Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.
Маркс и Енгелс го имаат опишано капиталот како однос, а капитализмот како систем на односи. Дали тие мислеле дека секој аспект од нашиот однос према себе си, другите, и општеството е обликуван од капитализмот и дали социјалистичка револуција би ги трансформирала сите тие односи? Или тие биле премногу општи? Дали некои гледишта од човечкото постоење се недопрени од општеството, така што ни треба нешто друго освен марксизам за да ги разбереме и нешто повеќе од социјализам за да ги трансформираме? Ова е основниот конфликт помеѓу марксизмот и психологијата.
Марксистичкиот метод го гледа човековото искуство во социјално-историски контекст. Психологијата, психоанализата, психотерапијата, медицината, генетиката и скоро сите останати дисциплини ја сметаат личноста (или делови од личноста) како одвоена од социјалниот контекст. Претпоставката е дека личноста (или дел од неа) има трајни биолошки или психолошки особини кои се регулирани по различни правила од тие по кои е регулирано општеството. Затоа, овие особини можат да бидат променети само на нивото на таа личност или делот од таа личност.
Отцепувањето на личното од социјалното со цел да се нагласи личноста е капиталистичка идеологија, не наука. Приоретизирање на индивидуални фактори го ослободува системот од одговорност. И ако личности можат да бираат што ќе се случи, тие можат да бидат обвинети за погрешен избор, повторно ослободувајќи го системот од одговорност.
Науката вели дека социјалното и личното се обликуваат едно со друго низ динамична интеракција. Ако едно има поголема тежина, тоа е материјалното и социјалното опкружување од кое нашиот род се има развиено и кое капитализмот го има затруено.
Токсините во животната средина се причина за повеќе видови на рак, но жртвите од рак се обвинувани за нездрави избори и поседување на „канцерогени гени“. Слично на ова, отуѓувањето ги прави луѓето ментално болни, а сепак менталната болест се препишува на погрешно размислување, лоша мозочна хемија или дефектни гени. Обвинувањето на жртвата го штити системот со задржување на фокусот врз тоа што го прават личностите, наместо што им прави системот на нив.
Ментална болест порано значела лудило. Во 1918 американската „збирка на психијатриски растројства“ содржи 22 дијагностички категории, од кои 21 се однесуваат на форми на лудило. Од тогаш категориите на „ментални болести“ се надувани да содржат широк спектар на девијантно и бунтовно однесување, различни начини на обработување на информациите (neurodiversity), емоционални реакции на изолација и лишење, и симптоми поврзани со траума. Етикетата „ментална болест“ се користи за да се карактеризираат како психолошки абнормални тие кои протестираат, тие кои патат и тие чии потреби ја поткопуваат продуктивноста. Без разлика на тоа дали ограничувањата се физички или ментални, тие кои се помалку продуктивни се обезвреднети како социјално дефектни и, повеќе или помалку, како потрошен материјал.
Луѓето етикетирани како „ментално болни“ се угнетена група. Како сите форми на угнетување, од ментални болести се погодени луѓе од сите класи. Но, како и сите форми на угнетување, товарот паѓа најмногу на работничката класа. Ментално болните претрпуваат правна, медицинска, социјална и станбена дискриминација. Тие може да бидат присилно затворени во институции, да им се даваат лекарства против нивна воља и да им биде одземено правото да носат одлуки. Тие се позастапени помеѓу затворениците и поверојатно е да се невработени, сиромашни и бездомни.
Угнетувањето е од суштинско значење за капитализмот. Потчинувањето на угнетените групи овозможува на мала владеачка класа да ја поделат и владеат многу поголемата работничка класа. Особено, угнетувањето на ментално болните наметнува конформизам на мислата, чувствата и однесувањето на општеството како целина.
Психијатријата му служи на капитализмот, дијагностицирајќи го спротивставувањето како ментално растројство. За време на 1950-тите, етикетата шизофренија најчесто се користела за незадоволни домаќинки. Антирасистичките бунтови во 60-тите ги натерала „Статистички прирачник за ментални нарушувања“ (DSM) да го променат описот на шизофренијата од пред се депресивно расположение во нападно, агресивно однесување и делузии на прогон, односно, од бели домаќинки од предградијата до урбани бунтовни црнци. Денес, црните американци е три пати поверојатно да бидат етикетирани како „шизофренични“ отколку белите американци.
