Фени, уште една фирма во стечај

Печките во „Фени Индустри“ згаснаа во септември. Падот на цената на никелот си го направи своето врз мотивацијата на газдите, како што стои и во нивното официјално соопштение. Банките, како најголеми доверители на „Фени индустри“, на 30 октомври поднесоа предлог до надлежниот суд во Велес за реструктуирање и реорганизација на Фени со отворање на стечајна постапка. Информираат дека „Енекод“ не ги исполнила обврските, а за Фени, покрај бугарската компанија, заинтересирани имало уште двајца сериозни инвеститори..

„Поради блокадата на сметката сега имаме проблеми со дневните плаќања и кон други доверители, добавувачи, банки и компаниите кои нè снабдуваат со руда, што доведе и до тоа некои од нив да покренат извршни постапки со кои единствено се оневозможува опремата да се продава, но истата е во функција, а со тоа и Комбинатот, односно производните линии се во функција. Напоменуваме дека досега платите на сите вработени се исплаќаа редовно и сметаме дека работењето на компанијата и егзистенцијата на вработените сè уште не се доведени во прашање“, стои во едно од нивните последни соопштенија.

Иако во соопштението на „Фени Индустри“ е наведена редовноста на исплаќањето плати на вработените, притисоците врз нив, отпуштањата на „погласните“ синдикалци, како и опструирањето на работата на синдикатите во фабриката се нештата по кои оваа компанија стана позната во јавноста.

Под притисок на банките кои се најголемите доверители на „Фени Индустри“ најверојатно ќе биде отпочната стечајна постапка. Во меѓувреме, иако „Енекод“ се пријавува како нов сопственик на комбинатот, според Хари Костов, генералниот директор на „Комерцијална банка“ (која е и најголемиот доверител), условите за тоа да стапи на сила не се исполнети.

„Енекод не е новиот сопственик на Фени, а наводно потпишаниот договор за продажба никаде не е презентиран. Дури и да постои не може да се имплементира зашто не се исполнети условите за негово стапување во сила, а и во Централниот регистар нема промена на сопственичката стрктура на Фени“, посочува Хари Костов.

Банките тврдат дека целта на стечајната постапка не е прекин на работата на комбинатот, туку е подмирување на долговите. Тие најавуваат дека ако се појави сериозен инвеститор, стечајната постапка би ја прекинале и би пристапиле кон реструктурирање на долгот со цел да се олесни работата.

Стравот на вработените во „Фени Индустри“ е предизвикан од сличната судбина на комбинатот со други компании кои отишле под стечај, која стана типична за „поволната“ бизнис клима во Македонија. Во минатото, инвеститорите доаѓаа, го правеа својот профит додека можеа и заминуваа додека банките си го наплаќаа долгот. Судбината на работниците никогаш не беше ни слична на судбините на инвеститорите и банките. Оставени на улица како черга пред врата, со надеж дека ќе дојде некој нов гостин да си ги избрише чевлите од нив, тие најчесто беа игнорирани од државата. Дали истото ќе се случи и со вработените во „Фени Индустри“?