Зошто социјализам? – Алберт Ајнштајн

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Дали е препорачливо за некој кој не е експерт за економски и општествени прашања да искажува мислења за социјализмот? Верувам дека постојат повеќе причини поради кои е.

На почеток, да го разгледаме прашањето од гледна точка на научното сознание. Може да изгледа дека нема суштинска методолошка разлика помеѓу астрономијата и економијата: научниците од двете области се обидуваат да откријат закони од општа прифатливост за одбрана група на појави со цел да ја направат меѓузависноста на овие појави колку што е можно полесно сфатлива. Сепак во реалноста вакви методолошки разлики постојат. Откривање на општ закон од областа на економијата е отежнато поради околностите во кои набљудуваните појави се често под влијание на фактори кои многу тешко се пресметливи поодделно. Дополнително, искуството што е акумулирано од почетокот на таканаречениот цивилизиран период на човековата историја било – како што е добро познато – под големо влијание и ограничувано од причини кои во никој случај не се само економски. На пример, повеќето големи држави во историјата им го должеле своето постоење на освојувањата. Освојувачите се воспоставиле себеси, правно и економски, како привилегирана класа во освоените земји. Тие го зграпчиле за себе монополот на поседување земја и назначувале свештеници кои припаѓале на нивниот ред. Свештениците, кои го контролирале образованието, ја претвориле класната поделба на општеството во трајна институција и создале систем на вредности според кој оттогаш, во најголема мерка потсвесно, луѓето се раководеле при нивните општествени односи.

Сепак историската традиција, така да се каже, е вчерашна: никаде всушност не сме го надминале тоа што Торстен Веблен го вика „предаторска фаза” на човековиот развој. Видливите економски факти припаѓаат на таа фаза и дури и тие закони што можеме да ги извлечеме од нив нема да бидат применливи на другите фази. Бидејќи вистинската цел на социјализмот е токму надминување и развој над предаторската фаза на човековиот развој, економската наука во нејзината сегашна состојба може сосема малку да го осветли социјалистичкото општество на иднината.

Второ, социјализмот е насочен кон општествено-етички цели. Науката, од друга страна, не може да создава цели и, дури и помалку, да ги всади во луѓето; науката, во најдобар случај, може да овозможи средства преку кои може да се постигнат одредени цели. Но целите се осмислени од индивидуи со благородни етички идеали и – ако овие цели не се мртвородени, туку полни со живот и моќни – се прифаќани и развивани од она мнозинство луѓе кои, половично несвесно, ја одредуваат спората еволуција на општеството.

Од овие причини, треба да внимаваме да не ја прецениме науката и научниот метод кога се во прашање човековите проблеми; и не треба да претпоставуваме дека единствено експертите се оние кои имаат право да кажуваат мислења за организацијата на општеството.

Безбројни гласови веќе некое време истакнуваат дека човековото општество минува низ криза, дека неговата стабилност е сериозно нарушена. Карактеристично за вакви ситуации е дека поединците се индиферентни или дури и непријателски настроени кон групата, мала или голема, на која припаѓаат. За да го појаснам ова тврдење, дозволете ми да се повикам на личното искуство. Неодамна разговарав со еден интелигентен и отворен човек за заканата од нова војна, која според мое мислење сериозно ќе го загрози постоењето на човештвото, и забележав дека само една наднационална организација може да понуди заштита од таа опасност. Тогаш мојот посетител, сосема смирено и ладнокрвно, ми рече: „Зошто толку длабоко се спротивставуваш на исчезнувањето на човековиот вид?”

Сигурен сум дека само пред еден век никој толку лесно не би изрекол мислење од овој тип. Ова е мислење на човек кој залудно се напрега да ја задржи рамнотежата во себе и повеќе или помалку ја изгубил вербата во успех. Тоа е израз на болна осаменост и изолација од која многу луѓе страдаат денес. Која е причината? Има ли излез?

Лесно е да се постават вакви прашања, но тешко е да се одговори на нив со некаква доза на сигурност. Сепак морам да се обидам, најдобро што можам, иако сум сосема свесен за фактот дека нашите чувства и стремежи се често противречни и нејасни и дека не можат да се изразат со лесни и едноставни формули.

Човекот е, истовремено, и индивидуално и општествено битие. Како индивидуално битие, се обидува да ја одбрани сопствената егзистенција и на оние што му се најблиски, да ги задоволи личните желби и да ги развие своите вродени способности. Како општествено битие, се стреми да стекне признавање и наклоност на ближните човечки битија, да ги сподели нивните задоволства, да сочувствува со нивната тага и да ги подобри нивните околности на живеење. Самото постоењето на овие различни, често спротивставени тежненија, ја одредува особената карактеристичност на човекот, а нивната специфична комбинација го одредува обемот во кој поединецот може да постигне внатрешна рамнотежа и да придонесе за општото добро. Сосема е возможно дека релативната сила на овие нагони е, главно, одредена со наследување. Сепак личноста што на крајот испливува е во голема мера оформена од околината во која човекот се нашол додека се развивал, од структурата на општеството во која пораснал, од традицијата на тоа општество и од неговото прифаќање на одредените видови однесување. Апстрактниот концепт „општество” за индивидуалното човечко суштество ја означува вкупната сума на сите негови директни и индиректни релации со ближните, како и со сите луѓе од претходните генерации. Поединецот е способен да мисли, да чувствува, да се стреми и да работи самостојно; но во голема мера зависи од општеството – за физичко, интелектуално и емоционално постоење – така што е невозможно да мисли за себе или да се разбере вон рамките на општеството. Токму „општеството” го снабдува човекот со храна, облека, дом, средства за работа, јазик, начини на мислење и поголемиот дел на она што го мисли; неговиот живот е овозможен преку трудот и достигањата на многуте милиони луѓе од минатото и сегашноста од кои сите за него се скриени зад малиот збор „општество”.

