Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (I дел)

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во епохата на империјализмот националноослободителните движења претставувале посебен феномен. Тие се наоѓале на дневниот ред на историската сцена, во времето кога пролетаријатот на преден план ја разгорувал револуционерната борба за соборување на капитализмот. Но, во оваа епоха на империјализмот, како што го подвлекол тоа В. И. Ленин, се  засилиле стремежите кон потчинување на слабите народи, што од своја страна претставувало нов фактор во заострувањето на националното угнетување. Сето тоа било вклопено и опфатено во вителот на големата борба на империјалистичките сили за разделба на светот, во релациите на меѓународната политика, бремена со бројни махинации на империјалистичката дипломатија.

Во таков сооднос на европската политичка сцена се наоѓало и македонското народноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век. Неговата појава токму се граничела со преминот на стариот капитализам во империјализам. Неговиот натамошен развиток стриктно е поврзан и индиректно зависен од политиката на империјалистичките држави, кои во својата борба за економска и политичка поделба на светот, создавале, како што вели самиот В. И. Ленин, цела низа преодни форми на државна зависност. Длабоко заинтересирани за богатствата на Отоманската империја, за нејзините патишта што воделе кон Исток, империјалистичките сили не одминувале да го следат и македонското националноослободително движење, кое ја нарушувало и заострувало рамнотежата меѓу нив. Затоа и определувањето на оваа историско место и заднина на оваа проблематика претставува суштинска страна на прашањето, чии економски аспекти ги разработуваме во овој прилог.

1.

Претварањето на Осмалниската империја во полуколонија на империјалистичките држави одело по еден сукцесивен пат. Уште со капитулациите биле создадени одредени елементи на зависност. Вакви капитулации имале склучено со Портата скоро сите поголеми европски држави. Врз база на овие капитулации европските капиталисти долго време го обезбедувале своето првенство во турските работи. Така, Германија го задржала правото на капитулациите дури и во 1890 година. Со овие капитулации, капиталистите ги затврдиле своите привилегии во врска со слободата на населувањето, неповреденоста на живеалиштето, признавање на секаква дејност во границите на Империјата. Посебни права биле добиени во трговскиот сообраќај, со гарантирана слобода во увозната и извозната трговија.

Гарантирани привилегии во Отоманската империја европските капиталисти добиле и со склучувањето на трговските и други договори и аранжмани. Склучувањето на вакви инструменти особено зачестило по Кримската војна и продолжувало преку целата втора половина на XIX век. На тој начин Турција била поставувана во полуколонијална зависност од европските капиталистички држави. Со тоа нивното влијание во неа сѐ повеќе се зголемувало. Пред сѐ, тоа влијание имало економски и политички карактер. Економската страна на влијанието се огледувала во сѐ посилното продирање на индустрискиот, трговскиот и финансискиот капитал во Турција. Тоа од своја страна имало реперкусии врз општествено-економскиот развиток на Турција, во реформирањето на државата. Но иако тие реформи моментно ги решавале критичните симптоми во турското општество и економиката, тие во главно ги рушеле старите полуфеудални општествено економски односи и создавале нови, капиталистички форми. Но, тоа сепак имало само привремена форма, како резултат на продирањето на новите капиталистички односи во економиката. Спротивно на тоа, претворањето на Отоманската империја во полуколонија на капиталистичките држави се зацврснувало. Европската капиталистичка индустрија имала поголема потреба од турските суровини, а од друга страна и од турските пазари, за пласирање на своите индустриски стоки. Покрај ова, капиталистите почнале да вршат и финансиски грабеж на Турција. Сето тоа придонесувало Турција да запаѓа во сѐ поголеми долгови, а со тоа и во банкротства. Тоа водело кон појавување на економски и политички кризи, кон сѐ поголемото зајакнување на зависноста на Турција од капиталистичките држави. Особено тоа било карактеристично по Берлинскиот конгрес, кога Отоманската империја дефинитивно била претворена во полуколонија на империјалистичките држави.

Зависноста на Отоманската империја од империјалистичките држави особено нашла израз и во нејзината надворешна трговија. Токму тука се одразила капиталистичката експлоатација, потполно загосподарување со турската економика. Особено тоа го констатираме во статистичката евиденција за увозот и извозот на одделни империјалистички земји со Турција при крајот на XIX и почетокот на XX век. Најголем удел во турската надворешна трговија имала Велика Британија, а по неа следувале: Германија, Австро-Унгарија, Белгија, Франција, Русија и Италија. Процентуалниот биланс на увозот на овие држави во Турција, бил во 1890/1891 година, според еден современик, како што следува; Велика Британија – 43,30; Германија – 22,56; Австро-Унгарија – исто; Белгија и Франција – 12,35; Русија – 7,57; Италија – 2,17 проценти. Од овие податоци произлегува дека процентуално најголем увоз на индустриски стоки во Турција имала Велика Британија, а потоа Германија и Австро-Унгарија, а дури по нив доаѓале Франција, Русија и Италија. Што се однесува до турскиот извоз во овие земји констатираме дека тој ни малку не може да се споредува, бидејќи обично секогаш имал пасивен биланс. Уште поизразито овој однос меѓу увозот и извозот го констатираме и во некои евиденции од  1893 и 1930 година. Оваа споредба ја правиме со цел да ја покажеме и економската страна во влијанието на империјалистичките држави врз Отоманската империја во оваа деценија на бурни настани, со кои била зафатена. Империјата на „Болниот човек“. И понатаму на прво место стоела Велика Британија. Имено, нејзиниот увоз во Турција во 1893 година изнесувал 6,191,272 фунти стерлинзи; додека нејзиниот извоз од Турција за истата година изнесувал 4,978,721 фунти стерлинзи, што значи дека и од овој податок произлегува дека вредноста на увозот на британски стоки во Турција била поголема од таа на извезената стока и суровини. За 1903 година констатиравме извесно намалување во вредноста на внесената стока. Така увозот изнесувал 5,747,734, а извозот – 5,859,132 фунти стерлинзи.

