Нова Влада: почетни критички рефлексии (редакциски став)

Се случи долгоочекуваниот „настан“: хегемонијата над државниот апарат го промени своето лице; дали ќе засведочиме и промена на нејзината морфологија? Една од најважните работи кои треба да бидат направени сега од страна на критичката јавност во нашата држава е да се препознаат и внимателно да се проследат новите контури на политичката програма која ја впрегнува во сила новата влада предводена од СДСМ, а која го носи епитетот на реформација. Истата, под мотото „Живот за сите“, претендира да направи сериозни промени во државните институции, насочени кон реконструкција на политичката руина што ја остави во наследство минатата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Акцентот на реформацијата, според нивните најави, ќе биде поставен пред сѐ на подобрувањето на состојбата на судството, здравството, образованието и економијата. Судството би требало да доживее евалуација на своите досегашни кадри, кои во повеќе наврати се покажаа подложни на политичко и финансиско влијание, а потоа да се соочи со промени во регулативата, сè со цел правдораздавањето да се одвива непречено. Образованието би требало да се ослободи од експерименталните политики кои досега му беа наметнувани. Во таа клучна општествена област ќе треба да се воведат нови политики и методи на спроведување кои по својата природа ќе бидат инклузивни во однос на учесниците во образовниот процес и совмесни со нивните реални потреби. Здравството би требало најпосле да се трансформира во вистински јавно здравство за да може соодветно да ги опслужува потребите на граѓаните, а воедно да претрпи измени кои ќе овозможат здравствениот кадар достоинствено да го остварува и да живее од својот труд. Промените во економијата се покажуваат како најклучни бидејќи токму во областа на економијата минатата власт покажа голема непромисленост и отуѓеност кон реалната материјална состојба на граѓаните. Во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беа забележани историски највисоки стапки на социјална раслоеност и материјална беда кај граѓаните (процеси кои истовремено беа проследени со сѐ поголемо концентрирање на богатството во рацете на малкумина). Социјалдемократите ги акцентираат промените во економијата, бидувајќи свесни дека еднаквоста примарно произлегува од оваа област. Претстои да видиме дали овој акцент ќе остане само номинално пласиран или ќе биде пресликан на реалполитички план.

Иако поминаа само неколку дена од изборот на новата Влада, во Собранието на Македонија е евидентен обидот за евалуација на досегашните промени кои ги презеде новата влада предводена од СДСМ. Некои од нив навистина вдахнуваат надеж за структурни интервенции кои би довеле до подобра состојба (на економско, социјално, културно и други рамништа), додека други повеќе се чинат небаре се во функција на одржување на досегашната состојба и заслужуваат да бидат оценети како прилично проблематични.

Една од поекспонираните промени (во најава), која навестува дека СДСМ се подготвени да водат поинаква политика од онаа на ВМРО-ДПМНЕ, е распоредот на кадровските решенија за некои од министерствата. На чело на Министерството за култура е поставен Роберт Алаѓозовски, човек кој одблизу ја познава културата (теориски и практично), што ќе доведе до научно и покадарно изградена перспектива во препознавањето на реалните потреби на културата во нашето општество. На чело на Министерството за финансии се појавува Драган Тевдовски, кој, поради соодветното образование и придржувањето кон економските теории кои ја застапуваат страната на маргинализираните и обесправените групи, делува како да ќе го опфати економскиот интерес на голем дел од нашето општество кој досега беше игнорирано. Како соодветно кадровско решение се појавува и Мила Царовска, која ќе го предводи Министерството за труд и социјална политика, поради својот позитивен претходен ангажман во дадената област.

Покрај кадровските решенија, се истакнуваат и неколку реформски најави кои подразбираат интервенција во некои акутни проблеми во нашето општество. Несомнено, најзначајна реформа е промената на даночната политика, односно воведувањето прогресивен данок, кој ќе има за цел да ја намали економската нееднаквост меѓу граѓаните во Македонија. Несомнено, треба се очекува отпор од крупниот капитал кон ваквите економски политики, но токму според истрајноста и доследноста во нивното спроведување треба да се мери политичкиот успех на новата влада во оваа јадрена општествена област.

Уште една позитивна реформска најава која се надоврзува на прогресивната даночна структура е зголемувањето на минималната и просечната плата, со што би се интервенирало во материјалната состојба на сиромашната класа во Македонија, односно најпотиснатиот општествен стратум.

