Карл Маркс – писмо до Руге

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Мене ми се чинат не помалку важни од надворешните пречки внатрешните тешкотии. Иако нема сомнение по прашањето – „од каде“, но затоа владее голема бркотница за прашањето „каде“. Без да се зборува веќе за општата анархија во гледањата на различните реформатори, секој од нив е принуден да си признае дека тој нема јасна претстава за тоа каква треба да биде иднината. Меѓутоа, предноста на новиот правец се состои токму во тоа што ние не се стремиме догматски да ја испревариме иднината, туку само сакаме, преку критиката на стариот свет да го најдеме новиот свет. Досега филозофите во фиоките на своите маси имале решение за сите загатки, и глупиот, прост свет требало да ја отвори устата и да ги голтне печените јаребици на апсолутната наука. Сега филозофијата стана световна; ова уверливо се докажува со тоа што самата филозофска свест, не само надворешно туку и внатрешно, е вовлечена во вителот на борбата. Но, ако не е наша работа да ја конструираме иднината и да прогласуваме готови еднаш за секогаш решенија, ние до толку определено знаеме, што треба да сториме за сегашноста – јас зборувам за беспоштедна критика на сè постојно, беспоштедна во две смисли: таа критика не се плаши од сопствените заклучоци и не отстапува пред судирањето со постојните власти.

Затоа јас не сум приврзан кон тоа ние да кренеме некакво догматско знаме. Напротив, ние треба да се трудиме да им помогнеме на догматичарите да си ја објаснат смислата на своите сопствени ставови…

Значи, ништо не пречи да ја сврзуваме нашата критика со критиката на политиката, со определена партиска позиција, а тоа значи, да се сврзува и идентифицира нашата критика со вистинска борба. Во таков случај ние не истапуваме пред светот како доктринери со готов принцип: „тука е вистината, на колена пред неа!“, ние му развиваме на светот нови принципи од неговите сопствени принципи. Ние не му велиме на светот: „престани да се бориш, сета твоја борба е глупост и попусто“ – ние му ја даваме вистинската парола на борбата. Ние му покажуваме на светот за што токму тој се бори, а свеста е таква работа што светот мора да ја усвои, бездруго, го сакал тој тоа или не.

(Карл Маркс, Фридрих Енгелс, Од раните трудови, Скопје, 1961, стр. 52-53, 56)