Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на младотурското владеење (1908 – 1912 год.) (I дел)

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Четиригодишниот период на уставното владеење во Турција (1908 – 1912) несомнено претставува нов квалитет во општествениот развиток на Македонија и на македонскиот народ на почетокот од нашиот век. Победата на новите, прогресивни општествено-политички сили во Турција, во јули 1908 година, во никој случај не се исцрпува и не може да се идентификува единствено со владеењето, а уште помалку со победата само на младотурците и нивната партија „Обединение и напредок“. Поголемиот дел од македонските прогресивни општествени сили, кои веќе поодамна биле подложени на политичка еволуција, а и самите вршеле силно на моменти и решавачко влијание врз оваа еволуција во Европска Турција, ја доживеале Младотурската револуција не помалку како своја отколку што тоа било случај кај прогресивното крило на самата младотурска партија. Многумина авторитетни современици, меѓу кои се вбројува и луцидниот македонски револуционерен демократ Ѓорче Петров, сведочат дека токму Македонија станала најзначајното огниште на Младотурската револуција во империјата. А во Македонија, несомнено, најбројниот етнички елемент бил словенско-македонскиот. Но, се чини дека, ние сè уште се наоѓаме на почетокот од ваквите сознанија, а кои, нужно бараат свои пошироки и аргументирани образложувања, за какви што, во рамките на еден краток и тематски стриктно определен осврт, овде нема место.

Едно е беспорно: сè што носело прогресивен белег во Македонија – од најекстремните анархо-социјалистички групи, до сосема умерените граѓанско-либерални средини – се вклучило во општествените борби, вршејќи постојан притисок во насока на натамошно продлабочување на оние општествени преобразби коишто ги иницирала младотурската победа. Наеднаш биле исфрлени и на дневен ред поставени безброј најразлични и одамна натрупувани прашања, за кои во рамките или надвор од рамките на Отоманскиот устав, се барале решенија. Друго е прашањето што овие сили, и самите мошне хетерогени и без свој политички хегемон, не успеале да изградат заедничка платформа, како прв предуслов за разрешување на крупните прашања на Македонија и на македонското национално ослободување.

Треба да се прифати како беспорен факт и тоа дека младотурците, макар што не ги решиле фундаменталните проблеми на буржоаско-демократската револуција, не можеле потполно да се вратат ни на дохуриетските хамидовски политички позиции. Потврда за ова, меѓу другото, наоѓаме и во фактот дека легалноста на политичките борби, а одовде во прв ред и на политичкиот печат сè до балканските војни не била докрај укината. Тоа овозможило, сè до крајот на османското владеење, периодичниот печат и на социјалистите што се издавал во Македонија, да опстане и да се одржи. Исто така останале да постојат до балканските војни и социјалистичките и работничките организации.

Од друга страна, социјалистичките организации во Македонија, иако малубројни, се покажале достатно цврсто организирани и жилави во борбата за сопствено отстојување, кој факт уште во свое време им паднал в очи на некои странски набљудувачи.

А до која мера, и речиси спонтано, набујал периодичниот политички печат во Турција по јули 1908 год. Се потврдува со сведочењето на еден верзиран современик, според кое нешто во текот на само 2-3 месеци биле издадени 400 дозволи за нови весници.

Првиот социјалистички весник, што во овој период се појавил, и тоа во Солун, бил орган на Обединетата работничка социјал-демократска група во Солун што се формирала на 2 октомври 1908 година. Во неа, од таканаречените „анархо-леберали“, дојдени тогаш од Бугарија, влегле Никола Харлаков, Аврам Бенароја, Павел Делирадев и Ангел Томов. Од бугарските тесни социјалисти, мнозинството од коишто дошле од Бугарија во Солун како графички работници во Обединетата група, попознати биле Н. Русев, И. Пастрмаџиев, Д. Лалов, Димитар Тошев и Милан Јанев. (Последниот, нешто подоцна, го наследил Васила Главинов на функцијата одговорен редактор на „Работническа искра“.)

