Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (III дел)

Заинтересираноста на империјалистичките држави за македонското националноослободително движење не доаѓа само како последица на актуелноста на ова револуционерно движење во меѓународните односи, особено во почетокот на нашиот век, туку тоа повеќе било резултат и на создаденото од порано влијание во врска со продирањето на странскиот капитал во Македонија. Како што нагласивме и понапред, странскиот капитал пробивал насекаде во Отоманската империја, а особено ги опфаќал нејзините централни подрачја, најбогатите и стратешки најпогодните делови. А Македонија се наоѓала токму во централниот дел на Империјата, ги зафаќала главните патишта што воделе од Европа кон Азија. Според Кармело Мелија Македонија опфаќала една површина од 65 000 km2, со население приближно над 2 милиона или според вилаети: Солунски – 800 000 (до 1.1 милион), Битолски – 620 000, Скопски 640 000. Забележителен бил и развојот на македонските градови кои според истиот извор имале жители во 1892 и тоа: Солун – 150 000, Битола 42 000, Скопје 32 100, Серес 30 700, Прилеп 22 400 итн. Македонија била предимно земјоделска земја. Таа била една од најпроизводителните земји во Отоманската империја. Само количината на земјата за обработување во Битолскиот вилает според Н. Скрјабин, се движела меѓу 900 000 па до преку 2.5 милиони дунуми. Од земјоделските производи, покрај житните, на прво место стоеле индустриските култури (тутунот, памукот, афионот и др.), чие производство било мошне развиено. Со развитокот на земјоделството било развиено и сточарството со бројните производи, кои служеле, како и производите на индустриските култури, за извоз. Како извозен артикл служеле и рудите, со кои Македонија била особено богата. Но со постоењето на господарскиот османски асполутистички режим, како и со силната странска конкуренција и со пробивот на капитализмот како на село, така и во градот, не било можно да се развие стопанството на поизразито ниво. Особено тоа било карактеристично со опаѓањето на занаетчиството и со слабата развиеност на индустријата. Последната била доста заостаната. Преовладувале мали и преработувачки претпријатија, особено во Солун и во другите македонски градови.

Набележениот стопански профил на Македонија од друга страна и нејзината стратешка положба во рамките на Отоманската империја, мошне јасно ги илустрира причините за силното продирање на странскиот капитал и тенденциите за обезбедување на свои сфери на влијание на ова подрачје. Во Македонија тие наишле на богати природни ресурси, а од друга страна на богати пазари за пласман на своите индустриски стоки. Европските капиталисти мошне одамна ги забележале овие предности на македонскиот терен. Уште патописците на времето, особено во XVII и XIX век, ги подвлекувале овие специфичности. Но поконкретни и евидентни сведоштва од своите дипломатски претставници, кои ги имало во Македонија уште во XVII- XVIII век, а особено зачестило нивното поставување од средината на XIX век, поточно по Кримската војна.

На тој начин Македонија била вовлечена во доменот на европскиот капитал, кој како во останатите делови на Отоманската империја така и овдека силно продирал, особено по Кримската војна. Конкретно обележје тоа добило во растежот на надворешно трговската размена во Македонија, со зголемување на увозот и извозот. Така според најновите податоци, само за периодот на 1879- 1884 година обемот на надворешната трговија се зголемил за 4,7 пати. Додека пак во последната деценија од XIX век Македонија во голема мера се претворила во аграрно – суровинска база. Сега земјоделството сѐ повеќе се ориентирало за потребите на пазарот. Со тоа Македонија била вклучена во светскиот капиталистички пазар. Но, овој европски капитал, што продирал во Македонија бил предимно од колонијален тип.

Вклучувањето на Македонија во европскиот пазар се вршело преку пристаништата и поморските врски, а исто така и преку железниците. Особено истакната улога во надворешната трговија имал Солун. Неговиот трговски подем започнал поизразито да се истакнува по осумдесетите години на XIX век. За овој развиток влијаеле три фактори: 1. Отварањето на Суетскиот Канал, со што светското значење на Солун пораснало; 2. Поврзувањето со железничките линии на поважните центри во внатрешноста на Македонија; 3. Одбивањето на знатен поморски сообраќај преку него, бидејќи бил поврзан со сите европски пристаништа. Пловидбата се раководела предимно од странски пловидбени компании.

Исто така и железничкиот сообраќај во Македонија му служел на странскиот капитал. Европските капиталисти силно биле заинтересирани за изградба на железници, бидејќи и тие започнале да служат како важно транспортно средство на увозот и извозот. Позасилена градба на железнички линии во Македонија започнала по седумдесетите години на XIX век. Така, уште при крајот на овој век Македонија била поврзана со важните магистрали на Средна Европа. Главно, сите железнички линии оделе во правец на морските пристаништа. Нивната улога се состоела во тоа на странците да им го олесни преносот на суровини од внатрешноста и обратно за пласман на европските стоки во внатрешноста.

