Денот Т

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Вчера, Специјалното јавно обвинителство одржа прес конференција на која отвори три нови истраги – Тревник, Траекторија и Талир.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, е главниот осомничен во случајот Талир, за нелегално финансирање на неговата партија, при што постои сомнеж за злоупотреба на 4,9 милиони евра. Обвинителката Фатиме Фетаи посочи дека парите биле злоупотребени во период од 2009 до 2015 година, а во случајов, освен Груевски, се осомничени уште 14 лица. Обвинителките побараа уште денес да се замрзне дел од имотот на партијата, вклучувајќи ја и зградата во која се наоѓа штабот на ДПМНЕ.

Случајот Траекторија се однесува на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, а според сомневањата, четири лица (поранешни високи функционери) ги пречекориле овластувањата и направиле штета во Буџетот од 155.117.172 евра. Првоосомничен во овој случај е Никола Груевски.

Истрагата Тревник се однесува за бесправна изградба на три викенд куќи во населбата Зелениково при што се осомничени три лица.

Обвинителката Катица Јанева побара продолжување на мандатот и нагласи дека СЈО е на вистински пат да истрае во борбата против криминалот. Но, да не заборавиме дека СЈО единствено може да го казни криминалот, а не и да ги отстрани механизмите кои истиот го овозможуваат – тоа е задача за новата влада. Како што веќе посочивме (во текстот „Крупниот капитал секогаш на страната на победниците“) и како што може да се забележи во предлог програмата за Влада, суштинска промена од таков вид не е најавена од страна на СДСМ – напротив, тие ја продолжуваат праксата на ВМРО-ДПМНЕ, директно вклучувајќи го бизнис секторот во креирањето на политиките во Република Македонија.

Сомнително е зошто се уште се фаворизира интересот на бизнисот, откако истото резултираше со рекордно висока економска нееднаквост и со деградирачки услови за работниците низ изминативе години. Би било навистина поразително доколку имаме потреба од ново СЈО за 12 години.