Психијатрите и психолозите ги имаат карактеризирано како психолошки абнормални протестите на робовите и политичките дисиденти. Тие ја лоботомизираа бунтовната жена, а пробаа да ги преобратат хомосексуалците. Се имаат залагано за еутаназија и стерилизација на „социјално дефективните“. Помагаат во испрашување и мачења. Дрогираат војници за да им овозможат да продолжат да убиваат. Дрогираат стари луѓе и затвореници за да ги направат потивки. Дрогираат бунтовни деца.
Како што фамилии пропаѓаат во криза, родителите се сè помалку во можност да ги исполнат емоционалните потреби на децата. Школите придонесуваат во измачување на децата со тоа што ги затвараат во соби да меморизираат информации кои немаат никаква врска со нивните животи. Кога децата изразуваат незадоволство преку протест, професионалците ги етикетираат како ментално растроени, а родителите како неадекватни.
Откога децата се етикетирани, родителите можат да бидат правно приморани да ги „лекуваат“. Во 2013 повеќе од 8 милиони Американски деца по 17 години им биле препишани психијатриски лекарства. Еден милион од овие деца биле под пет годишна возраст, а четврт милион биле под едногодишна возраст.
Социјалистите стојат во одбрана на угнетените. Ние го одбиваме аргументот дека жените треба да растат деца затоа што се генетски програмирани за тоа. Ние го одбиваме аргументот дека црните луѓе е поверојатно да се сиромашни затоа што се помалку интелигентни. Ние разбираме дека такви биолошки аргументи не се засновани на наука, туку на псевдонаука – пропаганда маскирана во наука. Капитализмот систематски заменува наука со псевдонаука. Тоа што е вистина се заменува со тврдења за нешто дека е вистина. Пример за псевдонаука е тврдењето дека корените на менталните болести се во биологијата.
Биолошкиот модел на ментална болест го ограничува умот со мозокот, кој станува предмет на изучување и третман (варијација не овој модел е фроиданизамот, кој го ограничува умот со гениталиите). Ваков крут материјализам не треба да биде помешан со марксистичкиот материјализам, кој ја гледа менталната болест во социјален и историски контекст – како индивидуален израз на општество болно заради отуѓеноста на трудот.
Фактот дека социјалните услови создаваат ментални болести е толку очигледен што психијатриската индустрија е приморана да не убедува во обратното. Во 1952, издание на „Статистички прирачник за ментални нарушувања“ ги опишува менталните болести како реакција на надворешни случки, ситуации или биолошки предуслови. Овој опис ќе биде отстранет од сите наредни изданија.
Неуспехот на „Статистички прирачник за ментални нарушувања“ да ја идентификува надворешната причината за менталните болести имплицира дека причината е внатрешна кај поединецот (погрешни мисли, однесувања, хемија или гени) и третманот треба да го промени патеникот, а не причините кои го предизвикуваат патењето. Акцентот на лекарства и генетски истражувања потекнува од биолошкиот модел. Праксата на насочување на пациентите да си го променат начинот на размислување, чувствување и однесување укажува на тоа дека главниот проблем е неспособноста на пациентот да функционира адекватно.
Некои признаваат дека неповолни услови може да предизвикаат кај детето болка и емоционални пореметувања како што се анксиозност и депресија, но сетилни нарушувања, како што е психозата, мора да имаат биолошка причина. Ова е погрешна логика.
Човечката перцепција е социјално конструирана. Доминантните идеи во општеството обликуваат што луѓето размислуваат, што сакаат, на кого му веруваат, од кого се плашат, кого ќе го обвинат, што е и што не е прифатливо. Погрешната перцепција е исто така социјално конструирана. Психолозите, маркетинг консултантите и менаџерите се вработени да продаваат систем создаден врз измама („ова е слободна земја“), врз негирање на доживеано искуство („работењето е секогаш наградено“), врз контрадикции („војна како хуманитарна интервенција“) и врз закана („работи или гладувај“). Иако повеќето луѓе го прифаќаат неприфатливото, тоа не значи дека им се допаѓа. Некои се бунтуваат отворено. Други пак, нивната нелагодност ја манифестираат преку физички и ментални симптоми, зависности и самоубиство. Некои бегаат во друга реалност.