Создадените поволни можности за поефикасен сообраќај придонеле да се развие мошне поволна надворешно-трговска размена, а со тоа и поголемо продирање на странскиот капитал. До осумдесетите години на XIX век првенствено во ова имал францускиот капитал. Со вложувањето на средства за изградба на важните сообраќајници, пристаништа и други меропретпријатија се овозможило силно продирање на овој капитал и во внатрешноста на Македонија, со очигледен израз на растеж на увозот и извозот. Отпрвин влијанието било изразито на француските капиталисти, кои увезувале колонијална стока, а извезувале од Македонија повеќе суровински производи за потребите на француската индустрија. Покрај ова, биле мошне развиени пловидбените врски меѓу Солун и Марсеј. Но, при крајот на XIX век ова Француско предимство било истиснато од Британските капиталисти, кои сѐ повеќе предничеле на македонскиот увоз и извоз. Британскиот капитал, како и францускиот, бил во знатна мерка ангажиран и во градбата на меропретпријатијата, кои служеле за поефикасно одвивање на трговската размена. Учеството на Велика Британија во македонскиот увоз и извоз била доста голема. Така, во 1893 година вредноста на увезената стока изнесувала 3 196 805 фунти стерлинзи; а вредноста на извезената стока – 1 139 110 фунти стерлинзи. По една деценија, поточно во 1903 година, поради револуционерните настани во Македонија размената донекаде ослабнала и вредноста на увезената стока изнесувала 2 380 188 фунти стерлинзи, а на извезената скоро приближна на вредноста од 1893 година, тоест во вредност – 1 320 916 фунти стерлинзи. Особено вредноста на увезената стока од Велика Британија била мошне голема  и според некои податоци таа изнесувала приближно околу една третина од вкупниот увоз во Македонија. Посебно тоа се одразило врз мануфактурата од Англиско потекло, на кое отпаѓало околу 60% од сето увезено количество на таа стока. Така, според спецификацијата наведена на вкупната вредност на британскиот увоз во Македонија за 1903 година произлегува дека најголемиот дел од вредноста се однесува на увезената британска мануфактура и тоа во износ – 2 288 212 фунти стерлинзи.

Пробивањето на Австро-Унгарскиот капитал во Македонија била исто така изразита. Тоа било стрикно поврзано со Австро-унгарската политика на ова подрачје. Имено, познато е дека Австро-Унгарија, особено по Берлинскиот Конгрес, започнала да ја утврдува својата завојувачка сфера на влијание кон Моравско-вардарската долина. За ова Ф. Енгелс во статијата: „Политичката положба во Европа“, објавена во „Le socialiste“ на 6 ноември 1886 година, пишувал дека Бизмарк ѝ ги оставил на Австрија Солун и Македонија, со што нејзиното влијание започнало да зајакнува на Балканот. Оваа завојувачка тенденција на Австро-Унгарија кон Македонија се потврдувала и од некои нејзини официјални претставници.  Така, Л. Шлуметски сметал дека на монархијата првенствен интерес бил Македонија, тоест трговскиот пат за Солун. Таа нејзина политика била, според, Л. Цвиклински, резултат на нејзината историска традиција, на нејзината историска мисија на ова подрачје. Затоа господарските кругови на Австро-Унгарија настојувале што повеќе да го зголемат и прошират своето економско и политичко влијание во Македонија. Особено тоа дошло до израз при крајот на XIX век. Тогаш, тој однос на Австро-Унгарија нашол особено израз во нејзиниот поволен трговски биланс. Според Ј. Грунцел увозот на Австро-Унгарија во Солунскиот вилает за 1890 година изнесувал по вредност 11,3 милиони франци, а извозот 2.7. За истата година увозот во Битолскиот вилает изнесувал по вредност 1.9 милиони златни гулдени, а извозот 1.8. Во увозната стока главно предност имала мануфактурата, а во извозната индустриските култури. Со проширување на економското влијание се стремело и кон зголемување на политичкото влијание, за чие пласирање Австро Унгарија особено се ангажирала при крајот на XIX век. Не помала улога во пласирањата на европскиот капитал во Македонија имале и германските капиталисти. Во стремежот за загосподарување со Турција како економски, така и политички, тие не ја одминале Македонија. Особено тоа дошло до израз во вложувањата на германскиот капитал во градбата на капитални меропретпријатија во Македонија. Тука, големи вложувања внеле Германската банка за градба на железничка линија Солун – Битола. Увозот на германската стока бил исто така изразит. На прво место во германскиот увоз во Македонија предничеле мануфактурата и железаријата, а од извозните артикли на прво место стоеле индустриските култури. Германската капиталистичка пенетрација во Македонија била поврзана и со политичката, која, како што видовме понапред, особено се зголемила при крајот на XIX век.

Ширењето на економското и политичкото влијание на останатите империјалистички сили на пример, Русија и Италија било исто така изразито. Тие, исто така, биле заинтересирани за пласирање на своите стоки на овој терен, особено на мануфактурните, исто така и за извоз на македонските суровини, на производи од индустриските култури. Со ова била поврзана и политиката за зголемување на нивните сфери на влијание, особено при крајот на XIX век. Сето тоа придонело да се развие конкурентска борба меѓу империјалистичките држави на ова подрачје, на кое се судирале и претплетувале нивните интереси. Сето тоа добило свој адекватен израз во конкуретниот дипломатски и политички однос кон македонското националноослободително движење, кое претставува одделна тема.

Извор: Одбрани дела, Христо А. Полјански, Мисла Скопје 1980

I дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (I дел)

II дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (II дел)


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат. Ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе е текстовите да бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот коj живее во Македонија.