Ќе имаме ли подобро образование со отфрлањето на екстерното тестирање?

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Ставовите изразени во оваа колумна не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Едните велат дека постоењето на екстерното тестирање е проблем, затоа што не се посветувало внимание на квалитетот, туку на квантитетот, а другите, екстерното тестирање го гледаат како мерило на знаењето.

Јас не се согласувам ниту со едните, ниту со другите. Екстерното тестирање ниту може да го подобри образовниот систем, ниту пак може да го влоши (дали е воопшто возможно да е полошо од сега?).

Сакам да направам краток осврт на аргументите против екстерното како поранешен член на Студентскиот пленум. Студентите и средношколците беа обединети околу истите аргументи. Не, не сакаме екстерно! Не сакаме затоа што со тоа се обрнува внимание на квантитетот наместо на квалитетот! Не сакаме, затоа што еден тест не може да го оцени нашето знаење! Не сакаме, затоа што екстерното е создадено за да се казнуваат професорите! Сето тоа е во ред, држи вода, но проблемот не е во екстерното тестирање, туку во целиот образовен систем (нешто што, за жал, ретко се споменува).

Образовниот систем го разбирам како дрво кое има корени, гранки и плодови. Екстерното е неуспешен плод, против кој се боревме и кој ќе се отфрли. Но, што ќе правиме со гранките и корените? Зарем тие исти гранки и корени нема повторно да произведат исти плодови? Зарем не треба ние да се бориме против причините кои довеле до екстерното, а не против самиот „плод“? Зарем не треба да спречуваме наместо да лекуваме?

Сè додека образованието почива на вакви нестабилни темели, ние ќе се соочуваме со исти или слични проблеми. Без разлика на екстерното, ние повторно ќе имаме дипломи без знаење, повторно ќе имаме апсолвенти кои на крајот од нивното студирање ќе се сеќаваат само на нивните фотографии со капи.

Кога велам „нестабилни темели“, мислам на очекувањата на учениците/студентите, а од друга страна и на нивните родители и професори. Нашиот образовен систем се темели на добри оценки и добро поведение, но што се крие зад оцените? Учениците и студентите се среќни кога добиваат петки и десетки – нивната борба се сведува на тоа, без притоа да се запрашаат дали ги заслужиле истите. Нивната приказна завршува со добивањето на оценката. Моментите кога оценката се внесува во свидетелсто или индекс се моментите кога се брише и тоа малку знаење од меморијата на учениците/студентите.

Слична е приказната со родителите. Горди на оценките на своите деца, тие забораваат дека образовните институции постојат за образување на нивните деца, а не за нивните лични каприци, односно фалење пред колегите и соседите, чие дете има подобар успех. Доказ за ова што го кажувам е општо-познатото прашање „што доби на писмената/тестот“. Ако одговорот е задоволителен, тогаш не се преминува на следното прашање – „што научи“.

Професорите, кои треба да ни бидат ментори и да не научат на правилните вредности, за жал се претворени во машини за пишување „добри“ оценки. Нивне ги засега дали успеале да го пренесат нивното знаење, не ги засега што тие ученици/студенти ќе прават со дипломите кои се само добра фасада на нивното незнаење. Истите тие, нашите водичи кои треба да не водат во светот на образованието, се задоволуваат со умилкување, а многу често го закопуваат и така лошото образование со тоа што ќе примат мито.

Ако сакаме подобро општество, овој систем мора да се промени, а тоа не може да го направи еден човек, туку е потребно сите горенаведени субјекти да придонесат. Најголемата задача би ја имале родителите и професорите, кои ќе им објаснуваат на нивните деца дека на училиште одат за да се стекнат со знаење, а не со одлични оценки. Знаење кое подоцна ќе го употребат во секоја сфера од нивниот живот. Треба да им се каже дека оценката без знаење не вреди ништо, дека е само обична бројка, со која не можеш да придонесеш во општеството. Тука морам да ги споменам и приватните курсеви и часови, кои ги посетуваат учениците за да покажат успех, успех во институцијата во која отишле за да се стекнат со знаење. Каква иронија!

За да се случи сето ова што го пишувам, потребни ни се драстични промени, не само во сферата на образованието, туку во целото општество. Сè е поврзано и подредено во систем, а ние имаме проблем со функционирањето на системот. Нашите вредности се лажни, обрнуваат внимание на формата, а не на содржината – нешто што претставува колективен проблем, а не индивидуален. Ваквите проблеми, колку и да изгледаат ситни и незначајни, на крајот ни се враќаат како бумеранг, бидејќи „децата“ со добри оценки (а воедно и „празни“ од знаење) растат, се вработуваат, но не знаат да работат. За да го спречиме понатамошното „умирање“ на образованието, треба здружено да се бориме против овој проблем, за да се извлечеме од пропаднатиот образовен систем, а со тоа да придонесеме во целокупниот систем, кој очигледно е проблематичен.

Подобро образование е можно, подобро образование е нужно!

Џејлан Велиу

Inline
Inline