Единствено нов универзализам може да не спаси од Новиот Светски Поредок

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Лекцијата од неодамнешниот референдум во Турција е многу тажна.

По сомнителната победа на Реџеп Тајп Ердоган, западните либерални медиуми беа полни со критички анализи: векот на кемалистичкиот стремеж за секуларизирање на Турција е завршен; На турските гласачи не им беше понуден демократски избор, колку референдум за ограничување на демократијата и доброволно прифаќање на авторитарен режим.

Меѓутоа, поважна и помалку забележана беше двосмисленоста на многу западни реакции – двосмисленост која наликува на двосмисленоста на политиката на Трамп кон Израел: дури и кога тој изјавува дека САД треба да го признае Ерусалим како главен град на Израел, многу од неговите поддржувачи се отворено антисемити.

Дали е ова навистина неконзистентен став?

Еден цртан објавен во јули 2008 во Виенскиот дневник Die Presse прикажа два набиени Австријци, кои изгледаа на нацисти, седнати на маса, а едниот од нив држи весник и коментира со својот пријател: „Тука можеш повторно да видиш како целосно оправдан антисемитизам се злоупотребува за евтина критика на Израел!“

Со тоа оваа карикатура го превртува стандардниот аргумент против критичарите на политиките на државата Израел. Но, кога денешните христијански фундаменталисти поддржувачи на израелски политики одбиваат левичарски критики на израелските политики, дали нивната имплицитна линија на аргументација не е необично блиска до нејзиното/нивното/своето образложение?

Сетете се на Андреас Брејвик, норвешкиот антиимигрантски масовен убиец: тој беше антисемит но про израел, бидејќи во државата Израел тој ја гледаше првата линија н одбрана против муслиманската експанзија; тој дури сакаше ерусалимскиот храм да го види обновен, но тој напиша во својот „Манифест“:

„Нема еврејски проблем во западна Европа (со исклучок на Обединетото Кралство и Франција) бидејќи имаме само 1 милион евреи во западна Европа, додека 800 000 од овој 1 милион живеат во Франција и Обединетото Кралство. САД на друга страна, со повеќе од 6 милиони евреи (600% повеќе од Европа) всушност има значаен еврејски проблем“

На тој начин неговите бројки го реализираат главниот парадокс на антисемитскиот ционист – и ги наоѓаме трагите на овој чуден став почесто отколку што се очекува. Рејнхард Хејдрих лично, осмислувачот на холокаустот, напиша во 1935:

„Ние мораме да ги поделиме Евреите во две категории, ционистите и приврзаниците на асимилацијата. Ционистите застапуваат стриктно расен концепт и, преку емиграција во Палестина, тие ќе помогнат да се изгради нивната еврејска држава… нашата добра волја оди кај нив“

Како што Френк Руда истакна, денес добиваме нова верзија на овој антисемитски ционизам: Исламофобична поддршка за Исламот. Истите политичари кои предупредуваат за опасност од исламизацијата на христијанскиот запад, од Трамп до Путин, со почит му честитаа на Ердоган за неговата победа. Се чини дека авторитарното владеење на Исламот е во ред за Турција, но не за нас.

Оттука можеме лесно да замислиме нова верзија на цртаниот од Die Presse, со два набиени Австријци, кои изгледаа на нацисти, како седат на маса, а едниот од нив држи весник и коментира: „Тука може да се види како тотално оправдана исламофобија е злоупотребена за евтина критика на Турција!“

Болеста на (Самуел) Хантингтон

Како да ја разбереме оваа чудна логика? Тоа е реакција, лажен лек, на големата општествена болест на нашето време: Хантингтоновата. Типично, првите симптоми на болеста на Хантингтон се отсечени, случајни и неможни за контрола движења кои се нарекуваат chorea. Chorea може иницијално да се манифестира како генерална вознемиреност, мали ненамерни некомплетирани движења, недостаток на координација.

Дали експлозијата на бруталниот популизам не изгледа слично? Започнува со нешто што изгледа на случајни акти на прекумерно насилство против имигранти, испади со недостаток на координација и изразувајќи само општа вознемиреност и немир апропо „странските натрапници“, но тогаш постепено расте во добро координирано и идеолошки засновано движење: она што другиот Хантингтон (тоа е Самуел) го нарекува „судирот на цивилизациите.“ Оваа среќна случајност кажува многу: она што вообичаено се мисли под овој термин е всушност хантингтоновата болест на денешниот глобален капитализам.

