Ристо Николески: Синдикатот треба да биде коректор на погрешните политики на политичките елити

По повод третиот конгрес на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО), редакцијата на Антропол направи интервју со Ристо Николески, член на Советот на МЕСО и претседател на Синдикалната организација на МЕСО при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид

Каква е состојбата со правата на вработените во образованието? Колку тие се почитуваат, колку им се почитува достоинството и дали трудот им се плаќа соодветно?

Би започнал со еден парадокс. Семејство со двајца високообразовани, вработени во образование, не можат во нивниот живот да заработат доволно за да го решат нивното станбено прашање и високо да образуваат две деца. Свесен сум дека луѓето коментираат за нас, односно основата на претходната власт и нивната политика беше деградирање на професијата наставник: дека во главно ние не работиме, дека работното време ни е 4 часа дневно, но не треба да се споредуваме со другите гранки во нашето општество. Ние образуваме и нашата функција е, всушност, да образуваме луѓе. За тоа сме платени, а не за тоа колку часа работиме. Не треба така да се гледа нашата работа, туку да се цени нашиот труд вложен во образувањето на нашите деца. Колку сме почитувани во нашето општество зависи од луѓето. Во однос на работничките права, се соочувавме со ненавремено исплаќање плата т.е. во изминатиот период таа се исплатуваше околу 20-ти во месецот, додека, според законот, рокот за исплата на платите е до 15-ти, а според колективниот договор – до 10-ти во месецот. 

Наставничкиот пленум прв го крена гласот против екстерното тестирање. Кое е вашето мислење за екстерното тестирање? Зошто тоа предизвика толкаво незадоволство?

Сега во медиумите излезе и за тоа кој прв го крена гласот против екстерното тестирање. Не треба да се зборува за тоа кој прв го крена гласот, во главно сите професори, односно целата наставничка фела беше против екстерното тестирање. Хипокризија е да кажувам кој прв го крена гласот. Зарем е битно?! Но, што се однесува на тоа кој направи чекор кон таа цел – да, тоа беше наставничкиот пленум, со поднесувањето на иницијативата пред Уставниот суд за екстерното тестирање да биде укинато. Зошто тоа да биде укинато и зошто наставниците се за укинувањето беше наведено во иницијативата. Екстерното треба да биде укинато бидејќи тоа беше само ширење популизам од страна на претходната власт – дека со тоа некако ќе се стегне онаа заспана маса кај професорите, дека ќе се поттикнат за работа. Крајната цел беше преку казнување и наградување на професорите кај нив да се случи еден натпревар за да се отстрани непотизмот во оценувањето. И сѐ се доведе до тоа учениците да учат факти, а не да се развива нивното критичко размислување. Моето мислење за тоа во што нашето образование има потреба од суштински реформи е – промена и надградба на наставната програма. Самите учебници треба да се возобноват, да се реформираат. Суштински, а не да се направи само маска. Екстерното тестирање или евалуација во другите земји го има за да се откријат недостатоците во наставната програма. Се тестира по одредени предмети во одредени региони. Одредени ученици се тестираат по еден предмет и тоа не влегува кај никого во успехот. Доколку само во одреден регион имаме слаба оцена по предметот, тогаш имаме проблем со наставниот кадар од тој регион. Доколку имаме проблем на територијата на цела Македонија, тогаш проблемот е во соодветството на наставната програма по предметот. Со тоа треба да се увиди дали наставната програма соодветствува или е приспособена за учениците. Покрај тоа, екстерното треба да се укине и поради тоа што неговата реална цел е – казнувањето наставници. Тоа во пракса е потврдено и во училницата, или кај учениците: воспоставувањето метод или авторитет со казнување е психолошки и педагошки погрешно, тоа многу одамна е завршено.

Според најавите од парламентарното мнозинство, екстерното тестирање набрзо ќе биде укинато. Дали борбата за правата на вработените во образованието со тоа ќе престане и, ако не, кон што треба да се насочи?

Не би требало укинувањето на екстерното тестирање да биде само уште еден популистички потег, бидејќи со тоа не би можело да се подобри целосно образовниот систем. Тоа е како еден вирус поставен во нашето образование, го тргаш вирусот, но на системот му е потребен upgrade. Борбата треба да се насочи кон подобрување на образованието во целост. Оставање простор на креаторите на образовната политика, морално да се тргнат рацете на политичарите од образовниот кадар. Исто така треба да се насочиме кон подобрување на платите во образование. За што треба ние да се бориме понатаму и треба да целиме е да се оди според законот за минимална плата кој вели дека тој се утврдува или се зголемува минималната плата во зависност од трошоците за живот во Република Македонија, социјалните движења и социјалните промени во државата. При утврдувањето на најниската плата во образование, доколку се зголемува минималната плата во јавниот сектор и другите сфери од општеството, правопропорционално треба да оди и со најниската плата во образование. Коефициентот во образование за наставници е 2.53. Тие не треба да ни ја зголемуваат платата, туку да ни ја исплатат онаа плата за образование која е пропишана со законите во Република Македонија. Тие само треба во целост да се спроведуваат и почитуваат. Коефициентот за образование во Македонија, пред утврдување на минималната плата или преминот од нето во бруто т.е. превозот и хранарината се воспоставија во нето плата беше 3.5, но откога тоа се случи, тој се намали на 2.53. Ако го кажам ова ќе звучи дека ние премногу бараме, но тоа е таа вистинска плата која ние ја заслужуваме.

МЕСО минатата недела го одржа својот Трет конгрес. Што би издвоиле како важно од конгресот и дали гледате иднина во синдикалното делување? Во таа насока, зошто според вас и вработените во образованието и, воопшто, сите вработени во Македонија, со недоверба гледаат на синдикалното организирање?

Поради искуствата кои ги имаме со синдикалните организации и Сојузот на синдикати на Македонија, логично е да имаме стереотипи или недоверба кон синдикалното организирање. Треба да веруваме во синдикалното организирање, тоа никако не треба да замре. Јасно ми е дека тоа е еден од најгорливите делови од нашето општество, покрај политизацијата која се врши во сите сфери на нашето општество. Синдикатот треба да биде коректорот на тоа, односно оној кој се бори за правата на вработените. Прегрубо би било да речам мора, но треба да веруваме во синдикатот и таму треба да се токму оние луѓе кои заслужуваат да се на тоа место и кои се борат за правата на вработените во образованието. Синдикатот треба да биде коректор на погрешните политики на политичките елити.

И верувам дека МЕСО ќе функционира онака како што е наведено во програмата за работа во наредниот период. Дека ќе се бори за правата на вработените во образование и залага наставниот кадар да биде почитуван онака како што е почитуван во земјите на ЕУ.