Она што е исто така позитивно и заслужува забележување се неколкуте поединечни повици (најзабележителен е оној на премиерот Зоран Заев од собраниската говорница) кон помирување меѓу граѓаните на државата, како и најавата на инклузивни политики кои треба да доведат до препознавање и артикулација на заедничкиот интерес на сите граѓани во Република Македонија. Дополнително, кон ваквата позитивна појава тежнее и ветувањето дека кон превработувањето во државниот сектор ќе се пристапи разумно и без брзоплети санкции, сè со цел да се постигне пропорционално распределување на работниот потенцијал во насока на поголема ефективност.

Сепак, не смеат да бидат занемарени и сериозните пропусти кои беа направени паралелно со позитивните исчекорувања на СДСМ, чијашто проблематичност и дивергентност со зададениот курс заслужуваат да бидат забележани.

Првата недоследност, која веднаш паѓа во очи, е неконзистентната критика и однос кон претходниот владин состав и (не)вредностите кои ги застапуваше истиот. Критиката кон работењето на широката дружина на Груевски отпрвин беше обремената со голем наратив и силни обвинувања (вклучително обвинувања за тешки криминални дејствија), а сега станува ограничена исклучиво на неколку министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, без притоа да се инсистира на одговорноста на министрите на ДУИ (нивниот нов коалиционен партнер), кои, доколку СДСМ беа конзистентни во својата критика, ќе беа обвинети барем за премолчување на направените криминали. Се разбира, покрај министерскиот состав, тука е и роднинско-бизнисменската мрежа од заменици, директори и првенци во буџетската распределба, кои го сочинуваат мозокот на криминалниот организам (не мозаик, зашто истиот немаше фиксна минерална структура). Без адресирање на нивните масивни злоупотреби повторно се ништи прагот кој треба да штити од идни криминални политички поплави.

Дополнително, треба да се забележи и недостатокот од критика од страна на СДСМ кон албанскиот национализам во време кога истата партија остро го критикуваше македонскиот национализам подгреван од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Она што се покажува како најпроблематично во односот на СДСМ со коалициониот партнер ДУИ е непоставувањето услови во врска со министерските предлози на ДУИ. Просто е недозволиво во редот на министрите на Владата предводена од СДСМ да се провлечат две личности (Садула Дураку и Хазби Лика) кои се опфатени во хашките случаи. Ваквиот однос на СДСМ е суштинска негација на наративот што тие го градеа години наназад борејќи се против авторитарните политики на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, еднаквоста, правдата и слободата не можат да важат за сите доколку одредени групи се исклучени од нивното спроведување.

Втора критичка забелешка што треба да им се упати во контекст на актуелните настани е популистичкиот начин на носење на Законот за укинување на екстерното тестирање. Прашањето за екстерното тестирање е навистина проблематично, бидејќи поради него се појави голем протестен отпор кон претходната власт и истото беше го насочи вниманието на јавноста кон проблемите на образованието. Но, токму протестите од образованието низ својот развој го расветлија вистинскиот проблем со образованието, од кој екстерното тестирање беше само дел. Имено, во сите артикулации на протестните движења беше навестувано дека во образованието е потребна генерална реформа која ќе ја преиспита и предизвика севкупната негова поставеност. Ова значи дека, за да се интервенира во образовните политики, ќе биде потребно активирање на обемни и квалитетни дебати кои ќе ги вклучат сите заинтересирани страни во образовниот процеси и од кои ќе треба да произлезат решенија кои повеќе нема да бидат парцијални по својата природа, туку ќе имаат генерално влијание врз образовниот процес во насока на опслужување на неговите реални потреби. Брзото носење на овој закон, како и начинот на кој беше донесен многу потсетуваат на политичката пракса на ВМРО-ДПМНЕ, која на ист популистички начин законски реагираше на симптомите, а не на жариштата кои ја предизвикуваа болеста.

Трета забелешка, секако, упатуваме кон изборот на бизнисменот Кочо Анѓушев за вицепремиер за економски прашања, што неизбежно треба да се протолкува како одлука која стои во несогласност со досега најавуваната економска политика на СДСМ. Овој човек ги претставува интересите на онаа класа која досега профитираше и се богатеше за сметка на осиромашувањето на мнозинството граѓани, а која истовремено беше безмалку безгласна во критиката кон политиките на претходната власт. Овој потег се соочи со остра критика од страна на политичката партија Левица, како и на Повелбата за солидарност во која членуваат поголемиот дел од прогресивните синдикати во Македонија. Исто така, овој чекор покрена и неколку барања од страна на работниците насочени кон вклучување поголемо претставништво на работничката класа (пред сè синдикатите) во составот на новата влада, со што би се обезбедила минимална гаранција за одбраната на интересот на работниците.

