Кога работата буквално убива

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

На 29 јули, околу 14:45 часот, на улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Скопје, при изведување градежни дејности (уредување дворна површина со рачен компресор), 27 годишен работник од село Црешево паднал на земја. Лекарите ја констатирале неговата смрт во 16:10 часот. По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.

Ова не е прв случај во кој здравјето и животот на работниците се загрозени поради лошите работни услови. Работници се онесвестуваа поради високите температури, паѓаа од големи висини на работните места, се стекнуваа со здравствени проблеми, а на дел од нив животот им беше ставен во опасност. Трудовиот инспекторат веќе реагираше, ангажирајќи 30 дежурни трудови инспектори и отворајќи телефонска линија за пријавување на работници што работат на горештини, откако беше искритикуван во јавноста за неагилно вршење на својата должност, посебно во период на зголемени температури.

Сепак, преземаните мерки не се доволни. Компаниите сè уште си дозволуваат да ги злоупотребуваат своите вработени, ставајќи го профитот пред здравјето и животот на човекот, додека работниците, условени за пари, прифаќаат да работат во услови кои можат да бидат погубни за нив. Бројот на трудови инспектори и казните за компаниите кои ги злоупотребуваат своите вработени мора да пораснат, доколку сакаме да ги спречиме и натамошните вакви случаи.