Психозата вообичаено се развива за време на транзицијата од адолесценција во зрелост. Во тој период конфликтот помеѓу каков е светот и каков би требало да биде е најзабележлив. Неможноста да се реши оваа противречност предизвикува кај некои луѓе да станат анксиозни и полни со недоверба. Светот им нема смисла, па „скршнуваат од реалноста“ и се кријат во фантастични светови каде што со креативни метафори го комуницираат тоа што не може да се артикулира. Сите ние си збориме самите со себеси, но психозата го нарушува односот со самиот себеси така што внатрешните гласови погрешно се доживеани како надворешни. Визуелните појави се исто така погрешно толкувани во форми на луѓе и појави кои не се присутни во реалноста.
Општествените основи на психоза се отфрлени од страна на биолозите и психиатрите кои го третираат лицето со психоза како список на грешки кои треба да бидат поправени. Искуствата, гледиштата и социјалните потреби на лицето се игнорирани. Никакво внимение не се обрнува на тоа што пробува лицето да искомуницира преку говор, емоции, движење на телото или однесувањето. Акцентот е ставен на манипулирање на хемијата во мозокот, борба против дефектни гени и контрола на однесување.
Најдобар лек за ментална болест е социјална поддршка. Една голема американска студија има покажано дека пациенти кои добиваат помалку лекарства, а повеќе индивидуална и семејна поддршка поминуваат далеку подобро од пациенти кои го имаат добиено вообичаеното лекување фокусирано на лекарства. Моделот на социјална поддршка е успешно имплементиран во земји како Австрија, Скандинавија и други. Фактот дека социјална поддршка може да излечи нарушување во перцепцијата укажува на тоа дека коренот на овие нарушувања е социјален.
Социјална поддршка се има покажано ефективна и во лекување на менталните болести на општествено ниво. Едно канадско истражување на повеќе од 2000 бездомници со потешки ментални заболувања има покажано дека обезбедување на стабилно домување е по ефективно од било кој друг третман.
Покачување на животниот стандард може да помогне во лекување на ментални болести. 8 годишна студија во САД има покажано дека сиромашни деца се дијагностицирани со четири пати повеќе психијатриски симптоми од деца кои никогаш немаат почувствувано сиромаштија. За време на студијата ново казино во близина на истражувањето има почнато да дели финансиски бонуси на вработените со што имаат извлечено од сиромаштија 14% од фамилиите.
Психијатриските симптоми помеѓу децата кои не биле веќе сиромашни имаат паднато на исто ниво со децата кои немаат искусено сиромаштија. За споредба, психијатриските симптоми имаат останато на исто ниво кај децата кои останале сиромашни. Покачување на примањата им овозможува на родителите да ги подмират своите потреби со што им се овозможува да ги подмират потребите на своите деца.
Капитализмот ги бутка луѓето во криза. Напад врз персонал има предизвикано реакција од работничката класа во Калифорнија.
Во Јануари 2015 повеќе од 3300 членови на „Националната унија на здравствени работници“(NUHW) штрајкуваат во Kaiser Permanente, најголемата медицинска корпорација во Америка. Покрај тоа што имаат забележано рекорден профит, Kaiser имаат одбиено да вработат доволно персонал за да ги задоволат потребите на пациентите. Во протест, „Националната унија на здравствени работници“ психолози, терапевти, социјални работници и психијатари медицински сестри го почнуваат најголемиот штрајк дотогаш на работниците за ментално здравје, со 65 протести во 35 града.
Еднонеделниот штрајк беше проследен со петиции и „нема повеќе Kaiser самоубиства“ кампања за објавување на бројот на пациенти кои умираат од негрижа. Конечно, со закана за непрекинат штрајк, Кајзер се согласуваат со барањата на синдикатот: право да се залагаат за пациентите, заштита на платите и пензиите и нов пропорционален распоред кој дозволува почесто гледање на пациентите и нови вработувања.