Меѓутоа, Обединетата работничка социјал-демократска група, веќе во февруари 1909 година се распаднала. Веројатно уште пред тоа престанал да излегува и нејзиниот орган, весникот „Работник“, за кој го имаме само податокот дека започнал да излегува во декември 1908 година. Според тоа и групата, како и нејзиниот печатен орган, се покажале сосема краткотрајни.

Наскоро потоа се појавил весникот „Работническа искра“ со поднаслов „Заштитник на работническите интереси в Турција“. Ако не се смета ефемерниот „Работник“, „Работническа искра“ била трето по ред македонско социјалистичко гласило – по „Револуција“ (1895) и „Политичка слобода“ (1898), коишто, поради тоа што излегувале надвор од Македонија, овде ги изоставуваме од разгледување. По петтиот број, насловот на „Работническа искра“, освен на бугарски, бил обележуван и на француски јазик. Со мали прекинувања, весникот излегувал (двапати седмично), од 1 јануари 1909 до 20 мај 1911 година. Во првата година (1909) излегле 24, во втората (1910) – 22, а во третата до 20 мај 1911 – само три броја. Според тоа, од него вкупно биле издадени 49 броја.

Одговорен редактор на „Работническа искра“ до петнаесеттиот број бил истакнатиот македонски социјалист Васил Главинов, а потоа, како одговорни редактори (но не за сите броеви) се обележувани Милан Јанев и Димитар Тошев. Значителен придонес во неговото издавање дал Никола Русински, кој во ова време дошол да живее во Битола. За место на излегување на весникот во првите две години е означуван градот Битола, а во третата година Солун. „Работническа искра“ најнапред се печатела во Софија, а подоцна – во втората и третата година – во Солун.

Макар што редакторите и соработниците на „Работническа искра“ се пројавиле како крајно ригорозни критичари на режимот, останувајќи доследни во негирањето на секаквите прогресивни придобивки и тенденции во Младотурската револуција, не може да се оспори дека , како излегувањето на весникот, така и нивната легална политичка активност во Македонија, биле овозможени токму во условите на уставните слободи во Турција. Додаваме уште дека Васил Главинов, по своето враќање од емиграција во Македонија, отворил „интернационална“ социјалистичка книжарница во Солун, преку која, исто така ширел социјалистичка пропаганда во Македонија.

За своја основна задача весникот си поставил „да ја буди класната свест на работниците во Македонија и Одринско и да ја шири меѓу нив искрата на социјалистичкото учење“. Во таа смисла и самото име на весникот имало симболично значење.

Но кога се имаат предвид конкретните општествено – историски услови во кои тогаш се наоѓала Македонија овие задачи на „Работническа искра“ се покажале премногу тесни и едностранчиви. Одејќи по насочениот пат, весникот веднаш дошол во судар со реалниот живот што околу него бујно се одвивал. Зашто пред Македонија, со сите нејзини трудбенички работнички маси, императивно се наложувало, во прв ред изјавување на државна самостојност, која единствено можела да ги отвори пошироко перспективите на нејзиниот позабрзан економски, политички и културен развој. Во условите на започнатата, но незавршена, буржоаско-демократска револуција во Турција, со нерешените крупни прашања во Македонија; аграрното, даночното, прашањето на нејзината државност, на најелементарната работничка заштита итн., историска потреба било обединувањето врз поширока платформа на сите прогресивни сили и нивното поведување во борба за постигнување на она што било реално остварливо. А групата околу „Работническа искра“, стоејќи врз крајно стеснети идејно – политички позиции, се покажала далеку од тоа да биде способна, не само да стане хегемон во општото прогресивно раздвижување туку и со што и да е, да придонесе за политичкото собирање на овие сили. Таа не се потрудила да најде близок политички јазик со ниедна општествена структура или политичка групација, па ниту со другите социјалисти во Македонија. Како да немала со никого никакви заеднички интереси! Напротив, отворајќи фронтови на сите страни, таа и самата многу попречила друг да стане политички предводник во ослободителните борби на македонските маси, предводник, кој ќе ги поведе кон остварување на нивните најблиски, но и подалечни национални и социјални интереси. Па затоа, се чини дека во колку подлабоко ќе завлегуваме, низ истражувања и размислувања во севкупната реалност на она време, во толку појасно ќе ги согледуваме крупните дефекти во концепциите на „Работническа искра“ и на македонската социјалистичка група околу Васил Главинов. И не случајно е што, „Работническа искра“ предвреме престанала со излегување, зашто таа самата си го стеснувала кругот на соидејници и следбеници.

