Либерален тоталитаризам – Флертот помеѓу либерализмот и демократијата

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Симулакрумот не е никогаш она што ја крие вистината, туку вистината прикрива дека ја нема. Симулакрумот е вистинитост. – Бодриар

 

 Бракот помеѓу капитализмот и демократијата вроди со многу изроди сиве овие децении наназад. Овие чеда “изроди”, вкрстувајки се единствено и исклучиво само со првото и најмило чедо на либерализмот, слободата, веќе имаат и свои внуци, па и правнуци, кои владеат како тирани во секој домен од социјалното битосување на човекот.

 

 Тоталитаризмот на либералната идеја е во тоа што од една страна принципиелно ги одвојува економијата и политиката а од друга страна во политичката реалност флертува со капиталистичките вредности и пазарната економија како таква. Овој морално етички процеп помеѓу институциите на државата и економијата се повеќе се претвара во очигледна дупка.

 

 На почеток би се запрашале: каква политичка реалност имаме ние во Македонија? Според нас ова е круцијално прашање на кое треба да се одговори многу посуштински наместо секојдневните политикантски дијагнози од типот дека ние сме етничко конфликтна заедница, конзервативна со силно влијание на религијата и општество каде владеат елитите длабоко навлезени во криминал и со криминално минато. Она на што сакаме да укажеме е дека кога се ќе се собере политичката реалност во македонија е со економска рационалност, односно тоа се економски (ресурсни) политики со случајни социјални и политички последици. Па можеби и тоа е онаа најважна консеквенца како главна одлика на идејниот мрак кој го живееме. Напросто, во моменталниот јавен дискурс нема никаква расправа околу политичката рационалност која ги организира сите тие економски политики а која пак притоа е надвор од самиот пазар. Ако воопшто има некакво пркосење на овој тоталитарен мајндсет тоа се само маргинални дифузни поединци и групации без никакви интерферентни точки помеѓу нив.

 

 Последователо на ова, ние мораме да увидиме дека политичките импликации на економијата се многуслојни и како тоталитет ја имаат завземено тековината на политичката рационалност што предизвикува пак социјални контрадикции. Во оваа смисла економијата воведува еден магичен круг каде произведува, не само онтолошка туку и нормативна побарувачка за изградба на социјалните институции, како и следствено на ова, задава јавен дискурс по прашањата за самата политичка реалност. Од таму и оние тотално безсмислени квази дебати по сите, без исклучок, медиуми и јавни настапи на своевидната интелигенција на нашево општество.  

 

 Каде во сето ова е левицата, односно кој е нејзинот пристап во расудувањето на моменталната политичка реалност? Ова прашање колку што важи за нашата левица толку важи и за меѓународната позиција на своевидната левица низ Европа па и светот. Прво, да забележиме една суштествена карактеристика како последица на политичката реалност со економска рационалност: Имено, моралните како и политичките расудувања се сведуваат на кост-бенефит анализите, што представува суша за било каков прогресивен никулец на политката сцена, каков што впрочем левицата е во Македонија. Односно, мапирањето на проблемите – барем оние суштетсвените – не е идолошки детерминирано туку проблемите се мапираат програмски или секторски. Има констатирани проблематични состојби од овој вид во нашата политичка заедница кои се признаени од сите, дури и од маргинални политички структури, но исто така скоро сите релевантни актери од политичката сцена не покажуваат нималку политичка волја за решавањето на некои од овие горливи општествени проблеми. Констатирањето дека нема доволно материјални средства за определена политика е најчесто прикривање на состојбата за политичка безволност и безидејност на тие кои ги имаат под своја контрола институциите на државата.  

 

 Понатаму, она што е важно да се забележи дека при сето ова, инсталираната политичка рационалност иако во прв план го сместува пазарот сепак таа не е фиксирана само на економијата; оваа рационалност се праширува низ сите инцтитуции на државата каде се рефлектира како економска дискриминација при давање услуги. Само еден од примерите е предвидената можност со одреден паричен надомест повеќе од вообичаената цена за спроведување временски побрза постапка во вадењето на патни исправи и лична документација при институциите на МВР. Ова е само еден од пластичните со голо око видливи примери, ако на ова само уште се додаде и состојбата со квалитетот и можноста за пристапот до здравствена нега и заштита или пак можноста за образование и лична надградба кои до екстремно ниво се условени од пазарната логика, тогаш без дилеми ќе увидиме дека живееме во определен момент од историјата кој воопшто не соодејствува ниту пак бива препознаен од политичката рационалност која расудува за зададената политичка реалност.

 

 Либерализмот си ги уништи сите демокрадски принципи токму поради неговиот флерт со слободниот пазар и особено на институционално ниво прелеано во меѓународните политички и еконосмки институции како ЕУ, ММФ, НАТО и слични. Низ овој процес либерализмот се повеќе се рефлектира како политички нихилизам кој никако нема да биде надминат со никаква одбрана на слободата, и тоа во сите нејзини подкатегории. Левицата неможе да очекува дека алтернативата на постоечката политичка реалност ќе ја предизвика разоткривањето на криминалот на постоечките политиканти на власт, ниту пак покажување кон очигледното лицемерие на институциите на државата или пак некаков си антикорупциски потват. Левицата не смее да биде учесник во постоечката политичка реалност со економска рационалност репродуцирајќи го уште повеќе политичкиот нихилизам. Очигледно дека она што насушно е потребно е да се насочат сите сили во алтернативна рационалност а силно да се нападне постоечката.