Според Самуел Хантингтон, по крајот на Студената војна, „железната завеса на идеологијата“ е заменета со „кадифена завеса на културата.“ Црната визија на Хантингтон за „судирот на цивилизациите“ може да изгледа дека е спротивноста на светлата глетка на Френсис Фукујама од „Крајот на историјата“ во облик на светска либерална демократија. Што може да биде повеќе различно од псевдо хегелијанската идеја на Фукујама дека финалната формула за најдобар можен општествен поредок може да се најде во капиталистичката либерална демократија, од „судир на цивилизациите“ како фундаментална политичка борба во дваесет и првиот век? Како тогаш двете се вклопуваат заедно?

Од денешното искуство, одговорот е јасен: „судирот на цивилизациите“ е политика на „крајот на историјата.“ Етничко-религиските конфликти се формата на борба која денес се вклопува во глобалниот капитализам: во нашиот постполитички век, кога политиката прогресивно се заменува со експертска општествена администрација, единствениот легитимен извор на конфликти се културните (етнички, религиски) тензии. Денешниот раст на „ирационално“ насилство на тој начин треба да се конципира како строго корелативен со деполитизацијата на нашите општества – односно, со исчезнувањето на вистинската политичка димензија, нејзиното преведување во различни нивоа на „администрација“ на општествените работи.

„Америка прва!“

Ако ја прифатиме оваа теза во однос на „судирот на цивилизациите,“ единствената алтернатива која останува е мирната коегзистенција на цивилизациите (или на „начините на живот“ – популарен термин денес): значи принудни бракови, мизогино насилство и хомофобија се во ред, се додека тие се ограничени во други држави, кои инаку се целосно вклучени во светскиот пазар.

Новиот светки поредок кој се појавува така не е повеќе фукујамовиот нов светски поредок на либералната демократија, туку нов светски поредок на мирната коегзистенција на различните политичко-теолошки начини на живот – коегзистенција, се разбира, наспроти позадината на непречено функционирање на глобалниот капитализам. Вулгарноста на овој процес е тоа што може да се претстави себеси како прогрес во антиколонијалната борба: либералниот запад не му повеќе дозволено да го наметнува својот стандард врз другите; сите начини на живот ќе бидат третирани како еднакви.

Малку е зачудувачки, тогаш, искажаната симпатија на Робер Мугабе кон трамповиот слоган „Америка прва!“: „Америка прва!“ за вас, „Зимбабве прво“ за мене, „Индија прва!“ или „Северна Кореа прва!“ за нив. Ова е веќе начинот на кој Британска империја, првата глобална капиталистичка империја, функционираше: на секоја етничко-религиска заедница им е дозволено да живеат на свој начин (на пример, убиства поради чест или палење на вдовици од хиндусите во Индија беа дозволени). Додека овие локални „обичаи“ беа или критикувани како варварски или воздигнувани за нивната предмодерна мудрост, тие беа толерирани бидејќи најважно беше тие економски да останат дел од империјата.

Оттука има нешто длабоко лицемерно кај тие либерали кои го критикуваат слоганот „Америка прва!“ – како да ова не е повеќе или помалце тоа што секоја држава го прави, како да Америка нема глобална улога токму заради сопствените интереси. Основната порака на „Америка прва!“ е сепак тажна: Американскиот век е завршен; нема веќе американска исклучителност; Америка си поднесе оставка за да стане само една меѓу нациите. Врвната иронија е што левичарите, кои долго време ја критикуваа САД за претензии да биде глобален полицаец, може да започнат да жалат за добрите стари денови кога, иако лицемерно, САД ги наметнуваше демократските стандарди на светот.

Веќе има знаци дека тоа се случува. Во реакциите за трамповите одмазднички ракетни напади врз сириската армиска база (како казна за употребата на хемиско оружје), контрадикциите помеѓу тие кои му се спротивставуват на (и го поддржуваат) Трамп експлодираа: нападот беше пофален од некои либерали поддржувачи на „човекови права“ и одбиен од некои републикански изолационистички конзервативци.