Затоа е очигледно дека зависноста на индивидуата од општеството е природен факт кој не може да биде укинат – исто како во случајот со мравките и пчелите. Од друга страна, додека целиот животен процес на мравките и пчелите е фиксиран до најмалите детали од крути, наследни инстинкти, општествените шаблони и заемните врски на луѓето се многу разновидни и подложни на промена. Памтењето, способноста за правење комбинации, дарбата за говорна комуникација го овозможиле развојот на луѓето кој не е диктиран од биолошките нужности. Ваквиот развој се манифестира во традициите, институциите и организациите; во литературата; во научните и инженерски достигања; во уметничките дела. Ова објаснува како може, во одреден степен, човекот да влијае на сопствениот живот по сопствено наоѓање и дека во овој процес свесното мислење и стремежи играат значајна улога.

Човекот при раѓањето, преку наследување, се стекнува со биолошка конституција која мораме да ја сметаме за постојана и непроменлива, вклучувајќи ги и природните нагони кои се карактеристични за човековиот род. Дополнително, во текот на животот, стекнува културна конституција која ја презема од општеството преку комуникацијата и преку другите видови на влијание. Токму оваа културна конституција, со текот на времето, е подложна на промени и која го одредува во најголема мерка односот помеѓу поединецот и општеството. Модерната антропологија нè учи, преку споредбените истражувања на таканаречените примитивни култури, дека општествените однесувања на луѓето можат многу да се разликуваат, во зависност на преовладувачките културни шаблони и видови на организирање кои доминираат во општеството. Токму на ова треба да ги темелат своите надежи оние кои се стремат да го унапредат човештвото: луѓето не се осудени, поради нивната биолошка конституција, да се уништат меѓусебно или да бидат оставени на милост на суровата, самонаметната судбина.

Ако се запрашаме како треба да се промени структурата на општеството и културната особеност на човештвото со цел човековиот живот да се направи колку што е можно позадоволителен, мораме постојано да бидеме свесни за фактот дека постојат одредени состојби кои не можат да се променат. Како што спомнавме, биолошката природа на човекот, за сите практични причини, не е предмет на промена. Понатаму, технолошкиот и демографскиот развој во минатите неколку века создале услови кои мора да опстојат и понатаму. Во релативно густо населена популација со добра кои се неопходни за нејзино понатамошно опстојување, екстремната поделба на трудот и висококонцентрираниот производен апарат се апсолутно нужни. Времето – кое, гледајќи наназад, сега изгледа толку идилично – кога индивидуите или релативно малите групи можеле да бидат целосно самодоволни, е засекогаш завршено. Сосема е мало преувеличување да се каже дека човештвото дури и сега претставува планетарна заедница за производство и потрошувачка.

Дојдов до моментот кога можам накусо да посочам што според мене е суштината на современата криза. Тоа го засега односот на поединецот кон општеството. Поединецот станал уште повеќе свесен за зависноста од општеството. Сепак, таа зависност не се чувствува како позитивна придобивка, како органска врска, како заштитна сила, туку сосема спротивно, како закана за природните права или дури и закана за економскиот опстанок. Уште повеќе, неговата позиција во општеството е таква да ги потенцира егоистичките нагони, додека постојано ги деградира општествените нагони кои се по природа и послаби. Сите луѓе, каква и да е нивната позиција во општеството, страдаат од овој процес на деградација. Несвесни затвореници на сопствениот егоизам, тие се чувствуваат несигурни, осамени и лишени од наивните, едноставни и несофистицирани радости на животот. Човекот може да најде смисла во животот, краток и драгоцен каков што е, само ако се посвети кон општеството.

Економската анархија на капиталистичкото општество како што постои денес, според мое мислење, е вистинскиот извор на злото. Пред нас имаме огромна заедница на произведувачи чии членови без престан тежнеат да ги лишат другите од плодовите на нивниот колективен труд – не со сила, туку со почитување на легално воспоставените правила. Со оглед на тоа, битно е да се воочи дека средствата за производство – што би се рекло целиот продуктивен капацитет кој е потребен за производството на потрошни добра како и на дополнителните капитални добра – можат легално да бидат, а во најголем случај и се, приватна сопственост на поединци.

