за истиот се непознати за јавноста, односно дали вкупноста на тие финасии се поклопувале со економската проценка за проектот со канализацијата. И, ако да, зошто не е реализирано, а со тоа и каде се слеани тие пари? Но, дополнителна проблематичност е и практичниот условен и оскуден начин на планирање на тој проект. Накратко, канализациската мрежа по куќа се поврзува под услов кога ќе се платат тие 500 евра, па се доаѓа во ситуација каде што една иста улица треба да се прекопува (веќе асфалтирана) по 10 пати поради временската некомпатибилност на плаќање, со приоритетноста на прво парите – па потем приклучокот, наместо да се испланира целосно редоследно спроведување – па потем изнуден план за повеќе можности и начини на отплата. Во селските населби товарот од куќа на тие 500 евра едвај успеал, а некаде и не успеал, да се обезбеди за овие 12 години па сиромаштијата те принудува на нелегално приклучување за кое во суштина во ваквиот нечесно обмислен проект сулудо е да се обвинува граѓанинот.На изборната кампања на локалните избори предложениот градоначалник Владо Мисајловски од ДПМНЕ во една од телевизиските гостувања, се огради од незадоволството и критиките кон Сокол Митровски едноставно укажувајќи дека се работи за лично сносење на одговорност. Па сега, не ставаат во недоумица, дали зад соколовата одбрана треба да застане цела Македонија, или лично самиот тој?….. Во насока на размислување на тоа прашање ќе го забележам пожарот во август што се случи во селото Орман, каде што селаните со сите импровизирани начини се обидуваа да го спречат распостелувањето на огнот, а на тоа  ќе го цитирам тогашниот градоначалник кој, одговорно како вистински генерал, го искажа следното : ,,Немаме што да правиме, толку ни се силите, немаме ниту екипи, ниту опрема“. Во 12 годинишната градоначалничка позиција Сокол Митровски,  не успеал да предвиди дека треба да се опремат, организираат и испланираат средства со кој што ќе располага општината во природни непогоди, па така, на терен присуствувало само едно противпожарно возило, додека на другото возило биле расипани пумпите. На овогодинешното одбележување на празникот на општината Сокол Митровски, во говорот, забележа дека општината Ѓорче Петров е на пат да стане вистинска европска модерна општина. Да, првиот чекор кој ке ни овозможи надеж во тој исказ е негово санкционирање за сите проневерени и злоупотребени позиции кој ги има остварено, потем, залагање на сегашниот градоначалник Александар Наумовски заедно со мнозинството на советот од неговата партија СДСМ, за враќање на претходните проневерените средства  и директно искористување на истите тие во рационални проекти во општината, бидејќи во насока на подемот од локалните избори што го завзема СДСМ  , но и целосниот претходен граѓански револт,  не беше мотивиран од примитивната желба за реваншизам, туку од неиздржливиот реваншистички цикличен круг помеѓу ДПМНЕ и СДСМ, кои  направија погодна општествена почва за никнување на сега веќе паднатиот „режим“. Па, во таа насока, во надеж сум на исчезнување на  ветрогоните радувања и облици на СДСМ по повод приведувањето на Сокол Митровски, бидејќи во спротивно соколовата одбрана ке заврши во буквална смисла или пак ќе застане само до онаму до каде што е однапред предвиден процесот, а не до каде што треба да оди комплетната правда и одговорност. Но, исто така, залагањето за сносењето на едностраната одговорност и правда, е доказ за партиската хипокризија, па аналогно на тоа не смее да се заборави и синхрониското совпаѓање на причината на приведувањето на Сокол Митровски, со Зоран Заев за исто така злоупотребата на продажба на државно земјиште од 1 евро за квадрат на страна на близок бизнисмен, за кој потем планот за искористување на земјиштето, пазарлукот, митото и делбата се водат од строгиот личен интерес.

Симона Јорданова