АктуелноИнтернационалноПревод

Диктатура на работното место и украдено време

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Редно време е некој да го посочи очигледното: „Шефовите се диктатори, а работниците се нивните поданици“.

Вообичаено не се зборува на овој начин. Сепак, како што Елизабет Андерсон вели, современите работни места се како приватни влади во кои шефовите имаат диктаторска моќ над работниците – а работниците речиси немаат удел во одлуката како да бидат раководени.

„Како што беше случајот со владеењето на Луи XIV, така и типичното американско работно место е отуѓено од тие кои се раководени од него. Менаџерите често ги кријат одлуките кои се од витален интерес за работниците. Често, тие не даваат ни известување однапред за затворање на фирми и отпуштања. Тие имаат слобода да го жртвуваат достоинството на работниците, доминирајќи и понижувајќи ги оние на кои им се надредени. Најголемиот дел од малтретирањето на работниците е комплетно легално, сè додека шефовите тоа го прават на сите вработени (менаџерите на Волмарт и Амазон се озлогласени за гневно прекорување и омаловажување на нивните вработени), а вработените немаат моќ да ги приндудат своите шефови да одговараат за ваквата злоупотреба: тие не можат да ги отпуштат, ниту пак да ги тужат за малтретирање, освен во мал број на случаи, најчесто поврзани со дискриминација.“

Диктатура на работното место – откако работниците се присилени слободно да ја продаваат својата работна способност на трудот – очигледно постои за мене и за многу други хетеродоксни економисти. Но сигурно не е очигледно дека постои и за мејнстрим економистите, кои, исто како и нивните претходници, класичните економисти, продолжуваат да ги слават слободата и заемните придобивки од работните договори и ефикасноста на фирмите раководени од претставниците на приватните сопственици.

Тоа што за мене е дури поинтересно е начинот на кој Андресон го споменува проблемот на времето и потоа го изумува.

Вака започнува нејзиниот есеј:

„Да разгледаме одредени факти за тоа како американските шефови ги контролираат работниците. Амазон им забранува да дискутираат на теми кои не се поврзани со работата која ја вршат додека се на работното место, нарекувајќи ја таа активност ‘кражба на време’. Епл го испитува личниот посед на нивните продавачи, од кои, за време на претресите, дел губат до половина час неплатено време секој ден. Тајсон им забранува на своите работници со живина да го користат тоалетот. Некои од нив биле натерани да уринираат на себе, додека биле исмевани од своите надредени.“

Но, откако Андерсон споменува „кражба на време“, таа продолжува да ги разгледува различните начини на кои шефовите диктаторски ги контролираат своите вработени и заборава да се наврати на времето. Но нели е времето самата суштина на целиот однос меѓу работникот и шефот– причината поради која шефовите се однесуваат како диктатори и работниците се принудени да се откажат од скоро сите свои права додека работат?

Тоа што најмногу недостига во анализата на Андерсон е времето, посебно анализа на разликата помеѓу неопходното работно време и вишокот работно време (не се мисли на прекувремена работа). За време на дел од работниот ден, работниците – без разлика дали во Волмарт, ГМ или Гугл – работат за себе, и за тој дел добиваат надомест еднаков на вредноста на нивната способност да работат. Но тие продолжуваат да работат и за време на тие дополнителни часови, не за себе, туку за своите шефови. Тоа е време кое што е украдено од работниците и е основата на профитот на шефовите.

Затоа, вистинската „кражба на време“ не ја нанесуваат работниците на нивните шефови, туку обратно, шефовите на нивните работници – кога, откако ќе заврши неопходното работно време, работниците се приморани да имаат слобода да се впуштат во вишокот работно време.

Затоа, кога работниците во Амазон дискутираат на теми кои се неповрзани со нивната работа, тие го намалуваат вишокот работно време што им го даваат на нивните шефови. Тој половина час во кој работниците на Епл чекаат за да бидат претресени, за кој што не се платени, е метод со кој шефовите се осигуруваат дека нема, поради нив, тоа време да влезе во вишокот работно време. На истиот начин, кога Тајсон им забранува на своите работници со живина да го користат тоалетот (кои притоа се приморани да уринираат на себе си), помалку време се троши за самите работници, а повеќе за нивните шефови.

Со други зборови, под условите на диктатурата на работното место, времето се краде од работниците во корист на нивните шефови.

Дополнително, бидејќи шефовите, а не работниците, се тие кои ги присвојуваат придобивките од вишокот работно време, работниците се во позиција да бидат приморани да ја имаат слободата да ја продаваат својата способност за работа и да се потчинуваат на наредбите на своите шефови.

Затоа, „кражбата на време“ е истовремено причина и последица на приватната диктатура на шефовите во работното место.

Всушност, цела книга може да се напише околу идејата за „кражба на време“, внатре и надвор од работното место.

На пример, во работното место, новите технологии истовремено дозволуваат времето да избега од контролата на шефовите – на пример, кога работниците делуваат како да работат, но всушност го пребаруваат интернетот или разговараат со пријатели и роднини на Фејсбук – и дозволуваат шефовите да имаат поголема сила да го спречат тоа губење на време – особено кога технологијата им овозможува да имаат контрола на темпото на работа со нови методи на надзор.

Но, „кражбата на време“ е исто значајна и надвор од работното место. Размислете, на пример, за стандардизирањето на времето – што многумина од нас не лишува од локалните традиции на времето – и за фактот што има голема разлика (што продолжува да расте) во животниот век помеѓу тие што се на врвот и тие што се на дното на економското скалило – што значи дека време се краде од сиромашните и се дава на богатите.

Би можел да продолжам, но важно е што „кражбата на време“ е тековен проблем во современиот капитализам, и во диктатурата на работното место, и во привидната демократија во нашите животи надвор од работното место.

Време е некој да ја напише таа книга.

Извор: Democracy at work

Превод: Јован Крајевски