Како се укина екстерното?

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Се укина екстерното оценување, не се укина „мој термин“, домашните инвеститори не добија субвенции како странските инвеститори, работниците во стопанството не добија повисоки плати. Зошто од сите претходно наведени прашања приоритет доби екстерното? Што го постави екстерното толку високо на листата на приоритети на неодамнешната опозиција? Одговорот на тие прашања води до неформалната група на наставници здружени заради граѓанско дејствување – Наставнички Пленум. Една кратка споредба помеѓу дејствувањето на таа група со (не)дејствувањето на Стопанската комора и Сојузот на синдикати на Македонија, коишто патем се платени од своите членови, дава една слика на што би можело да биде поинаку.

Наставничкиот пленум беше инициран од мала група храбри и решителни наставници решени да не гледаат немо на лошите реформи во образованието и премолчувањето на Синдикатот за образование наука и култура. За кратко време групата го зголеми членството и почнаа да се објавуваат првите анализи на лошите реформи, а Пленумот стана популарен кај наставничката фела. Беше организиран и првиот протестен марш, следеа бројни закани, уцени и притисоци, но пленумскиот дух не потклекна, иако на вториот протест посетеноста беше помала. Беше поднесена иницијатива до Уставниот суд за оценување на законитоста на екстерното оценување врз основа на свидетелствата коишто според законот за екстерно се сметаат за преодни и со негативна оцена. Уставниот суд кој еднаш прифати за валидна иницијатива со истиот аргумент, овој пат потфрли и оцени дека екстерното оценување е уставно. Сепак големиот број на потписи собрани при поднесувањето на иницијативата не остана незабележано. Тоа беше јасен знак дека во сите градови има луѓе коишто се спремни да дејствуваат против лошите реформи.

Лошите реформи во образованието може да ги споредиме со политиката на субвенционирање на инвестициите, односно само инвестициите на странските инвеститори. Повеќе години државата ја субвенционира изградбата на фабрики и работењето на странски фирми со пари на граѓаните. Рамниот данок, за којшто верувам дека е уште една штетна реформа, значи дека сите плаќаат ист процент на данок, сепак бизнисмените во вкупна сума плаќаат повеќе од работниците, прашањето е што добија тие од тоа? Освен тоа секоја фирма издвојува пари за Стопанската комора на Македонија – што направи таа за своите финансиери? Ситуацијата е таква што бизнисмените и работниците (граѓаните) плаќаат данок, а политиката на државата е таква што тие што плаќаат не можат да добијат ништо доколку инвестираат. Доколку пак, се појави некој што не плаќал т.е. странски инвеститор тој има право на субвенции за својот бизнис. Освен молби за промена на таа апсурдна политика, Стопанската комора не направи ништо за да си заштити своите членови, односно финансиери. Освен тоа, слушавме многу бизнисмени коишто се жалат на невратениот ДДВ и огромните долгови што државата ги има кон реалниот сектор, но никој, ниту одреден бизнисмен, ниту Комората не поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Член 211 од Законот за извршување според кој прифатни субјекти не може да извршуваат од државата, со што е спротивно на еднаквоста предвидена со Уставот, односно членот 211 го става државниот капитал како приоритетен над приватниот.

Недејствувањето не е само карактеристика на Комората, синдикатот на работниците во стопанството не направи ништо за неговите членови, односно финансиери да профитираат од странските инвестиции иако парите за субвенции се и нивни. Поапсурдна од недејствувањето на синдикатот е секако ситуацијата во која работниците со најниски плати во Европа за 1ви мај одат на пикник, наместо на првомајски протест, синдикатот не направи ништо да ја разбуди свеста за права на работниците, ниту на оние кои му се членови, ниту на потенцијалните членови. Темите со кои се асоцира ССМ се скапи коли на претседателот, протерување на грански синдикати и други внатрешни борби. Се сеќавам на првомајскиот протест на 1ви мај 2016 во којшто гранските синдикати што го поддржуваа тогашниот лидер стоеја на една страна (кон ГТЦ), а гранските синдикати што не го поддржуваа раководството на ССМ заедно со неврзаните синдикати на спротивната страна (кон Олимписки базен).

Да сумираме, иако малубројни, без организациона или хиерархиска структура, без лидер што го плаќаат, без формална организација, наставниците од Пленумот се организираа и во повеќе наврати успеаја проблемите во образованието да ги наметнат како предмет за јавна дебата. Тоа го направија до таа мера што Екстерното стана прва точка на дневниот ред на новата влада. За разлика од нив Комората и ССМ беа неактивни и не се изборија за ништо. Замислете Комората цврсто да го бранеше ставот нејзините членови да имаат најмалку исти права со странските инвеститори, затоа што плаќаат и за членството во Комората и за парите од кои се даваат субвенции. Замислете ССМ да бараше сите субвенционирани инвестиции да исплаќаат минимална плата од 15.000 денари, нели и членовите на ССМ платиле и за членството и за субвенциите.

Влатко Секулоски

Inline
Inline