Гледаме што во пракса значи „Америка прва!“ од следење на известувањето на Ројтерс: „Владин руски тинк тенк контролиран од Владимир Путин разви план како да ги свртат претседателските избори во САД во 2016 во корист на Доналд Трамп и да ја поткопа довербата на гласачите во американскиот гласачки систем, три сегашни и четири поранешни функционери во САД  изјавија за Ројтерс.“ Да, режимот на Путин треба безмилосно да се критикува – но, во овој случај, нели САД регуларно го правеше истото? Дали тим на САД не му помогна на Борис Елцин да победи на клучни избори во Русија? А што за активната поддршка на САД за Мајденското востание во Украина?

Ова е „Америка прва!“ во пракса: кога тие го прават, тоа е опасен заговор; кога ние го правиме, тоа е поддршка за демократијата.

Во овој нов светски поредок, универзалноста ќе биде повеќе и повеќе намалена на толеранција – толеранција за различните „начини на живот.“ Следејќи ја формулата на ционистичките антисемити, нема да има контрадикции помеѓу наметнување на најстрогите „политички коректни“ профеминистички правила во нашите држави, а истовремено отфрлајќи секаква критика за темната страна на исламот како неоколонијална ароганција.

Помеѓу приватен капитал и државна моќ

Во овој Нов светски поредок, ќе има помалку и помалку простор за фигури како Џулиан Асанж, кој, покрај сите неговите проблематични гестови, денес останува најмоќниот симбол на она што Кант го нарекува „јавна употреба на расудувањето“ – простор за јавно знаење и дебата надвор од државна контрола. Не е чудно што, наспроти очекувањата дека Трамп ќе покаже попустливост према Асанж, новиот врховен обвинител на САД, Џеф Сешнс, неодамна изјави дека апсењето на основачот на Викиликс е сега „приоритет“.

Добро е познато што е пред нас: Викиликс ќе биде прогласен за терористичка организација и наместо вистински застапници на јавниот простор како Асанж, јавни фигури кои се добар пример за приватизацијата на заедничкото ќе доминираат. Фигурата на Елон Маск е симболична тука: тој припаѓа на истата серија со Бил Гејтс, Џеф Бејзос, Марк Зукерберг, сите „општествено свесни“ милијардери. Тие се застапници на глобалниот капитал во најзаводливата и „прогресивната“ верзија – односно, во најопасната.

Маск сака да предупредува за заканите кои новите технологии ги претставуваат за човечкиот дигнитет и слобода – што, сè разбира, не го спречува да инвестира во потфат за поврзување на компјутер и мозок кој се вика Неуралинк, компанија која се фокусира на создавање на уред кој може да се вгради во човековиот мозок, со евентуална можност да им помогне на човечките битија да се спојат со софтвер и да одржат темпо со напредокот во вештачката интелигенција. Овие засилувања можат да ја унапредат меморијата или да дозволат подиректно поврзување со компјутерски уреди: „Со време мислам дека ќе видиме поблиско спојување на биолошката интелигенција со дигиталната интелигенција.“

Секоја технолошка иновација е секогаш прво претставена вака, нагласувајќи ги здравствените и хуманитарните придобивки, кои имаат функција да не заслепат од позастрашувачките импликации и последици: можеме ли воопшто да замислиме кои нови форми на контрола ги содржи така наречената „нервна чипка“? Затоа апсолутен императив е да се држи надвор од контролата на приватниот капитал и државната моќ – односно да се направи целосно пристапно за јавна дебата. Асанж беше во право во неговата невообичаено игнорирана книга за Гугл: за да разбереме како нашите животи се регулирани денес и како оваа регулација ја искусуваме како слобода, мораме да се фокусираме на тајната соработка меѓу приватните корпорации кои контролираат нашите „заеднички“ и државните тајни служби.

Денешниот глобален капитализам не може повеќе да си дозволи позитивна визија за еманципираното човештво, дури и како идеолошки сон. Фукујамовиот либерално демократски универзализам не успеа заради сопствените внатрешни ограничувања и неконзистентности, популизмот е симптомот на овој неуспех – неговата Хантингтонова болест.