Што се однесува до останатите империјалистички држави добиваме, исто така, интересни податоци за нивниот трговски сообраќај со Турција. Имено, вредноста на увезената стока од Германија во Турција за 1893 година изнесувала 40,942,000 а во 1903 година- 50,181,000 марки, што значи едно осетно зголемување за околу 10 милиони марки во извозот на германската стока за Турција.  Во врска со извезената стока од Турција за Германија бележиме дека вредноста за изнесената стока за 1893 година изнесувала  16,551,000; а за 1903 година – 37,538,000 марки. И тука забележуваме видно зголемување на вредноста на операциите. Додека пак, ако се направи споредба меѓу увозот и извозот констатираме дека увозот на германска стока бил поголем од извозот на турска стока. Ваков сличен резултат констатираме и во статистичките податоци за трговскиот сообраќај на останатите сили со Турција, освен што, за разлика од нив, се одделувала Франција, која имала во овој период обратен обрт во меѓусебната размена.

Сето понапред споменато потврдува дека Турција во својата надворешна теорија со империјалистичките држави во главно имала пасивен биланс, што било резултат на полуколонијалниот карактер на нејзиното стопанство. Тоа, од друга страна, имало осетно и изразито влијание и врз надворешно-политичките односи на Отоманската империја, која, фактички, и во политички поглед се наоѓала во зависност од империјалистичките држави. Последните, како што и во претходното излагање нагласивме, дејствувале да зафатат во неа што поголеми позиции, во врска со водената експанзионистичка политика за обезбедување на важните стратегиски точки, кои тогаш минувале преку големата Отоманска империја. Затоа во ова подрачје се крстосувале и се судирале нивните противречни интереси. Меѓу нив особено се издвојувале Велика Британија и Германија, чии интереси видно се додирнувале на овој терен. Ако позициите на Велика Британија  во Отоманската империја биле по Берлинскиот конгрес особено влијателни, при крајот на XIX век тие ѝ го отстапиле местото на Германија. Пробивот на Германија на Исток во ова време, како што и понапред наведовме, бил особено експанзивен. Р. Пинон истакнува дека германското економско и политичко влијание во Цариград се афирмирало сè повеќе и повеќе во последните години на XIX век. Но фактички посетата на Вилхелм II на Цариград во 1898 година го демонстрирала, како што вели Е. В. Тарле, почетокот на активната политика на Германија на Балканот и во Мала Азија. Со оваа посета германско-турските односи станале поактивни. Германија добила низа концесии, особено за градба на Багдадската железница. Со ова на германската индустрија и се отворил златен век. Меѓутоа колку германското влијание да јакнело кај Портата, толку и останатите сили, особено спротивниот блок на Антантата, не мирувале во спротивставувањето на таа германска експанзија. В. И. Ленин го интерпретира пишувањето на Алфред Лансбург во статијата: „Економското значење на византизмот“ кој се осврнал на реперкусиите на германската блискоисточна политика и за градбата на Багдадската железница, која придонела на германското „опкружување“, т.е. тенденцијата на Велика Британија да ја изолира Германија и да ја опкружи со обрачот на империјалистичкиот противгермански сојуз. Таквата констелација на односите нужно водела кон сочувување, по секоја цена, интересите во Турција, а во моменти на усложнета ситуација и на револуционерни движења, заштита на нејзиниот интегритет до најможна мера.

Извор: Одбрани дела, Христо А. Полјански, Мисла Скопје 1980

II дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (II дел)

III дел: Економските аспекти во односите на имеријалистичките држави кон Македонија и македонското националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век – Христо Андонов Полјански (III дел)


Во оваа едиција ќе бидат (пре)објавувани текстови кои во текот на историјата доследно ги опишувале, објаснувале, толкувале и, со еден збор, ги разбирале политичките, економските и социјалните состојби во кои се наоѓал народот кој ја населувал територијата на Македонија во XIX, XX и XXI век. При изборот на текстовите, ќе влијаат неколку критериуми, меѓу кои: прецизноста на анализите кои ги содржат, јасноста и разделноста на аргументацијата, вредностите кои ги застапуваат. Ќе се претпочитаат оние текстови кои застапуваат вредности кои ги интегрираат сите народности на територијата на Македонија, а важен критериум ќе е текстовите да бидат дополнително приоретизирани според влијанието што го извршиле на политичката стварност низ годините во Македонија. Сумирано, задачата што оваа едиција си ја предназначува е потретирање на севкупната политичка стварност во Македонија сè со цел современата теоретска мисла, која се обидува да ги опфати современите околности во кои се наоѓа Македонија, да може полесно да ги препознае контурите на македонската политика, како и соодветно да го води својот развој во дослух со нив.

Се надеваме дека овие текстови ќе послужат, пред сè, како провокација за размислување, а потоа и како правец во кој може да се движи критичката политичка мисла, но и како лакмусова хартија со која би се оценувала политичката зрелост на народот коj живее во Македонија.