Во меѓувреме, во првите месеци на 1909 година, во работничкото и социјалистичкото движење во Солун, надвор од групата на Васил Главинов, се одиграле значајни настани. Покрај групата на бугарските тесни социјалисти (главно дојдена од Бугарија), а благодарејќи му најмногу на Аврам Бенарој, социјалистичките идеи навлегле и меѓу солунското еврејско работништво. Со Бенарој, при разделувањето со „тесните“ останал Ангел Томов, како и некои македонски социјалисти. Бенарој формирал извесен број просветни работнички групи во Солун, од кој израснал Еврејскиот работнички клуб. Кон средината на март 1909 година групите се обединиле, основајќи ја познатата Социјалистичка федерација (Fèdèration socialiste) многу често означувана и како Солунска социјалистичка федерација. Федерацијата посебно ја зацврстила својата положба по масовното учество на солунскиот пролетеријат во прославата на првата годишнина од младотурската уставна победа. Тоа овозможило Социјалдемократската федерација да излезе, кон средината на август, и со првиот број на својот печатен орган. Новата социјалистичка асоцијација била конципирана и изградувана како федерација од национални секции. Во почетокот, весникот бил издаван на четири јазици: на бугарски, како „Работнически вестник“ (Работнички весник) под редакција на Ангел Томов; на грчки „Ephimeris tou ergatou“, под редакција на Расим Хикмет и на шпанско-еврејски јазик како „Journal del Laborador“ под редакција на Исак Леви и Аврам Бенарој. Активен соработник на шпанско-еврејската редакција бил и Д. Менасе. Првите четири броја излегле на сите четири јазици, на осум страници (по две страници на секоја редакција), а последните пет – само на бугарски и шпанско-еврејски јазик. Имено и покрај вложените напори на основачите од Федерацијата, грчка и турска секција кон неа не биле формирани. По деветтиот број, кој излегол на 16 октомври 1909 година, печатениот орган на Солунската социјалистичка федерација престанал да излегува. Ова го потврдува во своите спомени и А. Бенарој, најистакнатиот раководител на Социјалистичката федерација.

„Работнически весник“ си постави за задача „да ги штити работниците во секој однос“, да ги информира и да ја развива нивната класна свест. Тој се залагал за организирање на работниците, без оглед на националната припадност, во струкови синдикати, кои потоа да се вклучат во единствена Синдикална федерација, а на политички план – за создавање политички организации, што ќе влезат во Отоманската социјалистичка федерација.

Солунската социјалистичка федерација, со малку поизменето име, како „Работничка социјал-демократска федерација“, продолжила и подоцна да постои – сè до Првата балканска војна, па и по војните од 1912 – 1918 година. Во Солун, на пр. по неговото вклучување во грчките државни граници во есента 1912 година, социјалистите од Федерацијата го покренале весникот „Avanti“ (Напред).

Извор: Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на Младотурското владеење (1908-1912 год.) / Манол Пандевски; Гласник на Институтот за национална историја, год. 17, бр.1, 1973 година, 147-156

II дел: Социјалистичкиот и работничкиот периодичен печат во Македонија во периодот на младотурското владеење (1908 – 1912 год.) (II дел)


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат. Ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе е текстовите да бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот коj живее во Македонија.