Заштита на новите „заеднички“ (New Commons)

Во неговата книга Што се случи во дваесеттиот век?, Питер Слодердајк дава свој преглед за што да се направи во дваесет и првиот век, најдобро опфатено во насловот на првите два есеи во книгата, „Антропоцен/Anthropocene“ и „Од припитомување на човекот до цивилизирање на културите.“

„Антропоцен/Anthropocene“ означува нова епоха од животот на нашата планета, во која ние, луѓето, не можеме повеќе да се потпираме на земјата како резервоар спремен да ги апсорбира последиците на нашите производни дејности: не можеме повеќе да си дозволиме да ги игнорираме последиците (колатералната штета) на нашата производност, која не може веќе да се редуцира во позадина на фигурата на човештвото. Мораме да прифатиме дека живееме на „Вселенскиот брод земја,“ па така сме одговорни за неговата состојба. Земјата не е веќе непробојната позадина/хоризонт на нашата производна дејност, излегува како секој (друг) конечен објект, кој можеме ненамерно да го уништиме или трансформираме правејќи го невозможен за живеење.

Ова значи дека, моментот кога стануваме доволно моќни за да влијаеме на најосновните услови за нашиот живот, мораме да прифатиме дека сме само уште една врста животно на нашата мала планета. Нова форма на однос со нашата околина е неопходен откако ќе се реализира ова: не е веќе херојскиот работник кој го изразува неговиот/нејзиниот креативен потенцијал влечејќи од неисцрпните извори на неговата/нејзината околина, туку многу поскромен актер кој соработува со неговата/нејзината околина, постојано преговарајќи прифатливо ниво на безбедност и стабилност.

Значи, со цел да се воспостави овој нов однос со нашата околина, радикална политичко економска промена е неопходна, она што Слотердајк го нарекува „припитомување на дивото животно Култура.“

До сега, секоја култура ги дисциплинираше или едуцираше сопствените членови и го гарантираше граѓанскиот мир меѓу нив во облик на државна моќ, но врската меѓу различни култури и држави беше постојано во сенка на потенцијална војна, при што секоја состојба на мир беше ништо повеќе од привремено примирје. Како што Хегел ја концептуализираше, целосната етика на една држава кулминира во највисокиот акт на хероизам – имено, спремноста да се жртвува животот за една национална држава, што значи дека варварскиот однос меѓу државите служи како основа за етичкиот живот во државата. Денес, не е ли Северна Кореа со безмилосната потрага по нуклеарни оружја и доволно напредни ракети за да достигнат далечни цели врвен пример на оваа логика за безусловен суверенитет на националната држава?

Сепак, моментот кога целосно го прифаќаме фактот дека живееме на Вселенскиот брод земја, задачата која итно се наметнува е цивилизирање на самите цивилизации, наметнување на универзална солидарност и соработка меѓу сите човечки заедници, задача која станува потешка со зголемениот број на религиско и етничко „херојско“ насилство и спремност за жртвување на себеси (и на светот) за специфична кауза.

Мерките предложени од Слодердајк како неопходни за преживување на човештвото – надминување на капиталистичкиот експанзионизам, достигнување на широка меѓународна солидарност способна за формирање на извршна моќ спремна да го наруши државниот суверенитет, и така натаму – не се ли сите тие мерки наменети за заштита на нашите природни и културни заедништва? Ако тие не водат кон некој тип на реконструиран Комунизам, ако тие не имплицираат Комунистички хоризонт, тогаш терминот „Комунизам“ нема значење воопшто.

Заради ова идејата на Европската унија е вредна за борба, покрај мизеријата на нејзиното постоење: во денешниот глобален капиталистички свет, нуди единствен модел на транснационална организација со власт да го ограничи националниот суверенитет и капацитетот да гарантира минимум еколошки и социјални стандарди. Нешто што директно е наследено од најдобрите традиции на европското просветителство. Нашата – Европска – должност е да не се понижуваме себеси како врвни виновници за колонијална експлоатација, туку да се бориме за овој дел од нашето наследство како витален за преживување на човештвото.

Европа сè повеќе и повеќе е сама во Новиот светски поредок, отфрлена како стара, истрошена, нерелевантна, контингентна, редуцирана да игра секундарна улога во денешните геополитички конфликти. Како што Бруно Латур неодамна истакна „ L’Europe est seule, oui, mais seule l’Europe peut nous sauver.“ Европа е сама, да, но само Европа може да не спаси.

Автор: Славој Жижек

Извор: АБЦ