За да поедноставиме, во дискусијата што следи ќе ги наречам „работници” сите оние кои не учествуваат во поседувањето на средствата за производство – иако тоа сосема не кореспондира со вообичаената употреба на тој израз. Сопственикот на средствата за производство е во позиција да ја купи работната сила на работникот. Со употреба на средствата на производство, работникот произведува нови добра кои стануваат сопственост на капиталистот. Суштинска точка за овој процес е односот на тоа што работникот го произведува и на тоа со што е платен, и двете мерени како вистинска вредност. Затоа што работниот договор е „слободен”, тоа што работникот го добива е одредено не од вистинската вредност на добрата што ги произвел, туку од неговите минимални потреби и од капиталистичката потреба за работна сила во однос со бројот на работници кои се натпреваруваат за работното место. Битно е да се разбере дека дури и во теоријата, платата на работникот не е одредена од вредноста на неговиот производ.

Приватниот капитал тежнее да се концентрира во мал број раце, делумно поради конкуренцијата помеѓу капиталистите, а делумно поради технолошкиот развој и зголемената поделба на трудот поттикната од формирањето поголеми целини за производство на сметка на помалите. Резултат на овој развој е олигархија на приватниот капитал чија огромна моќ не може ефикасно да биде контролирана дури и во демократски организирани општества. Ова е така бидејќи членовите на законодавните тела се избираат од политички партии кои во голема мера се финансирани или кои на некој друг начин се под влијание на приватните капиталисти кои, од практични причини, ги одделуваат гласачите од законодавните тела. Последица на тоа е што претставниците на народот всушност и не ги заштитуваат интересите во доволна мерка на обесправените делови на населението. Уште повеќе, во сегашните услови, приватните капиталисти во крајна рака ги контролираат, директно или индиректно, главните извори на информации (печатот, радиото, образованието). Затоа е екстремно тешко, и навистина најчесто сосема невозможно, поединечните граѓани да дојдат до објективни заклучоци и да остварат интелигентна употреба на нивните политички права.

Состојбата која преовладува во економија базирана на приватна сопственост над капиталот затоа е карактеризирана со два главни принципи: прво, средствата за производство (капиталот) се приватна сопственост и нивните сопственици ги користат како што ним им одговара; второ, работните договори се слободни. Секако, не постои чисто капиталистичко општество во оваа смисла. Конкретно, треба да се забележи дека работниците, низ долга и тешка политичка борба, успеале да обезбедат нешто подобра форма на „слободен работен договор” за одредени категории на работници. Сепак, земено во целина, денешната економија не се разликува многу од „чистиот” капитализам.

Производството се одвива за профит, не за употреба. Нема никаква гаранција дека сите оние кои се способни и желни за работа ќе можат да најдат вработување; речиси секогаш ќе постои „армија на невработени”. Работникот е во постојан страв да не го загуби работното место. Бидејќи невработените и слабоплатените работници не обезбедуваат профитабилни пазари, производството на потрошни добра е ограничено, што резултира со многу тешкотии. Технолошкиот прогрес најчесто предизвикува поголема невработеност отколку олеснување на товарот на работата за сите. Мотивот за профит, во спој со конкуренцијата помеѓу капиталистите, е одговорен за нестабилноста во акумулацијата и искористувањето на капиталот што води во сè позачестени и сè потешки кризи. Неограничената конкуренција доведува до огромно уништување на трудот и со тоа и до осакатување на општествената свест на поединците која претходно ја споменав.

Ова осакатување на поединците го сметам за најголемо зло на капитализмот. Целиот образовен систем страда од ова зло. Претерано поттикнатиот однос кон конкуренцијата се всадува во студентите, кои се обучени да го обожаваат лакомиот успех како подготовка за нивната идна кариера.

Убеден сум дека постои само еден начин да се елиминира ова смртно зло, имено, со остварување на социјалистичка економија, придружена со образовен систем кој ќе биде ориентиран кон општествени цели. Во таква економија, средствата за производство ќе бидат поседувани од самото општество и ќе бидат плански користени. Планската економија, која го прилагодува производството според потребите на заедницата, ќе ја распредели работата што треба да се сработи на сите кои се способни да работат и ќе гарантира услови за живот на секој маж, жена и дете. Образованието на поединците, како додаток на промовирањето на нивните природни способности, ќе се стреми да развие кај нив чувство на општествена одговорност за ближните луѓе, наместо славење на моќта и успехот како во денешното општество.

Во секој случај, неопходно е да се запомни дека планската економија сe уште не е социјализам. Планската економија како таква може да се оствари и со целосно поробување на поединецот. Остварувањето на социјализмот бара решавање на некои екстремно тешки општествено-политички проблеми: како е возможно, со оглед на далекусежната централизација на политичката и економската моќ, да се спречи бирократијата да стане семоќна и неограничена? Како да се заштитат правата на поединецот и со тоа да се обезбеди противтежа на моќта на бирократијата?

Јасноста за целите и проблемите на социјализмот е од најголемо значење во ова наше време на транзиција. Бидејќи, во сегашните услови, слободната и непречена дискусија за овие проблеми е под големо табу, сметам дека целта на основањето на ова списание е да биде важен јавен сервис.

Извор: Monthly Review, број 1, мај 1949

Автор: Алберт Ајнштајн

Превод: Горан Марич

Преземено од Marxists