Четвртата забелешка е во врска со односот на новото мнозинство во парламентот кон Деловникот за работа на Собранието. Начинот на кој беше изгласан новиот Претседател на Собранието, како и начинот на доставување на Владината програма за разгледување на пратениците, оправдано покренаа низа дискусии во јавноста. Не е прв пат во политичката историја на светот да се превозмогнат одредени нормативни одредувања (закони, деловници, поредоци) со цел да се остварат поголеми права, или (иако парадоксално) владеењето на правото во државата да биде овозможено. Но, притоа, важно е да се забележи дека оправдувањето за таквиот чекор традиционално се врзува со зголемувањето или воспоставувањето на одредени (нови) права на граѓаните (човекови права, работнички права итн) или со ослободување од одредени коруптивни делови во власта (олигарси, тирани, деспоти, автократи итн). Во контекст на нашата ситуација за првиот случај не може да стане збор, или барем не може да стане збор додека оправдувањето е сконцентрирано во контекст на вториот случај. Тоа беше насочено кон тоа да се покаже како нужно прекршувањето на одредени норми, сè со цел да се ослободат институциите од корумпираните лица кои ги злоупотребуваат. Бидејќи веќе тој чекор е преземан, новото мнозинство им пресуди на претходните владеачи и сега треба да следи целосно расчистување на претходната корупција и воедно спроведување на правдата. Доколку ова не се случи, тогаш мнозинството мора да ја понесе одговорноста за прекршениот Деловник бидејќи прекршувањето го извеле неоправдано. Кога вака ќе бидат поставени работите, произлегува дека од сега па натаму новото парламентарно мнозинство носи голема одговорност кон граѓаните и нема право на нови грешки. Што значи дека тоа нужно мора да се посвети кон расчистување на криминалот и квалитативно подигање на состојбата на правата на граѓаните во Република Македонија.)

За поздравување е одлуката на премиерот Зоран Заев јавно да се соочи со претставниците на медиумите со цел поконкретно да ги образложи позициите и идните активности на новата Влада, за кои одговорноста во најголема мера ја сноси тој. Овој потег, кој се надеваме нема да биде изолиран случај, е значаен во овој момент, бидејќи најавува враќање на некои демократски практики кои подолго време отсуствуваа во нашата држава.

По однос на многу клучни прашања (изборот на јавен обвинител, регулацијата на медиумите, извесни даночни политики, како и неколку други работи кои беа дел од корпусот предизборни ветувања) премиерот најави дека ќе се активира дебата која би резултирала со соодветен заклучок, кој ќе значи прогрес. Овие најавени дебати, во изјаснувањето на премиерот, беа често атрибуирани со поимите јавност, експертизам, вклучителност (на засегнатите страни). Токму поради тоа, тие оставаат простор на збунетост и нејасност. Владата го црпи својот легитимитет од изборната волја на граѓаните кои ја гласале. Во предизборниот период, партиите кои сега ја составуваат Владата претставија конкретна политичка артикулација заснована врз интересите на конкретни групи граѓани, кои само поради таа причина ја гласаа на изборите. Токму поради тоа, ветувањата за реформи и проекти, барем оние кои го сочинуваа јадрото на предизборната програма, мора да бидат спроведени без коренито преиспитување по однос на процесот на нивната политичка апликација. Во спротивно, излегува дека изборната волја на граѓаните е изиграна или барем фино заобиколена. Дебатата сигурно претставува доблест на политиката, но нејзиниот формат би требало да биде конкретно дефиниран, со цел аргументите јасно да излезат на површина и интересот на сите општествени групи да биде јасно изразен. Покрај ова, недоследно е да се отвораат дебати по повод клучните реформи со цел нивно преиспитување. Напротив, би било полезно да се отворат дебати во насока на квалитетна имплементација на ветените реформи.

Се надеваме дека оваа критика ќе биде сфатена како позитивна и во насока на благовремено препознавање на грешките на политичките фактори во општеството, сè со цел истите повеќе да не се повторуваат, што, впрочем, ја сочинува доблеста на граѓанската должност во секое здраво општество. Воедно, полагаме надеж и во ветувањата на новата власт дека ќе воспостави интерактивен однос со граѓаните со цел да се возобнови демократијата во нашето општество и државниот апарат да стане помалку отуѓен од нужната граѓанска контрола.

Од редакцијата