Набљудувач на ЦИВИЛ нападнат среде бел ден од член на ДУИ

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Среде бел ден, лицето С.М., истакнат член на ДУИ во општина Сарај, физички нападна активист и член на ЦИВИЛ. Инцидентот се случи вчера, на 1 ноември, во близина на кружниот тек во Ѓорче Петров, во 14 часот. ЦИВИЛ спроведе сериозни проверки на теренот и верификација на сите податоци, побара и писмена изјава од својот набљудувач и ја обезбеди потребната документација за инцидентот.

ЦИВИЛ констатира дека напаѓачот е член на избирачкиот одбор во с. Ласкарци, а причината за нападот врз нашиот член е токму тоа што тој беше набљудувач, акредитиран од Државната изборна комисија и овластен од ЦИВИЛ, за набљудување на локалните избори на избирачкото место каде што напаѓачот бил член на избирачкиот одбор.

Уште на денот на гласањето, на 29 октомври, напаѓачот отворено им се заканувал на набљудувачите на ЦИВИЛ, поради што тие беа повлечени, а јавно, на прес конференција, релевантните институции беа повикани да реагираат. Имено, во текот на изборниот ден, на 29 октомври, во 13:30 часот, ЦИВИЛ ги повика ДИК и МВР да преземат мерки да го заштитат изборниот процес во с. Ласкарци. Дали тоа се случи, немаме повратна информација, но вчерашниот напад доволно кажува како стојат работите.

Напаѓачот го забележал нашиот набљудувач во Ѓорче Петров во текот на вчерашниот ден и дивјачки го нападнал со тупаници, по што нашиот набљудувач се здобил со повреди констатирани од здравствена установа. Случајот е пријавен во полиција во текот на вчерашниот ден.

ЦИВИЛ ја информира јавноста дека се работи за напаѓач кој е влијателен член на владејачката партија ДУИ, кој се дрзна среде бел ден да го нападне нашиот набљудувач, само затоа што одговорно ја вршел својата задача како акредитиран набљудувач на Државната изборна комисија и овластен член на мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ најостро го осудува овој дивјачки чин и категорично бара од институциите на државата да го заштитат нашиот член и неговото семејство од понатамошни притисоци и закани по нивната безбедност.

Напад на член на ЦИВИЛ е напад на целата организација! Воедно, тоа е и напад на Државната изборна комисија и воедно претставува груб напад на целиот изборен процес и демократијата воопшто.


Текстот е преземен од ЦИВИЛ

Нападнатиот член на ЦИВИЛ е истиот оној што го снимаше лишувањето од слобода на членовите на Левица за време на мирниот анти-воен протест.