Екстернoтo укинaтo, штo ќе oстaне вo сеќaвaње и кaкo пoнaтaму?

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Со усвојување на измените на Законот за основоно образование, Законот за средно образование како и Законот за наставници во основните и средни училишта, на први јуни 2017 година, се укина екстерното тестирање. Учениците и наставниците во основните и средни училишта, во последен момент се “спасија” од овогодинешното тестирање кое беше закажано за само неколку дена. Новите законски измени се донесени како предлог на Министерството за образование, во новата влада. Но што стои зад оваа одлука?


Уште во учебната 2012/2013г. кога за првпат беше спроведено екстерното тестирање, како мерка за надворешна евалуација на работата на наставниците, се пројави одредена доза на незадоволство и негодување кај сите чинители во образованието. Иако беше најавено дека есктерното тестирање ќе се спроведе по примерот на моделите во земјите од Европската унија, на дело се покажа дека проектот не наликува на ниту еден механизам за надворешна евалуација на квалитетот на наставата во други земји. Покрај своите суштински недостатоци и нелогичности, проектот екстерно тестирање се соочи и со бројни технички недостатоци и грешки, што директно одеа на штета на ученикот и на наставникот. Екстерното тестирање се покажа како мерка која создаде стрес во образовниот процес и уште повеќе знаењето го сведе на бројки. Незадоволството кулминираше со промените во државната матура, кога најавија дека математиката ќе се воведе како задолжителен предмет и дека полагањето ќе се одвива електронски. Тогаш средношколците, по пример на студентите се организираа во пленуми во рамки на своите училишта и започнаа еден процес во кој требаше да бидат консултирани и да имаат удел во одлуките кои се однесуваат на нив. Во борбата се приклучи и голем дел од наставниците. Средношколците неколку пати излегоа на марш, откако тоа не вроди со плод успеаа да организираат бојкот на настава во огромен број на средни училишта во повеќе градови во Р.Македонија. Меѓутоа, откако и тоа не беше доволно, учениците организираа камп пред Министерството за Образование, таканаречен “средношколски фронт” кој опстана неколку недели. Во целиот овој процес, учениците успеаа да издејствуваат само една средба со тогашниот министер за образование Абдулаќим Адеми, и се соочија со неверојатен притисок, закани, етикетирања, саботажи и т.н. Целиот овој процес има многу подлабоко значење. Имено, средношколците по пример на студентите, покажаа неверојатен демократски капацитет, познавање на своите права, покажаа неверојатна решителност и упорност, искрена желба за промени, бидејќи тие веќе за една до две години заминаа од средношколските клупи, но имаа желба на помалите генерации да им остават поквалитетно образование.Средношколците развија солидарност на ниво невидено дотогаш во Македонија. Тие успеаа да изградат мрежа во скоро сите градови во Македонија во која што партиципираа ученици од сите националности. Средношколците во тој преиод ја освежија и раздрмаа тогашната учмаена и бајата атмосфера, по што започна процесот на будење на гневот кај граѓаните и серија протести за најразлични прашања во Македонија. Постарите генерации дефинитивно научија лекција од студентите и средношколците.


Го поздравуваме укинувањето на екстерното тестирање, како еден стресен проект кој донесе штета наместо бенефит во образованието, од страна на новата власт. Меѓутоа улогата на самите средношколци и наставници во целиот овој процес не смее на биде минимизирана и заборавена. Покрај тоа, цврсто се надеваме дека реформите во образованието нема да запрат тука. Образованието е еден од најурнисаните ресори во државата. Потребна е длабока и темелна реформа во поглед на наставната програма, материјалите, наставниот кадар, финансирањето на образованието, високото образование, условите за работа и т.н. Будно ќе ја следиме работата на новата власт во поглед на образованието и ќе бидеме максимално посветени во насока на анализа и критика на постапките на новите образовни власти се со цел да дадеме наш придонес за подигање на квалитетот на образованието, бидејќи тоа е од клучно значење за напредокот и прогресот.

Никола Крстевски

Inline
Inline