Неолиберализмот нè измами да се бориме против климатските промени како индивидуи

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Би посоветувале ли некого да вее кујнска крпа во опожарена куќа? Да донесе тепалка за муви на престрелка? Сепак, советите кои ги слушаме за климатските промени не можат да бидат понесинхронизирани со природата на кризата.

Порака во моето дојдовно сандаче минатата недела нудеше триесет предлози како да ја направам мојата канцеларија позелена: да користам пенкала кои можат да се искористат повторно, да купувам локални зеленчуци, да купувам еко-канцелариска опрема, да ставам соларен панел на покривот.

А, истражување објавено минатата недела тврди дека е најден најдобриот начин за да се борам со климатските промени: да се заколнам дека нема да имам деца.

Овие совети за индивидуална акција, во корпоративните реклами, учебниците и кампањите на мејнстрим групите за заштита на околина, особено на запад – се чинат природни како и воздухот кој го дишеме. Но, не би можеле повеќе да грешиме.

Додека се заморуваме себеси со „позеленување“ на нашиот личен живот, корпорациите за преработка на фосилни горива ги прават тие обиди неважни. Од 1988 година, само сто компании се виновни за неверојатен 71% од вкупната емисија на јаглерод. Вие се занимавате со пенкалата и соларните панели, а тие ја палат целата планета.

Слободата на овие корпорации да загадуваат – и фиксацијата на зелен животен стил, не е случајност. Тоа е резултат на идеолошка војна, водена во последните 40 гдини, против можноста за колективна акција. Иако е ужасно успешна, не е предоцна да се смени.

Политичкиот проект на неолиберализмот, кој се издигна во времето на Тачер и Реган, има две основни цели. Првата е да се оттурнат сите бариери од практикувањето на приватна моќ за која никој не води сметка. Втората е да се издигнат над секоја демократска јавна желба.

Заштитниот знак – приватизацијата, дерегулацијата, намалување на данокот и договорите за слободна трговија, им дадоа слобода на корпорациите да акумулираат огромни профити и да ја третираат атмосферата како септичка јама. Ја ограничија нашата можност преку инструментот на државата, да ја планираме нашата колективна добробит.

Сè што наликува на колективна проверка на корпоративната моќ стана цел на елитата: лобирањето и корпоративните донации, шупливите демократии, ги опструираа зелените политики и им дозволија на фосилните горива да течат. Правата на асоцијациите, синдикатите, најефективните начини за работниците да се борат заедно, се оневозможени кога и да е можно.

Во истиот момент кога климатските промени зависат од колективен јавен одговор без преседан, неолибералната идологија стои на патот. Затоа, ако сакаме брзо да ги спречиме емисиите, ќе мораме да ги надминеме сите мантри на слободниот пазар: да ги вратиме железниците, јавните добра и снабдувањето со струја во државна контрола, да ги регулираме корпорациите да ги намалат емисиите и да ги зголемиме даноците за тие пари да ги вложиме во масовните инвестиции во инфраструктурата подготвена за климатски промени и обновлива енергија – за соларните панели да можат да се најдат на сечиј покрив, а не само на тие што можат да си ги дозволат.

Неолиберализмот не само што се осигура дека оваа агенда е политички нереалистична, туку се обиде да ја направи и културолошки незамислива. Неговото славење на компетитивниот себеинтерес и хипериндивидуализам, стигматизацијата на емпатијата и солидарноста, ги истенчи нашите колективни врски. Го прошири, како подмолен анти-социјален токсин, она што Маргарет Тачер го проповедаше: „не постои општество“.

Истражувањата покажуваат дека луѓето кои пораснале во оваа ера навистина станале поиндивидуални и поголеми консумеристи.  Потопени во култура која ни кажува да мислиме за себе како потрошувачи наместо како граѓани, како зависни само од себе, а не взаемно зависни едни од други, дали е воопшто чудно што се справуваме со системски проблем преку преминување на неефективни, индивидуални напори? Сите сме деца на Тачер.

И пред доаѓањето на неолиберализмот, капиталистичката економија растеше поради луѓето кои веруваа дека да се биде под влијание на структуралните проблеми на експлоатативниот систем – сиромаштија, невработеност, лошо здравје, недостаток од исполнетост – е всушност личен пропуст.

Неолиберализмот го зеде ова интернализирано себеобвинување и го промени со огромна брзина. Ви вели дека не треба само да чувствувате вина и срам ако не си обезбедите добра работа, ако сте длабоко во долгови или ако сте под преголем стрес и премореност за да поминувате време со пријателите. Сега се одговорни и за носење на товарот на потенцијалниот еколошки колапс.

Секако дека треба луѓето да консумираат помалку и да измислуваат алтернативи со помало производство на јаглерод – да градат самоодржливи фарми, да измислат поиздржливи батерии и да учат методи со нула отпадок. Но, индивидуалните избори најмногу ќе значат кога економскиот систем ќе може да понуди применливи, зелени опции за сите – не само за најупорните или најсреќните неколкумина.

Ако пристапниот масовен превоз не е достапен, луѓето ќе патуваат со автомобил. Ако локалната органска храна е прескапа, нема да се откажат од синџирите на супермаркети кои користат премногу фосилни горива. Ако евтините, масовно произведени добра имаат бескраен наплив, тие ќе купуваат и купуваат и купуваат. Ова е измамата на неолиберализмот: да нè убеди да се бориме против климатските промени преку нашите паричници, наместо преку моќ и политика.

Еко-консумеризмот може да ја „избави“ вашата вина. Но, само масовните движења може да ја имаат моќта да го сменат правецот на климатската криза. Ова од нас најпрвин бара решителна ментална пауза од клетвата на неолиберализмот: да престанеме да размислуваме како индивидуалци.

Добрите вести се дека импулсот на луѓето да делуваат како едно, тешко згаснува, а колективната имагинација веќе прави политички кам-бек. Движењето за климатска правда блокира нафтоводи, принудувајќи да се спречат инвестиции од каталјони долари, а добиваат и поддршка од 100% од економиите со обновлива енергија во градови и држави низ светот. нови врски се повлекуваат со Black Lives Matter, правата на имигрантите и на домородците, како и битката за поголеми плати. Во зенитот на ваквите движења, политичките партии се чини дека конечно се подготвени да ѝ противречат на неолибералната догма.

Никој повеќе од Џереми Корбин, чиј Лабуристички манифест објасни редистрибутивен проект кој треба да се справи со климатските промени: преку јавно менување на економијата и инсистирање дека корпоративните олигарси веќе не смеат да поминат без контрола. Самото мислење дека богатите треба да го платат својот дел за да ја финансираат оваа трансформација политичката и новинарската класа го смета за смешно. Милиони не се согласуваат. Општеството, за кое долго се вели дека го нема, се враќа со одмазда.

Затоа, пораснете неколку моркови и качете се на велосипед: ќе ве направи посреќни и поздрави. Но време е да престанеме да се опседнуваме со тоа колку зелено живееме – и да почнеме колективно да ја покоруваме корпоративната моќ.

Извор: Гардијан

Превод: Радио МОФ