Поврзувањето на потребите на работниците и пациентите претставува победа без преседан. Сепак, потребно ни е повеќе од пристап до здравствени услуги. Потребен ни е свет кој не нè разболува.
Капитализмот го има претворено целиот свет во фабрика за производство на капитал. Секоја човечка потреба која му застанува на патот е третирана како пречка која мора да биде отстранета. Стабилното производство ги турка работниците до нивните физички и емоционални граници. Тие кои подлегнуваат се отфрлени и заменети.
Невозможно е да си ментално здрав во капитализам. Секојдневното зголемување на бедата е дополнета со хоророт на постојаното војување и уништување на животната средина. Ако го отворите умот на варваризмот на капитализмот, ќе бидете трауматизирани. Ако го затворите умот, ја губите човечноста.
Светската здравствена организација известува дека на светско ниво стапката на самоубиства е порасната за 60% во последниве 45години, сочинувајќи пола од случаевите на насилна смрт кај мажите и 71 процент од случаевите на насилна смрт кај жените. Самоубиство е водечка причина за смрт кај адолесценти девојки на возраст од 15 до 19 години. Во САД стапката на самоубиства кај црни момчиња на возраст од 5 до 11 години е двојно зголемена од 90-тите.
Во текот на изминатите 15 години платата прилагодена на инфлацијата за американските домаќинства предводени од човек со завршено средно е падната за 19 проценти. Овој пад на приходите е проследен со пораст на смртност кај помалку образованите средовечни бели американци, пред се поради алкохолизам, зависности и самоубиство. Ако стапката на смртност останела иста 96000 смртни случаеви ќе биле избегнати. Ако продолжила да опаѓа од претходната стапка па наваму, пола милион животи ќе биле спасени.
Отстранување на социјалните причини за болести не е опција во капитализмот затоа што ништо не смее да го прекине профитирањето. Наместо тоа системот стреми кон подобрување на способноста на луѓе да функционираат во токсични услови. Ова значи ограничување на науката, истражувањето и експертите на изучување и манипулација на индивидуални фактори. Ова е точно за рак исто колку што е точно за ментални болести.
Додека некои форми на ментални болести (и рак) може да се предизвикани од дефектна биологија, ние не може точно да знаеме во систем кој го труе секој аспект од животот. После отфрлање на капитализмот и воспоставување на општество кое промовира здравје, ќе можеме да видиме она што ќе остане од болести да го решаваме биолошки. Сè до тој момент социјалистите мора да се залагаат за колективни решенија на социјалните проблеми, да не учествуваат во заблудата дека социјалните проблеми можат да ги решат научниците и експертите на индивидуално ниво.
Конфликтот помеѓу марксизмот и психологијата не е навистина околу психологијата и менталните болести, туку е за разбирање на капитализмот како сеопфатен систем на општествени односи каде личното искуство се менува во процесот на менување на општеството.
Во 80-тите работниците во Полска се имаат организирано во најголемиот синдикат во светот, сочинет од една третина од работоспособното население. Како што штрајковите се ширеле и демонстрациите растеле, болничките кревети во психијатриските болници почнале да се празнат од работници и пополнуваат со болни владини претставници. Ова се случило затоа што разгорувањето на класната борба ја има отворено вратата за решавање на индивидуални проблеми колективно.
Децении на повлекувања од страна на работничката класа ја имаат разнишано довербата во колективни решенија. Социјалистите не се имуни на вакви разочарувања. Екстремно тешко е да се покренат класни решенија во општество доминирано од индивидуализам и „да но…“ став на реформистите кои предлагаат индивидуални решенија „во меѓувреме“. Нема меѓувреме. Нашето преживување зависи од повторно поврзување на социјалистичката традиција со работничката класа.
Угнетувањето е составен дел на капитализмот и борбата против угнетувањето мора да биде составен дел од борбата за социјализам. Ние градиме подобро ментално здравје во процесот на борење за подобри работни и животни услови. Ние градиме подобро ментално здравје во процесот на градење класна солидарност, поставувајќи основа за социјалистичко општество кое ќе стреми кон вклучување на сечии способности и задоволување на сечии потреби.
Извор: Socialist Review
Превод: Бранко Ристов