Од борец за социјална правда до социјален случај

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Неодамна јавноста беше запозната со ситуацијата во која најде нашиот сограѓанин Орданче Бошковски од Кавадарци. Специфичноста на неговиот случај е тоа што преку него јасно се разоткри трулоста на нашиот систем. Односно систем кој пред се го експлоатира работникот, не му пружи никаква заштита и на крајот го онеспособува да дури и самиот да се бори против неправдите кои му се нанесени. Во случајот на Орданче сите овие работи се очигледни.

Орданче Бошковски целиот свој работен стаж го поминува како рударски работник и тоа прво десет години во Рудкоп (1998 до 2008), а потоа од 2008-9 па до 2017 во Фени Индустри. Во сите овие години на чесен труд изминат во организација на овие фирми Орданче полека ја стекнува довербата меѓу своите колеги и на изборите за членови на синдикaлното собрание на работниците во ФЕНИ одржани во 2016 тој е избран заедно со други членови во неговиот состав. Во ноември истата година од страна на собранието тој е избран во ХТЗ комисијата на синдикатот, со цел да ги брани правата и интересите на вработените во фабриката. Поради лошата состојба во која се наоѓа фабриката (кратење на платите на вработените, намалување на капацитетот на производство, отпуштање на работници од работа), како и во согласност со должноста која му е доверена од страна на своите колеги, на собранието на синдикатот кое се одржува во ноември 2016, Орданче одлучува да го крене својот глас по повод неправдата која им се нанесува на вработените во фабриката. Набргу по ова собрание Орданче постанува мета на мобинг и низа други притисоци кои ги доживува на своето работно место. Ваквиот однос кон него од страна на раководниот тим на фабриката кулминира со суспензија од работното место под изговор дека фабриката претрпела материјална штета поради негово неодговорно работење. Одлуката за суспензија во својата формулација е крајно проблематична и по нејзино разгледување од страна на дисциплинската комисијата е утврдено дека материјалната штета која ја претрпела фабриката не е настаната по вина на Орданче. Набргу по овој неуспешен обид за отстранување од работното место на Орданче му е врачен отказ со образложение дека на некој од неговите ФБ статуси најавувал правна пресметка со оние кои се виновни за кршењето на неговите работнички права.

По ваквиот развој на настаните случајот на Орданче е заборавен и истиснат од јавноста. Денес на грбот на Орданче се натрупуваат многу семејни трошоци кои тој не може да ги исплати бидејќи неговите приходи се ускратени на ваков неправеден начин. Овој човек, кој 19 години чесно ја работел својата работа и достоинствено застанал во одбрана на правата на работниците, денес е граѓанин од втор ред бидејќи не може да си пружи одредени социјални добра кои, по правило, би требало да ги уживаат сите граѓани на едно современо и здраво општество.

Во ваков или барем сличен контекст се наоѓа мнозинството македонски граѓани. Беспомошноста на работникот во однос на својот газда, на потчинетиот од надредениот, на обичниот човек од функционерот или државниот службеник, е контекст кој ги опишува судбините на граѓаните во Македонија независно од нивните разлики. Албанецот е беспомошен во однос на својот газда, Македонецот е беспомошен во однос на својата локална власт, Ромот е беспомошен во однос на полицаецот итн. Фактичката состојба на беспомошност и чувството кое ја придружува се главните компоненти на нашата стварност, тоа е всушност граѓата од која е сочинета нашата стварност. Но, иако фактичката состојба е таа, јавноста во нашата држава претпочита да негува поинакви теми и проблеми. Национализмот, ксенофобијата, корупцијата и омразата одново и одново се сервираат како главно јадење на нашата трпеза. Заедничкото меѓу овие најфреквентни теми е нивната функција. А таа ја извршува дејноста на поделбата меѓу граѓаните. Имено, национализмот, ксенофобијата, корупцијата и омразата никогаш нема да ги спојат меѓусебе различните луѓе во борбата против заедничката неправда, туку ќе го направат токму спротивното. Албанецот, Македонецот, Србинот, Бошњакот, Влавот преку дејство на овие исклучителни вредности секогаш ќе претпочитаат попрво да се свртат против себе отколку против заедничкиот обесправувач.

Нам ни останува да се запрашаме: во чив интерес е суштинските проблеми, независно дали економски или социјални по својата природа, редовно да се затскриваат? Зошто систематски се работи на ослабување на моќта на обичните, сиромашните и трудољубивите луѓе? Во чив интерес е нивната (економска и политичка) немоќ да се злоупотребува низ целиот политички процес, заклучно и со изборите? Зошто онеправдените, обичните, работниците не се успеваат да се организираат во сериозни политички организации и да се борат против ваквата стварност? Ова се само дел од прашањата за кои вреди да се размислува кога се обидуваме да го најдеме коренот на неправдата во нашето општество. Нивниот одговор можеби нам и нема да ни се допадне. Но извесно е дека е крајно време, како граѓани, да почнеме да си ги поставуваме и во согласност со одговорите да ги исцртуваме своите долгорочни политики.