Низ призмата на идеологијата на „рационализмот“

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.

Ставот е реакција на текстот „Низ призмата на политичките идеологии“.


Ретко за која идеологија може да се каже дека бара од следбениците таква сигурност во нејзината вистинитост како онаа на „рационалните“. Повикувањето на разумност и трезвеност во размислувањето тешко е да се сфати како погрешно, барем на прв поглед. И, да, во голема мера врз даден (политички или не) исказ може да се направи опит за тоа дали е тој формално логички точен или не. Но, дали е заклучокот од ова дека е доволно да се повикаме на разумот за да ја избегнеме идеологизираноста е логички? Кус одговор – не!

Сите науки се под дејство на доминантната општествена идеологија. Ова најлесно може да се забележи во општествените науки, иако, во многу посуптилна форма, е присутно и кај природните. Во својот текст, Гоце Симоноски се повикува на науките како пример како да се избегне идеологијата во начинот на размислување: Речиси секоја развиена дисциплина за која сте имале можност да научите и слушнете е продукт на безброј истражувања што го практикувале научниот метод: природни науки (физика, хемија, биологија), општествени науки (психологија, антропологија, економија, социологија), хуманистички науки (историја, филозофија, музика) итн. Секое научно прашање се гради бавно, но успешно, градејќи консензус во поглед на важни конзистентни прашања. Во само приближно четири столетија човечката цивилизација направи подеми кои претходно нашите предци не ни можеле да си ги поимат: долговечност, економски раст, просперитет, цивилизираност и основни права.. Само голема идеолошка заслепеност или пак, што не верувам дека е случајот со конкретно овој автор, нечесност ќе ни ја скрие идеологијата во економската наука. На факултетите во Македонија, сличен е случајот и во повеќето држави, се изучува само либералниот (пазарен) модел на економија. Сите економски школи (Чикашката, Австриската, Кејнзијанската и сл.) што се изучуваат се само варијации на еден ист модел кој го зачувува приватното сопствеништво и „слободната“ (се разбира, од гледна точка на тие што профитираат од ваквата) размена на стоки и услуги. Дури и во случај тој модел, во некоја од неговите варијанти, да е „разумно“ оптимален за остварување на некоја цел се јавува проблемот на целта. Која цел е рационална? За една група на луѓе е во интерес целта да биде лично збогатување, додека за друга група интересот лежи во подобрување на општеството. Кој метод за бирање цел може да ни даде сигурност дека целта сме ја избрале рационално? И идејата дека треба мнозинството да има приоритет и идејата дека треба индивидуата да има приоритет се подеднакво (и)рационални. Во истиот цитат тој дава пофалба за науките поради нивниот придонес во градењето на цивилизираност – концепт кој, ако е земен како цел сама по себе, а не метод за остварување или скалило на патот кон одредена состојба, не може никако да се тестира дали е или не е рационален. Крајно збунувачки земајќи во предвид која е идејата на текстот.

Мора да се забележи недостигот на политичка имагинација во исказот Понови сознанија од невронауката имплицираат дека е тешко, а во некои случаи речиси невозможно да се промени нечие мислење кога станува збор за дадено политичко прашање, дури и во присуство на солидни докази (Kaplan, Gimbel, & Harris, 2016). Ваквиот феномен го врзуваме и идентификуваме со политичките идеологии.. Што ако мојата идеологија се труди, во најголема можна мера, да се заснова на емпирија? Всушност, по некоја случајност, таков и е случајот! Историскиот Дијалектички Материјализам се труди со научен метод да ги испита и категоризира општествените појави и чинители, па би било „предавство“ на мојата идеологија ако јас одбијам да го сменам мислењето при соочување со факти кои го докажуваат спротивното. Кога оваа критика би била насочена кон доминантната идеологија, сосема би се сложил. Но, не смееме да заборавиме дека одредени личности и групи творат и твореле со цел да ги разбијат митовите (идеи кои се „митови“ за групи на луѓе за кои овие идеи не се во нивен интерес) што ги создава оваа идеологија, која е денес распространета низ безмалку целиот свет. Нивното расветлување, како на пример она на Карл Маркс, да го поистоветиме со предметот на тоа расветлување би значело утврдување на тој идеолошки „предмет“ како инхерента состојба која ниту е разумна, ама ниту пак може разумно да се промени. Последиците од ова се оправдување на даденото status quo, без разлика дали авторот имал таква намера или не.

Понатаму, авторот прави уште еден голем превид – заборава на својата догматичност. Симоноски набројува одредени идеологии како догматични, без воопшто да се запраша, а уште помалку да објасни, дали неговата идеологија подлежи на одредени догми. Идеологијата не е ништо повеќе од светоглед и да ги карактеризираме одредени светогледи како идеологии (со скриена импликација дека се неразумни), а други како разумни е најидеолошкото нешто што може да го направиме. Словенечкиот филозоф и психоаналитичар Славој Жижек, во обид да ја приземји оваа дискусија, вели дека „сите ние јадеме од кантата со ѓубре наречена идеологија“. И ова е во ред. Всушност, би било нерационално да се очекува од луѓе кои се соочуваат во својот живот со проблеми да не развијат (повеќе или помалку независно) апарат со кој овие проблеми би ги категоризирале.

Само кратко ќе спомнам дека верувањето во својата рационалност, наспроти ирационалноста на другите најчесто е резултат на полупривилегираност. Па така, жената што плаче над болничкиот кревет на нејзиното дете е ирационална наспроти мажот што вика за време на спортски натпревар кој е рационален. Слично, припадникот на средниот општествен слој кога оди на театар е рационален, а припадникот на пониските слоеви кога гледа ТВ серија е ирационален.

За крај би сакал да прашам – кој е тој наводен имунитет на идеологија што дозволува авторот да напише Па така, пациент со поделени хемисфери ги има обете кај себе, атеист и верник, а многу веројатно дека ги има двете политички компоненти: либерал и конзервативец.? Како е возможно авторот да се осмели да каже дека треба да избегнуваме идеологија, а самиот верува дека единствените две се либералната и конзервативната (кои пак, иронично, се само две лица на истата монета – либералната демократија во спрега со капитализмот), наспроти фактичките докази за делата и идеите на многу мислители со светогледи различни од либерално-конзервативниот? Симоноски очигледно како единствени, или барем единствени легитимни политички идеологии, ги гледа либералната и конзервативната а самиот на крајот од неговиот текст вели „време е да го напуштиме светогледот и перципирањето на реалноста низ призмата на двете најголеми партии.“.

Изненадувачки ирационално…

Гораст Муратовски

Inline
Inline